20.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски подготвува стратегија и следни чекори

Потенцијалните партнери во идната влада засега се посветени на договорените постулати за соработка и градење партнерство. Соседите, пак, ги дешифрираат пораките за досегашните договори.

Во моментов воопшто не се разговара за поделба на ресори и кадровски прашања, туку за принципите и партнерство на потенцијалните коалициски партнери. Ова е изјавата што може да се слушне и од претставници на ВМРО-ДПМНЕ и од  претставници на ВЛЕН,  кои пред три дена ги договорија општите начела на соработка за  идната влада, која ќе се базира на неколку постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.

Според првичните изјави, евидентно е дека економијата е областа каде што ќе се посвети големо внимание, со образложение дека без добра економија нема да има повисоки плати, нема да има повисоки пензии.

Дека економијата ќе биде клучен столб во  дејствувањето на идната влада,  претходно навести и партискиот претседател Христијан Мицкоски. Тој најави финансиски пакет во соработка „влада со влада“ во вредност од 1 милијарда евра, со поволни услови – добар грејс период и исклучително атрактивна каматна стапка. Најави дека јавноста „набрзо ќе ги знае сите детали“.

 ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски Северна Македонија
Економијата ќе биде клучен столб во дејствувањето на идната влада, навести партискиот претседател на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според проекциите, се очекува во втората половина на јули да биде направен ребаланс на буџетот, а од септември да почне проект со децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините, за што се предвидени 250 милиони евра годишно, односно 125 милиони евра до крајот на годината.

И од функционери на ВЛЕН се слушаат јавни изјави дека во моментов не се разговара за ресори, туку акцентот е ставен на градење партнерство и доверба, со цел владата да функционира со една усогласена програма. За сето ова ќе се разговара во работна група со флуктуирачки состав – прво на ниво на претседатели на партии, а потоа на генерални секретари и/или потпретседатели.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, си даде неколку дена за подготовка на стратегијата, како што самиот објави на неговиот профил на Фејсбук.

„Оган, Огражден планина и слободна Македонија. Неколку дена за стратегија и чекорите кои следат“, напиша Мицкоски.

Студена клима

Она што предизвикува внимание во соседството, не се економските планови на идната влада, туку нејзиниот однос кон договорите кои и го отворија патот на земјата кон ЕУ. Од првите пораки стекнуваат впечаток дека  интеграцијата во ЕУ  нема да биде во прв план.

„Со сигурност моментов изгледа многу тешко да си замислиме дека РС Македонија може скоро да ги започне преговорите со ЕУ, бидејќи гледаме дека двата клучни договори за оваа земја –  оној со Бугарија,  проследен со францускиот предлог за измени на Уставот, и Преспанскиот, кој го отвори патот на РС Македонија кон членство, изгледа дека се пред замрзнување, да не кажам и нешто повеќе“, изјави во интервју за БНР, Весела Чернева, директорка на канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија. Таа беше и советничка за надворешна политика на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков.

„Овие типично  симболични гестови од страна на новата македонска претседателка  навестуваат една прилично студена клима и се чини дека оваа земја нема да биде меѓу првите што ќе преговара и ќе напредува во однос на ЕУ“, прогнозира Чернева.

Според Чернева, дури и да се замисли утврдување на некаков распоред за тоа како постепено да се премине кон разговори за промени во Уставот, смета дека тоа нема да биде првото нешто што ќе го направи идната влада.

Чувари на Договорот

Зоран Заев и Алексис Ципрас, двајцата поранешни премиери во чии мандати беше потпишан Договорот од Преспа, вчера оствариле телефонски разговор при што ја истакнале важноста што ја имаат доследното придржување до  Договорот од Преспа  и соработката на двете земји, како за европската перспектива на Северна Македонија, така и за мирот и стабилноста на Западен Балкан во период на големи тензии во регионот.

Зоран Заев и Алексис Ципрас, двајцата поранешни премиери
Зоран Заев и Алексис Ципрас, двајцата поранешни премиери Фотографија: Maja Zlatevska/AFP/Getty Images

Како што пренесе МИА од Атина, Ципрас и Заев разговарале за политичките случувања во Македонија, а освен важноста на Договорот од Преспа, посочиле и „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“.

Двајцата поранешни премиери се договориле во следниот период да преземат заеднички иницијативи за поддршка и имплементација на Договорот, за унапредување на односите меѓу народите на Грција и Северна Македонија и за мирот и стабилноста во поширокиот регион.

Заев претходно во изјава за ТВ 24 порачал дека непочитувањето на договорите, носи одговорност, но и сериозни последици за државата.

„Одговорноста не е само политичка, туку и правна. А последиците се децениско непријателство со соседните земји, со Европската Унија, со САД и ОН. Сето ова ќе има далекусежни последици за секојдневниот живот и севкупниот стандард на Македонците и другите етнички заедници во Северна Македонија. Апелирам до нив да се тргнат од партиската наметка и што поскоро да сфатат дека сега сносат одговорност за државата и граѓаните. Владата ги почитува Уставот, меѓународните договори и закони како пример за целиот народ и тоа целосно ги почитува – или како влада презема чекори за нивно поништување или менување. Впрочем, Мицкоски и претседателката Сиљановска Давкова многупати повторија дека немаат намера да го поништат Договорот од Преспа, иако не се согласуваат со него. Затоа како носители на највисоките државни функции треба да го почитуваат Уставот, меѓународниот Преспански договор и законите. Тие треба да гледаат напред кон иднината на Северна Македонија и македонскиот народ“, изјави Заев за ТВ 24.

Извор: Дојче Веле

Related posts

Столтенберг во Киев најави нова воена помош за Украина

admin

Данас: Можно ли е “Српската листа” да биде прогласена за терористичка организација?

admin

Бајден загрижен за ситуацијата на Косово, ангажира помошник да разговара со Вучиќ и Курти

admin

ВИДЕО АНАЛИЗА: Лоша вест за Москва – Ердоган „слабее“ во анкетите

admin

Руски дипломат протеран од ЕУ во чистка на шпиони сега е набљудувач на ОБСЕ на изборите во Србија

admin

ЕУ: СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ПРЕРАНО ПОЧИНАТИ ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ

ninja