4.8 C
Скопје
13 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Гир: Треба радикална акција во судството

Експертите на ЕУ наведоа 40 препораки кои треба да се преземат во судството и да не се пречекорува поделбата на власта меѓу законодавна, извршна и судска, вели Евроамбасадорот Дејвид Гир за Слободна Европа. 

“Пред се, очигледно е дека реформата во судството е апсолутно клучна. Тоа можете да го видите во сите анкети каде што постои големо незадоволство од моменталната ситуација и за Европската Унија, за патот кон ЕУ, реформите се апсолутно суштински. И затоа се ангажираме долги години во оваа област, за реформите во судството, реформите на обвинителството, и пошироко сега, како што веројатно добро ќе се сеќавате, само минатото лето имаше сериозна загриженост за Судскиот совет. И како одговор на тие грижи, испративме тим од експерти, други судии од земјите-членки на ЕУ, да дојдат овде и да извршат ревизија на самиот Судски совет, и тие дадоа многу препораки, не помалку од 40 препораки за тоа како да се подобри независноста, професионалноста и интегритетот на Судскиот совет. Тие препораки потекнуваат од законодавните реформи, активностите што треба да ги преземат властите, владата и активностите што треба да ги преземе самиот Судски совет. Значи, според нас, она што треба да се случи е, да, има потреба од радикална акција. Ние целосно се согласуваме со владата за тоа, но треба да се надоврземе на она што е веќе постигнато, и имаме многу добри анализи и добри совети, вклучително и рецензијата од колегите, вклучително и неодамнешниот Извештај за владеење на правото, вклучително и годишниот извештај за земјата, што покажува како да се оди напред на начин кој ќе го зајакне судството и ќе одговори на барањата на граѓаните”, вели Гир.

Според него, она што е важно е очигледно Судскиот совет.

“Неговата цел е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судството, затоа треба да се погрижиме тоа навистина да функционира и да ја работи работата. Но во обидот да го осигураме тоа, обидувајќи се да обезбедиме членството да дејствува и во независно на професионален начин, мораме да внимаваме да не ја пречекоруваме поделбата на овластувањата меѓу различните делови на власта, со други зборови, извршната и судската власт”, додава Гир.

Гир ја поздравува посветеноста на владата да напредува на патот кон ЕУ, и веќе видел добар напредок.

Во однос на уставните амандмани, Гир вели дека веќе имаме решение на маса.

“Се сеќавате уште во јули 2022 година многу внимателно ги следев преговорите што се водеа приближно помеѓу есента 2020 година и тој договор што беше постигнат на 22 јули не беше лесен процес, или за која било страна, беа направени компромиси. И како резултат на тоа, мислам дека веројатно е склучен најдобриот договор што можеше да се направи во тоа време? Дали оваа влада би можела да постигне подобар договор? Јас лично многу се сомневам во тоа. Се разбира, тоа е прашање меѓу двете влади, но многу се сомневам дека тоа може да се постигне. И не гледам апетит во Брисел за повторно разгледување на преговарачката рамка, која е основа на преговорите. Како што велам, има решение на маса. Би било добро сега да напредуваме кон тоа решение”, изјави Гир.

Во врска со заемот од Унгарија од половина милијардамилија.Гир рече дека има примери на земји-членки кои даваат заеми влада на влада, заеми на трети земји, концесиски заеми директно на буџетот. “Тоа е практика која постои во рамките на Европската Унија.”, додаде тој.

Гир одби да го коментира односот меѓу премиерот Мицкоски и премиерот Орбан, истакнувајќи дека ова е прашање за двете држави.

“Реформска агенда, најголем дел од неа ја преговараа претходните власти. И тогаш, се разбира, доаѓа новата влада, и таа одеднаш се соочи со оваа огромна задача, ве молам можете ли да ги завршите преговорите за неколку недели? Па, морам да кажам дека тие одлично ја исполнија таа задача. Целосно се ангажираа. Во Брисел ќе има дополнителни разговори со земјите членки на ЕУ. Но, јас сум голем оптимист дека во текот на почетокот на есента, сето ова ќе биде завршено и ќе може да почне да ја поддржува Северна Македонија преку западните фондови”, вели Гир.

Во врска со идејата на новата Влада за пренамена на средства од Коридорот 8 кон Коридорот 10, Евроамбасадорот истакнува дека Брисел целосно ги поддржува и двата коридори.

“Ова е дел од она што ние го нарекуваме трансевропска мрежа. Значи, она што го разговараме со владата е како може да биде најдобрата поддршка, да се прилагоди за ова, и колку се зрели различните проекти за коридорот осум и коридорот 10, ние инвестираме и во двата. Ќе продолжиме со дискусиите и ќе видиме каде ќе излеземе. Но, мислам дека принципот не е доведен во прашање. Тоа е прашање на имплементација и брзина”, вели Гир.

Според него, не станува збор за трансфер на средства меѓу едниот и другиот. “Тоа е посебно прашање. Има секакви технички прашања, со кои нема да ве заморувам со тоа. Она што го велам е дека инвестираме во двете, и ја гледаме вредноста на двете, и веруваме дека и двете може да се постигнат. Но, нормално е дека треба да разговараме за деталите за имплементацијата.”

Во врска со последните тензии на релација Скопје-Атина, Гир вели дека договорот од Преспа испорача и овозможи на земјата да оди напред кон НАТО, да оди напред кон влезот во ЕУ. “Тоа донесе значителни придобивки. Севкупно, трговијата е повеќе од двојно зголемена во периодот откако беше договорен Преспа. Дури видовме соработка во воената сфера, но и во многу други области. Значи, Преспа беше вистинска позитива.”

“Во крајна линија, доколку има разлики, тие можат да се решат во рамките на самиот договор од Преспа”, додаде тој.

Во врска со реформите во администрацијата, Гир вели дека граѓаните имаат право да имаат администрација која е ефикасна, дава услуги и не се заснова на партиски политички преференци или размислувања.

“Да, секако дека ќе има во повисоките ешалони, некои, а тоа се случува дури и во ЕУ, ќе има некои состаноци каде поединци се избираат од партијата, но важно е тие се компетентни и селекцијата да е суштински заснована на заслуги. Проблемот што го имавме толку многу години е додека поминувате низ системот, гледате политички назначувања на секое ниво, дури и спуштајќи се во училиштата, до наставниците, директорите на училиштата, директори на одделенија во болниците. Тоа е апсурдно. Апсурдна ситуација е да се биде во болница каде што поединци би можеле да бидат избрани, не врз основа на нивната компетентност, туку врз основа на нивната политичка припадност или некоја друга причина. Значи, ова е она на што сме многу посветени. Ќе работиме со властите за да се фокусираме на администрација која навистина дава и се заснова на меритократија”, вели Гир.

 

 

 

Related posts

Секој трет во земјава поседува оружје

admin

Италија предупредува – ако ЕУ потфрли на Балканот, тогаш може Кина и Русија да дојдат

admin

Дали големите ветувања ќе го станат здравството од постела?

admin

Кој ја компромитира работата на Историската комисија?

admin

БЕКТЕШИ ЗА ДВ: МОЖНО Е НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА

ninja

Намалените казни ќе влијаат и врз примената на ПИМ

admin