23.8 C
Скопје
27 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Гаши: Ни треба дијалог внатре и со соседите

Мајскиот договор никогаш не бил дел ни од Уставот, ни од Рамковниот договор, ова владејачко мнозинство е легитимно, вели Претседателот на Собранието Африн Гаши во интервју за Радио Слободна Европа. Според него коментарите на ДУИ, за нелегитимност на „Влен“, се само политичка опозициска реторика.

Претседателе, веднаш по вашата заклетва во Собранието, пристигна најава за претставка против вас од пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска за прекршување на законот за употреба на македонски јазик, со тоа што заклетвата прво ја кажавте на албански, па потоа на македонски јазик. Како го коментирате тоа?

Наместо да се занимаваме со моментот на конституирање на Собранието, што е најбитниот политички момент во државата, ние се навраќаме на работи кои се од технички аспект.

Јас ја прочитав свечената изјава на двата јазици, а ги прочитав како што беше читано од пратеничката што претседаваше, сигурно по некои технички причини. Не верувам дека било намерно, а и да било, тоа е работа на Собранието.

Без разлика, јас мислам дека не треба да обрнуваме внимание на такви делови. Но, и демократско право е на секој пратеник и на секој граѓанин, ако мисли некој, дека некое право е прекршено, да реагира, да бара право, и тие што го прекршиле законот да одговарат, нема никаков проблем.

Јас знам дека, и мислам сите граѓани знаат, дека албанскиот јазик е еден од официјалните јазици во државата, кој го зборуваат над 20% од граѓаните. Но, ако некој бара правдина, супер, јас сум за тоа.

Вие дали сметате дека сте го прекршиле законот?

Не.

Кога ќе ја закажете првата пленарна седница?

Пленарните седмици ќе се закажуваат во координација со сите политички партии. Ние имавме веќе вчера една неформална средба со представници на политички партии, чекаме да се формализират пратеничките групи и координаторите, и веднаш штом ќе имаме согласност од повеќето политички партии, ќе пристапиме кон свикување на нова седница.

Што очекувате да биде прво на дневен ред?

Како коалиција која е веќе на повидок меѓу ВМРО ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, е договорено, новата влада да почне со нова организација на државата, организација на министерствата и ресорите.

Сакаме прво да го донесеме тој закон, за да може владата која ќе се бира да биде избрана во рамките на тој закон и таа нова организација.

Затоа ќе сакаме и ќе се потрудиме заеднички со сите политички партии во Собранието, да се договориме, тој закон да биде еден од првите кои ќе биде поставен на пленарната седница.

Дали може да се очекува дека во тој пакет ќе бидат вметнати и измени на законот,со кои ќе се спречи да има предвремени избори за градоначалници во делот на општините каде што градоначалниците ќе станат министри или пратеници?

Да, и тоа е едно од горливите прашања кое тлее. Ние би сакале тоа да го решиме, ако најдеме законско решение кое е во рамките на Уставот и законите и во интерес на граѓаните, сега сме исправени пред предизвикот да имаме носители на општините кои ќе се изберат за 5-6 месеци, па после да има избори и за после 7-8 месеци, пак да има избори.

Јас мислам дека тоа не е во ред и мислам дека спротивно е на Уставот некој да се избере со 4 годишен мандат, а некој да се избере со исти гласови, на исти избори, да се избере за еден мандат од 8 месеци.

Ние мислиме дека тоа не е уставно и треба да се поправи со закон кој тоа ќе овозможи тоа да биде праведно и уставно.

Имате ли двотретинско мнозинство за овие законски измени кои што сакате да ги донесете во првите денови од работата на Собранието, со оглед на тоа што вие бевте избрани со 76 гласови „за“?

Затоа ви велам дека Собранието во наредниот период, јас ќе се обидам да го водам во соработка со сите политички партии. Нема да делуваме само како мнозинство во Собранието на некоја коалиција.

Во Собранието сите политички партии сакам, јас би сакал да делуваме заеднички и во интерес на граѓаните.

Од кои помали политички партии или евентуално пратеници очекувате поддршка односно да преминат во мнозинството? Вашите коалициони партнери веќе во јавноста излегуваат со одредени бројки, тројца, четворица пратеници од ДУИ, СДСМ, НСДП.

Веќе ме прашувате во друго својство. Јас дадов оставка од председател на Алтернатива. Јас ќе бидам посветен целосно на Собранието. Мене ми интересира Собранието во прв ред.

ДУИ ја напушти седницата на која што вие бевте избран за претседател. Очекувате ли во блиска иднина ДУИ да ја блокира работата на Собранието ?

Мислам дека ДУИ е една од политичките партии која најдолго без прекино останала на власт, 22 години, и мислам дека имаат искуство и знаат дека не треба да се блокираат.

Но, сепак тоа е политичка одлука, како што ќе решат они да постапуваат и тоа е демократско право. Јас и сите мислам дека треба да ги почитуваме одлуките на политичките партии. Дали се во ред или не, праведни или неправедни, тоа ќе кажат граѓаните на наредните избори.

Господин Гаши, како вие ја толкувате лично изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети за битка за зачувување на Охридскиот договор, зашто, впрочем, ги повика и граѓаните?

Навистина не сум ја слушнал оваа изјава, за прв пат од вас ја слушам. Не гледам нешто лошо во тоа, да се повикува на духот на Рамковниот договор. Мислам дека сите се залагаме за тоа, затоа што тој Рамковен договор е интегриран во Уставот и ние треба да го почитуваме Уставот. Така да, нема ништо лошо во тоа. Ако ве разбрав добро.

Како што вели Ахмети на прес-конференцијата што ја држеше, ги повикува граѓаните на битка за зачувување, алудирајќи на тоа дека сте вие нелегитимен во однос на тоа што вашата коалиција имала помалку пратеници од нивната коалиција и влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ?

Значи, воопшто човек кој го знае Рамковниот договор, и Уставот на Р.С. Македонија јасно му е дека тоа воопшто не е дел од Рамковниот договор.

Можеби тој заборавил, тоа било „Мајскиот договор“ кој го потпишал со Никола Груевски и кој самиот го прекрши, но таквиот договор никогаш не беше дел од уставот и не стана и не може да има таков договор во Уставот, затоа што се коси со секое демократско право.

Владата се прави со 61 пратеници, со мнозинство, а од друга страна албанската коалиција, ВЛЕН доби 107.000 гласови со што потполно го носи легитимитетот на Албанците во ова Собрание.

Како ќе го исполните вашето ветување во програмата дека до крајот на 2024 година ќе се вметнат Бугарите во преамбулата на Уставот?

Не знам точно дали сме ставиле некој датум, но сепак тоа е работа која зависи од 80 пратеници. Треба да се најдат 80 пратеници.

Што се однесува до коалицијата ВЛЕН, а мислам дека и сите албански пратеници, ќе гласат за уставните измени кога и тие да дојдат на дневен ред.

Така да, ние ќе се залагаме за тој принцип, ќе се залагаме за што побрзо интегрирање на нашата земја во Европската Унија, но тоа знаеме дека е комплексно прашање и ќе работиме сите заедно тоа да се случи што е можно побрзо.

Во однос на вашите ставови, дали во пакетот уставни измени, кога ќе дојдат на ред, како што велите, вметнувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот, ќе влезе и вашето барање за бришање на бројката 20 проценти при употреба на албанскиот јазик. Дали во истиот пакет, кога ќе се отвори Уставот за ова, ќе се очекува дека и ова ке биде вметнато?

Ако се сеќавате, ние како Алтернатива, долго време се бориме во јавноста за еден друг уставен амандман, а тој е незастарување на делата од политичката корупција.

Ние ќе се залагаме и за тоа, ако се отвори уставот, нормално и за тоа што го поставивте вие како прашање, за преформилирање на формулацијата што е навредлива за албанскиот јазик, така да ќе разговараме отворено со сите политички партии и очекуваме да имаме разбирање дека ние како албански сакаме нашиот јазик во уставот да се вика таков како што се вика, со друга формулација да биде смената. Но, ајде да видиме, да почне процедурата, да отвориме, да ја отвориме дебатата.

Имате ли некаков прелиминарен договор со вашиот иден коалиционен владејачки партнер во однос на прашањето за употребата на албанскиот јазик и процентуалността застапена во Уставот?

Се што имаме договорено, јавно и транспарентно сме го кажале.

Дали ќе ја напуштите владејачката коалиција ако до нова година,како што предходно сте најавиле во вашата програма, не се донесат уставните измени и се блокира евроинтеграцискиот пат?

Ние се обидуваме да градиме институции и да направиме влада, не да размислуваме за напуштање. Останува наш прв приоритет како држава и како претставници на политичните партии и на Албанците да се залагаме за што побрза интеграција на земјата во ЕУ.

Знаеме дека тоа сега за сега е условено со уставни измени, но и тоа е дел од дијалогот, но и од како што знаете политичкиот контекст во соседството и во меѓународната сфера.

Има избори во Европскиот Парламент во јуни, има избори во САД.

Очекуваме што побрзо да има разбирање целосно, како и сите актери, затоа што не е овој, како да кажам, билетарален спор меѓу Р.С.Македонија и Р.Бугарија.

Тука се повеќе фактори и треба сите да бидеме на масата за овој проблем да го тргнеме од таа политичка маса.

САД и ЕУ повикаа на почитување на меѓународните договори по заклетвата на претседателката Г. С. Давкова, која не го употреби, односно не го користи уставното име Северна Македонија, а такви најави има и од идниот премиер. Каков е вашиот став по ова прашање?

Нашиот став е дека треба да се користи уставното име на Р. С. Македонија и тоа име ќе го користиме.

Дали веќе се нарушени односите со Грција и Бугарија, со нашите соседи?

Не верувам дека се нарушени. Мислам дека треба да разговараме. Јас мислам дека и заради тоа, треба што побрзо да формираме Влада, да воспоставиме комуникација со тие држави, официјална на новата политичка гарнитура.

И со нив, исто како што ни треба внатрешен дијалог за решавање на проблемите, ни треба интензивен дијалог со соседните држави.

Ќе разговарате со вашиот коалиционен партнер во ВМРО- ДПМНЕ во однос на овие прашања по последните изјави на грчкиот премиер?

Ние сме сега во процес на, како да кажам, воспоставување, установање на новата влада. Тој процес треба да заврши и после тој дијалог ќе се врши институционално.

Секој вршител на функцијата ќе носи својата одговорност. Премиерот, Министерот за надворешни работи, Претседател на државата. Тука е, ако не е, тоа е.

Ако како претседател на Собранието, имам свој удел, ако можам да помогнам, секако јас сум на располагање и би сакал да придонесам да решиме што поголем број на проблеми, а не да создаваме проблеми.

Извор: Радио Слободна Европа

Related posts

ИВАНОВСКА – ВО МАКЕДОНИЈА ЦАРУВААТ ДИВОГРАДБИ

ninja

Пластичните кеси и пластичната амбалажа полека заминуваат во историјата

admin

Никој не може да го отповика градоначалникот ако сам не го направи тоа – Во првата верзија на законот имало можност, во сегашната нема

admin

Тензиите меѓу САД и Русија се пренесуваат и во вселената

admin

Градоначалникот на Росоман не пријавил имотната состојба, а 15 други пријавиле имот, но не и вредност во него

admin

САД избегна банкрот, Конгресот изгласа да се зголеми лимитот на долгот

admin