16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Партиите лицитираат со плати, работниците сакаат достоинство

Со суми од 600 до 800 евра за минималец и над 1.000 евра за просечна плата, како и ветувања за нови работни места и конкурентна економија политичките партии настапуваат во изборната кампања. Синдикатите, пак, излегуваат на протест и очекуваат конкретен чекор уште во првите сто дена од новата влада.

Низа ветувања со конкретни суми за повисоки плати и подобар животен нудат политичките партиите во екот на изборната кампањата. Работниците, пак, порачуваат дека поради зголемените трошоци за живот и ниските примање се под сè поголем притисок за нивната егзистенција и бараат конкретни чекори за имаат достоинствен живот по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај.

Наместо политичарите да се расфрлаат со ветувања, од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) очекуваат итни чекори уште во првите сто дена од идната влада.

„Сметаме дека 450 евра минимална плата во првите сто дена од владата е реалност, за да се спречи да ни се исели работната сила во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, да не зборуваме за Хрватска и Словенија каде се далеку повисоки минималните плати“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Ова ќе биде и едно од главните барања кое ќе го упатат од традиционалниот протест закажан за утре (1 мај) – Меѓународниот ден на трудот.

Со последното усогласување, од март годинава минималецот изнесува 22.500 денари. Просечната плата, пак, според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за февруари изнесува 39.276 денари. Од друга страна, пак, пресметките на ССМ за минималната потрошувачка кошничка покажуваат дека на едно четиричлено семејство месечно му се неопходни 60.212 денари.

Подобрувањето на ваквиот животен стандард со раст и на минималната и на просечната плата е дел од сите изборни програми на учесниците на претстојните избори.

Лицитации во партиските програми

Како актуелна владејачка партија СДСМ фалејќи се дека го исполниле и надминале ветувањето од минатите избори од 500 евра просечна плата, на работниците им ветува дека на крајот на следниот потенцијален мандат таа ќе изнесува 1.100 евра. За минималецот, пак, социјалдемократите се обврзуваат дека ќе достигне 600. Ваквите суми, како што наведуваат и во програмата, сметаат дека ќе се покачат за по 200 евра кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ.

Во предизборните настапи поранешниот министер за здравство и носител на листата во „четворката“ кај СДСМ, Венко Филипче, зборуваше и конкретно за здравствените работници ветувајќи дека платите за докторите-специјалисти ќе достигнат до 180.000 денари, 120.000 денари за општите доктори и 90.000 за медицинските сестри.

И коалицискиот партнер во Владата на социјалдемократите, ДУИ лицитира со конкретни суми – 900 – 1.000 евра просечна плата во 2028 година.

Наспроти нив, албанската опозициска коалиција „Вреди“ во амбициозниот настап на првиот ден од кампањата вети минималец од 800 евра.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ветува конкурентна економија и економски раст, а со тоа и континуирано зголемување на платите.

Со конкретни пресметки настапува и Левица која во програмата наведува „зголемување на минималната плата на две третини од синдикалната потрошувачка кошничка“.

„Конкурентна и одржлива економија“ ветува и партијата ЗНАМ која во однос на платите ги издвојува наставниците и професорите на кои има ветува 100 проценти зголемување, 20 отсто за докторите, а 50 медицинските сестри и другиот здравствен персонал.

Синдикатите, пак, предупредуваат дека ветувањата за просечна плата не значат ништо и зголемувањата треба да ги опфатат сите.

„Ветувањата во делот на зголемувањето на платите – просечната и минималната, да ги потсетам дека треба да бидат зголемување и на сите останати плати на вработените во државата, а не само на една категорија на работници“, вели Трендафилов од ССМ.

Пократка работна недела и намалување на невработеноста

Во политичките програми, покрај ветувањата за плати, партиите ветуваат за работниците и низа други поволности. Меѓу нив, е и скратени работни часови. СДСМ најавува дека од 2026 ќе започне со проект за намалување на работното време од осум на седум часа дневно (од 40 на 35 часа недело). Исто ветување има и Левица која предвидува шест работни часа на ден (30 неделно), како и пензионирање на 60 (за жени) односно 62 години (за мажи).

Намалувањето на невработеноста, како заложба може да се прочита во сите програми. Така, на пример, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе ја симне на стапка од 7,5 проценти со тоа што ќе отвори 55.000 работни места. СДСМ и ДУИ, пак, верува дека ќе успее да се достигне седум отсто.

Намалување на инфлацијата, поддршка за бизнисите, развивање на економските зони, поволности за придонесите се исто така во низата ветувања на партиите.

Листа со барања, пак, имаат и синдикатите кои очекуваат да бидат слушнати на утрешниот протест по повод 1 мај. Покрај покачување на минималецот на 450 евра во првите сто дена, ССМ најавува дека од утрешниот протест ќе бара да се изгради „системско решение и обезбедување на континуиран раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор врз основа на егзистенцијалните потребите“. На работниците да им се исплаќаат трошоци за храна во висина од 20 отсто од просечната плата, како и трошоци за превоз, работата на определено време да се ограничи на максимум една година, да се добие право на неработна сабота, работната недела да биде 35 часа, да се зголеми породилното отсуство итн.

Наспроти ветувањата и желбите од една страна, со оценки за економската состојба во државата изминатиот период излегоа и меѓународните институции. Светска банка во последниот извештај забележа дека платите во Северна Македонија растат побрзо од растот на Бруто домашниот производ (БДП). Оттаму забележаа дека платите не се во согласност со продуктивноста и тоа, од друга страна, е нешто што годинава може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво.

„Она што видовме во Северна Македонија, е дека инфлаторните притисоци се намалуваат, одговорот на политиките беше доста соодветен, но она што го гледаме како ризик е зголемување на платите, кои не се во согласност со продуктивнoста. Тоа е нешто што може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво во 2024 година. Нашите проекции укажуваат дека се работи за инфлација која се приближува кон историските цели, но сепак е зголемена,“ рече Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка при презентација на редовниот Економски извештај за Западен Балкан на 11 април.

Коментирајќи ја ситуцијата, тогаш и домашниот економскиот аналитичар Павле Гацов во изјава за РСЕ предупреди и дека државата ќе мора да се задолжува.

„Ќе мораме да се задолжуваме дома или надвор за да го затвориме она што го трошиме повеќе. Значаен дел од растот на платите во земјата е генериран од зголемувањето во јавниот сектор, каде имате раст од цели 25 отсто во однос на истиот период лани, што значи поголеми расходи кои за жал не се следени со поголеми приходи, кои растат со само 4 проценти во Буџетот. Ефектот е зголемен дефицит и на крајот зголемен долг“, рече Гацов.

Месецов и агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, пак, предупреди дека брзиот раст на платите би можел да биде ризик за инфлацијата во земјава. /RSE

Related posts

Осум Македонци се изјасниле како Албанци за да добијат работа во општината

admin

Извештај на ЕК: Поларизацијата ги парализира институциите

admin

Бајден поддржа обука на украински пилоти за борбените авиони Ф-16

admin

Има ли владата план како да поминат уставните измени?

admin

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БУГАРСКИ КЛУБ НА СУД ПОРАДИ РАСИЗАМ

ninja

Трка со времето за евакуација од Израел

admin