33.8 C
Скопје
16 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ни новиот премиер не им ги остава лопатите на градоначалниците

За Владата присуството на премиерот Мицкоски е потврда за владината поддршка на овие проекти, а во општините тој не само што е добредојден, туку е и посакуван гостин. Дел од комуниколозите велат дека пораката е – сѐ што ќе се гради во државата зависи од премиерот или од блискоста со него. 

 

Првиот ден кога ја презеде функцијата премиер, на 24 јуни, Христијан Мицкоски фрли лопата на камен-темелникот на нов спортска сала на местото на поранешниот спортски центар „Џексон“ во Штип. Два дена подоцна, беше на поставување камен-темелник за училиште во Драчево. На 1 јули Мицкоски уште еднаш фати лопата в раце, за темелите на градинка во Бутел.

Ова се дел од активностите на премиерот во првите десет дена од, како што го нарече, „фуриозниот“ старт на новата Влада, при што најави работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти.

Додека за Владата присуството на премиерот е потврда за владината поддршка на овие проекти, а за градоначалниците со кои разговараше Радио Слободна Европа (РСЕ) тој не само што е добредојден, туку е и посакуван гостин, комуниколози предупредуваат дека пораката што ваквиот ПР ја испраќа е – сѐ што ќе се гради во државата зависи од премиерот или од блискоста со него.

И претходните претседатели на Влада беа со лопати в раце на проекти во општинска надлежност, па се одеше дури и на увид во канализациони мрежи. Фотографии со лопати од вакви проекти имаат и екс премиерите Димитар Ковачевски, Зоран Заев и Никола Груевски.

Јасна Бачовска Недиќ, професорка на Правниот факултет во областа на медиуми и комуникации вели дека сигурно маневарот не го смислил премиерот, туку службите за односи со јавност. Таа укажува дека новата влада, која има голема социо-политичка подршка или сила, треба стратешки да се постави во комуникацијата и со граѓаните и во надворешната политика.

„ПР службите треба да се стручни и да знаат дека ПР во политиката, се разликува од ПР во корпоративниот сектор, особено да бидат свесни за политичкиот момент во нашето општество и пост-груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ. Ова пост-груевизмот го потенцирам од аспект на односи со јавност и политички маркетинг. Една од товарите која си ја носи таа Влада на ВМРО-ДПМНЕ е агресивниот политички маркетинг кој чинеше многу, беше злоупотребен за партиски, а не државни цели и на крајот доведе до целосна забрана за употреба – по што мислам дека бевме автохтон модел за јавен маркетинг“, вели Бачовска Недиќ во изјава за РСЕ.

Кум на сѐ

И под услов владата да финансира целосно или делумно општински проекти, дали премиерот мора да е присутен на секој камен-темелник? Дали тоа е добар или лош модел на односите со јавност, таканаречениот ПР?

Комуникологот Сеад Џигал смета дека таквиот маркетинг го поткопува јавниот имиџ на институциите и покажува непочитување за професионалната вредност на луѓето кои работат на проектите.

„Тие што ги водат институциите, треба да ја почитуваат независноста на тие институции. Ако проектот е во доменот на локалната власт, треба да го промовира општината. Ако државата или Владата селективно помага, таа сака да се појави со ликот на нејзиниот прв човек и да прати порака дека проектите се остваруваат само бидејќи власта ги поддржува“, вели Џигал за РСЕ.

Сеад Џигал, комуниколог
Сеад Џигал, комуниколог

Според него, ваквиот ПР функционира кај обичниот гласач само затоа што е евтин популизам.

„Пораката е дека за нешто да се заврши, треба да си близок со премиерот. Ако каже премиерот или претседателот на партијата да се заврши работата, така и ќе биде. Тоа не треба да се толкува само како поддршка од централната власт, туку и како зависност од неа“, вели Џигал.

И Бачовска Недиќ вели дека ПР-от е многу потребен за да обезбеди вистинска и навремена информација за работата на Владата, транспарентност и треба да се употребува со висок степен на општествена одговорност и политичка култура, а секоја негова злоупотреба на долг рок го чини контрапродуктивен.

„Лошо организиран ПР може да направи еден политички систем да изгледа како авторитарен дури и ако тоа не е. Кога организирате ПР не мислете на граѓаните само како гласачко тело и консументи (потрошувачи) на вашата политика. Граѓаните треба да се сметаат како рамноправен соговорник кој многу разбира политика и знае политика. Појавата на премиерот или претседателката на копање на улици, отворање училишта, болници, фабрики, разни локални активности дава порака дека се зависи од неговиот „амин”, дека е кум на се, изгледа како да е донатор на нештата од сопствени средства, а всушност прават “прослави” од трошење на народни пари“, вели Бачовска Недиќ.

Влада: Присуството на премиерот е симболичен чин, праксата ќе продолжи

Присуството на премиерот на церемонии за започнување на нови проекти е многу повеќе од симболичен чин. Овие проекти се од големо значење за државата, а присуството на премиерот има за цел да ја истакне важноста на инвестициите во образованието, спортот и грижата за децата кои се клучни за развојот на општеството, одговорија од Владата за РСЕ.

„Исто така, присуството на премиерот служи и како потврда за владината поддршка за овие проекти, особено кога тие се финансиски поддржани од централната власт. Истовремено, ова е и значаен сигнал за жителите на тие населени места дека нивните потреби и проекти се приоритет за Владата и дека имаат поддршка од највисоко ниво. Со оглед на важноста на овие проекти, оваа практика ќе продолжи, бидејќи тоа е во функција на натамошно подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и развој на нашата држава“, велат од Владата.

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, претседател на партијата ЗНАМ
Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, претседател на партијата ЗНАМ

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, смета дека присуството на премиерите на општински настани е добро и позитивно бидејќи дава чувство на оддавање признание, дополнително го охрабрува локалното раководство и е можност да се разговара со највисокиот носител на извршната власт за секојдневните проблеми во општината.

„Присуството на централните власти на локално ниво е за поздравување, да се соочат со секојдневните граѓански проблеми од блиску“, ни изјави Димитриевски.

Тој е градоначалник на Куманово од 2017 година, кога беше избран како кандидат на СДСМ. Откако му заврши првиот мандат, се раздели од СДСМ и победи на локалните избори во 2021 година како независен кандидат. Подоцна ја основа партијата ЗНАМ која влезе во Владата на Мицкоски.

Мицкоски пред неколку дена објави иницијатива за развој на општините преку обезбедување на 250 милиони евра од Буџетот за развој и капитални проекти. Тој рече дека планот е дел од напорите на Владата да ја подобри инфраструктурата и квалитетот на животот на граѓаните.

Следната 2025 година во Северна Македонија ќе има локални избори.

Премиерите после Груевски по неговите стапки

Праксата премиерите да се појавуваат понекогаш и на минорни настани, не е ниту нова, ниту ја има само во Северна Македонија. Многу често претседателите на владите не се појавуваат само за капитални проекти или за суштински реформи, туку и на канализации, улички, претстави во градинки….

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски одеше од фабрика во градинка, се среќаваше со политички лидери, па со студенти, се појавуваше на саеми, посетуваше мали бизниси.

Зоран Заев, претходник на Ковачевски, во 2015 пред да ја донесе СДСМ на власт рече „Немаме намера да бидеме пандан на Груевски“, коментирајќи ги неговите чести појавувања во јавноста и како што рече практикувањето на популистичките политики и мачкање очи на јавноста.

„Ние тоа не очекувајте да го правиме. Нема да го правиме на ист начин со наше појавување на терен и на начин на кој што власта тоа го прави“, рече тогаш Заев.

И тој самиот тоа не го испочитува.

За Никола Груевски, кој ја предводеше македонската влада речиси десет години од 2006 до 2016, и кој за себе велеше дека работи 24/7, во јавноста се пуштаа видеа и фотографии како вози комбајн па автобус, шутира фудбал, игра пинг-понг. Груевски и неговите блиски соработници беа познати и по често фрлање прва лопата, а тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески имаше и врамени златни лопати во својот кабинет.

Долго време некој премиер не пуштил во употреба некој капитален проект како хидроцентрала, автопат, голема фабрика, железничка пруга. Пругата кон Бугарија, автопатот од Кичево за Охрид, проектот за хидроцентралата Чебрен и Галиште се уште чекаат некои подобри времиња.

Извор: Радио Слободна Европа

Related posts

О’Саливен дојде со јасна порака за Србија: време е за воведување санкции кон Русија

admin

Еден чекор напред – два назад за уставните измени

ninja

Бајден останува во трката за претседател на САД

admin

Паѓа довербата во Собранието, граѓаните не гледат дека се претставени од пратениците

admin

Таравари: Стигнавме до 10 партии, не знам веќе кој за кого работи

admin

ЦЕНИТЕ НА СТАНОВИТЕ РАСТАТ – ИНТЕРЕСОТ СТАГНИРА

ninja