Поранешниот Народен правобранител Иџет Мемети доби условна казна и забрана за вршење на дејноста во наредните три години. Тој до Собранието веќе поднел неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители.
Членот на Советот на јавни обвинители и поранешен Народен правобранител, Иџет Мемети признал вина за примање награда за противџзаконито влијание и се спогодил со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за условна казна. Во случајот е обвинет и врховниот судија, Наќе Георгиев, дека лажно ветувале дека ќе влијаат и ќе му овозможат олеснување на ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев во предметот за шверц со марихуана.
Мемети доби и забрана за вршење на дејноста во наредните три години. Тој до Собранието веќе поднел неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители.
Оставка и забрана за вршење на дејноста
Поранешниот Народен правобранител беше осомничен за примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.3 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик за кое е пропишана затворска казна од 1 до 5 години. Обвинителството соопшти дека е постигната согласност на Мемети да му биде изречена казна алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело. Судот му изрече и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години, бидејќи ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело.
„Соочен со прибраните докази, осомничениот И.М. со самото потпишување на предлог – спогодбата ја призна вината, односно не го спори кривичното дело што му се става на товар и е согласен со предложената кривична санкција“, соопшти Обвинителството.
Се чека и на втората спогодба
Предлог-спогодбата со сите прибрани докази е доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје кој треба да закаже рочиште за оцена на предлог – спогодбата и доколку истата биде оценета како прифатлива, надлежниот суд ќе донесе пресуда која се заснова врз предлог-спогодбата.
Истражната постапка против две лица беше започната на 20 мај годинава, кога врховен судија беше фатен при извршување на кривичното дело. Судот информира дека е во тек постапка за спогодување и со врховниот судија Наќе Георгиев за дело за кое е запретена казна затвор од 1 до 10 години. „Во тек е постапка за склучување предлог спогодба со која би се утврдила ефективна казна затвор, а за исходот јавноста ќе биде навремено известена“, велат од Обвинителството.
Предлог – спогодбата како институт се користи при постоење на признание за вина, па тогаш правилата на постапката се поедноставени, не се изведуваат докази поврзани за фактичката состојба и постапката е едноставна, брза и ефикасна бидејќи судот треба само да ја изрече санкцијата. /DW