14.8 C
Скопје
27 јули, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Мицкоски го повикува Мицотакис да го срушат Преспанскиот договор

Пишува: Денко Малески

Нашиот иден премиер и водач на партијата ВМРО-ДПМНЕ Мицковски му нуди на грчкиот премиер и лидер на Нова демократија Мицотакис да му се придруи во рушење на Преспанскиот договор. „Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор бидејќи ниту на едните ниту на другите не им се допаѓа тој договор“, ќе изјави Мицковски. Тоа што му се обраќа на политичар кој во Договорот ги оспорува „македонската нација“ и „македонскиот јазик“, се чини помалку важно. Не ја разбирам логиката.

Замислете го Преспанскиот договор како мост за комуникација меѓу две држави чии народи, во огромното мнозинство, не го прифаќаат. Тој мост го изградија и го кренаа високо, надвор од дофатот на разјарените балкански национализми, двете влади со интервенција на Америка. За да се изгради беа потребни две и пол децении. Сега замислете што ќе се случи ако се сруши тој мост. Оние меѓу нас кои минале низ тие години знаат дека ќе паднеме одново во времињата кога над милон Грци, како своевидна подготовка за војна, скандираа на улиците на Атина и Солун – „Македонија е грчка“, тепачки меѓу Македонците и Грците во дијаспората, малтретирање на македонските граѓани на границите, застој во економската соработка ако не и економски блокади, ништење на нашите дипломатски успеси од грчки дипломати кои ја добиле директивата „What they do, you undo“, блокада за членство на нашата држава во ЕУ, проблеми во НАТО… Тоа го знаеме ние кои минавме низ тие ужасни времиња на непријателство. Но, на власт е една нова генерација македонски политичари кои биле мали деца во деведесттите и не го искусиле ова. Тие си замислуваат дека, што и да направат во односите со Грција, безбедно ќе атерираат во растегнатата мрежа на меѓународното право кое е на наша страна по прашањето на „името“.

Идниот премиер, се чини, мисли дека, за разлика од некогаш, ние живееме во некаков свет на право и правда денес па се повикува на своето основно право да ја нарекува својата држава како што сака. Згора на тоа, поприлично наредбодавно, иако со благ глас, ќе изјави:„…Очекувам тоа да биде начин на однесување и на претседателката Силјановска, да се користат термините Македонија и придавката македонски“. Без меѓунардоно искуство, не си остави ни најмала отстапница од изјавата на претседателката, јавно демонстрирајќи дека е тоа и негова политика. Парадоксално, во обид да го ревидира договорот од Преспа, иако тој се враќа во минатото, Мицковски уаптува апаел до Грците да не се враќаат во минатото и да гледаат кон иднината. „Ова се документи од правото“, ќе изјави.„ Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд на правдата, може да почнат процес па таму ќе ги вкрстиме аргументите“. И, пак да победиме како и претходниот пат кога во една, од аспект на меѓународната политика, бесмислена процедура добивме позитивна пресуда а во реалноста не добивме ништо? Уште една таква победа, рекол кралот Пир, и готови сме.

И не се ова обични „ документи од правото“, туку одредби од меѓународен договор кои произведоа една подобра реалност од онаа пред потпишување на Преспанскиот договор. Мицковски ја повикува Грција да не ги употребува „мускулите“ и да „престане со закани и опструкции“. За жал, меѓународната политика е истите проклети работи одново и одново низ човековата историја: „мускули“, сила, влијание, закани, опструкции, интереси, војни… Зарем и после руската агресија врз Украина има некој кој не верува дека меѓународната политика е пред се „мускули“?

Извор: Либертас

 

Related posts

ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ЗА 5 ГОДИНИ

admin

Не се доволни само стратегии, потребна е политичка волја и силни реформирачки лидери

admin

ДУИ во опозиција – услов или „излезна врата“ за ВМРО-ДПМНЕ

admin

Под лупа: Хеј, каде води сето ова?

admin

Има ли движењето Самоопределување паналбански амбиции?

admin

ВО ПРЕСРЕТ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

admin