5.8 C
Скопје
12 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Недоразбирања, тензија, препукувања: Чија е одговорноста за случувањата со косовската претседателка на скопскиот аеродром?

 

Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот, велат од компанијата ТАВ во врска со вчерашните случувања со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром.

Како што велат од ТАВ, телефонот на Османи, околу кој се крена врева, ѝ бил побаран од страна на аеродромското обезбедување со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген.

На тоа барање, како што соопштија, пак, од МВР, едно лице од обезбедувањето на Османи го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж.

Целиот настан се случил вчера, први август, околу десет часот претпладне, кога косовската претседателка Османи требало да отпатува од Скопје со комерцијален лет, но преку просторот за т.н. ВИП патници.

Членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури
Одговор од ТАВ

„Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи“, објаснија денеска од ТАВ.

ТАВ: Утврдени процедури за проверка

Од компанијата додаваат дека според добиените насоки, делегацијата на Османи, требало да помине низ утврдените процедури.

„Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, одговорија од ТАВ.

Според официјалната верзија за случувањата, што ја објави македонското МВР, багажот на Османи, после тоа недоразбирање, сепак бил вратен и поминал низ скенер.

Но, од МВР додаваат дека:

„По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на македонското собрание, Африм Гаши со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој ѝ направил проблем на претседателката“.

При тоа, како што стои во соопштението од МВР, членот на обезбедувањето на Гаши, турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин на аеродромот.

Јас само интервенирав во делот да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент
Африм Гаши, Претседател на македонското собрание

„Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, додаваат од МВР.

Одговарајќи, пак, на новинарско прашање, претседателот на Собранието, Гаши, денеска потврди дека членови од неговото обезбедување се инволвирани во случувањето на скопскиот аеродром. Но, според Гаши, тие заминале таму за да ја смират ситуацијата.

„Јас само интервенирав во делот да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент и мислам дека заврши сè како што треба. Како имало или ако некој ги пречекорил своите овластувања, секако секој кој и да го направил тоа треба да одговара“, рече Гаши.

Гаши тврди дека нема основа за поголеми тензии.

„Моето обезбедување отишло да се смири ситуацијата. Ако некој сака да смири нешто и ако сака некој од тоа да направи тенденција, тоа е до тие луѓе. Мојата заложба и денеска и вчера и секогаш била и ќе биде да смирувам да зближувам и да работиме за сите граѓани, а не да делиме и да правиме инциденти“, рече Гаши одговарајќи на новинарски прашања на денешната прослава по повод 2ри Август, Денот на републиката.

Протестна нота од Косово

Од Министерството за надворешни работи на Косово, настанот на скопскиот аеродром го именуваа како „несоодветен и незаконски третман од страна на припадниците на аеродромското обезбедување“ кон Османи.

„Министерката Доника Гервала упати протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Во исто време, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за да го истражат овој случај и да се погрижат таквите настани да не се повторат во иднина“, стои во денешно соопштение од косовското министерство за надворешни работи.

Партиски префрлања и барање вина

Случувањето на скопскиот аеродром поттикна и низа реакции на домашната политичка сцена. Први се огласија од ДУИ.

„Најостро ја осудувам неприфатливата и скандалозна акција што денеска се случи на скопскиот аеродром против косовската претседателка Вјоса Османи. Овој инцидент јасно ја покажува неспособноста и неодговорноста на илегалните албански претставници во владата“, напиша поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи преку објава на „Фејсбук“.

Косово, прости ни! Од газда во станар, од одлучувач до слуга, од горд до рако-бакнувач
Артан Груби, ДУИ

Исто така, преку социјалните мрежи се огласи и Артан Груби кој побара прошка од Косово и случувањата ги поврза со релации Србија и Русија.

„Косово, прости ни! Од газда во станар, од одлучувач до слуга, од горд до рако-бакнувач, од достоинствен до без’рбетен, од бел образ до црнило, од учен до неук, од храбар до кукавица, од владеење во служење, од победник во губитник, од Европа и Америка во Русија и Србија, од Али Ахмети во Иван Стоилковиќ“, напиша Груби.

Своевиден одговор на реакциите од ДУИ испрати и министерот за здравство и еден од лидерите на ВРЕДИ, Арбен Таравари, кој посочува дека дека надлежноста за безбедносни проверки е на компанијата што раководи со аеродромот.

„Слично недоразбирање имаше и кога технички премиер беше Талат Џафери, зошто ДУИ не зборува за ова? И го покануваме ДУИ да одговори доколку скенерите биле избегнати за време на нивните патувања. Уште еднаш, ја повикуваме ДУИ да престане да шири манипулации и да престане да ги нарушува односите меѓу Косово и Северна Македонија“, напиша Таравари.

Во изјава за медиумите свое мислење изрази и Венко Филипче, претседател на СДСМ.

„Се добива впечаток дека некој се обидува да ја скрие вистината. МВР да истражи што се случило и со вистински информации да ја информира јавноста за тоа што се случувало“, рече Филипче. /VOA

Од Јавното обвинителство засега нема соопштение за започната истрага во врска со случувањата на скопскиот аеродом.

Related posts

Јаневска: Откриени нерегуларности на универзитетите во Тетово, Струга, Охрид…

admin

Мицкоски: Кога ќе дојдеме на власт подготвени сме да репреговараме за Договорот со Бугарија, ако тоа не успее, ќе побараме 61 пратеник за негово поништување

ninja

Русија ги предупреди САД дека Украина ќе биде нејзиниот „втор Виетнам“

admin

Пластичните кеси и пластичната амбалажа полека заминуваат во историјата

admin

Борел: Гласачите, од страв, би можеле да ја поддржат десницата во ЕУ

admin

Германија со закон за поедноставно признавање на странските дипломи за медицински сестри

admin