Клиент на режимот или „шарен револуционер“, секогаш е корисник на народни пари. Манчевски е лажен дисидент, секогаш на „црната листа“, но секогаш прв на листата кога треба да се добијат пари. Глуми политичка жртва, додека со години го цеди буџетот за филм и ужива привилегии во сите времиња кој и да е на власт, обвинуваат од ДФРМ и додаваат дека познатиот режисер во филмската фела е синоним и парадигма за неколегијално и коруптивно однесување.
„Додека режисерот Милчо Манчевски веќе подолг период речиси хистерично ја заплиснува јавноста со некаква теза дека врз него се врши политички прогон и за ова не ја пропушта и можноста безочно да манипулира и меѓународни филмски организации, со што ја резили Македонија претставувајќи ја како репресивна автократија, вистината е сосема поинаква“.
Ова го тврдат водечките луѓе на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Да се биде жртва на политички прогон, подразбира да бидете во конфронтација со политичка елита, на политичко ниво, а поради јасно изразени ставови. Во случајот со Манчевски и со неговото „свиркање“, станува збор за човек кој буквално дреме пред кабинети на политичари, се умилкува и се обидува да биде во добра комуникација и пријателска релација со оние кои владеат. Ако се земат предвид сите факти низ годиниве, тој е високо привилегиран, а не „прогонуван“, велат негови колеги од ДФРМ.
Себеси си исплатил 1 милион евра хонорар за „Сенки“, а на колегите им останал должен – можно ли е ова?!
Филмската фела, тврдат филмаџиите, е таа која трпи последици од конфронтации со властите, а сето тоа во обид да се избори за правичен третман кон сите кои се дел од филмската дејност. Попрецизно, филмските работници бараат достоинствен буџет за филм, решенија за статусот на филмските работници и поддршка за афирмација на кинематографијата без никакво политичко влијание врз седмата уметност и сето тоа согласно со европските закони и практики. Дел од оваа нивна заложба е и апелот да се расчистат истрагите кои се водат за работата на продукцијата „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски, за која сметаат дека е главната причина која го предизвика тој да ја прогонува фелата.
Голем дел од колегите, исто така, биле жртва на неговата алчност за пари. Па така, се случувало и да не исплатува соработници и да се конфронтира со нив, со цел само да го задржи најголемиот дел од паричниот од колач за себе. За своите проблеми со Манчевски во јуни 2022 година јавно проговори и продуцентот Иво Антов, тврдејќи дека за филмот „Сенки“ режисерот себеси си исплатил хонорар од неверојатни 1 милион евра, а нему му останал должен.
Јавна тајна е, велат од ДФРМ, дека во обидот на Манчевски да го одвлече вниманието од рефлекторот вперен кон истрагата за потрошени, а неоправдани речиси 1 милион евра, како и за трансакции кон негови фирми во САД, тој го користи сето негово влијание и лични контакти кон најразлични институции, како што се Министерството за култура, ДКСК, Транспаренси интернешнл, а притиска и се умилкува и кај политички партии.
Никола Груевски ѕвезди од небо му симнуваше, а тој брзо се „префрли“ кај шарените револуционери
Сепак, ова не е ништо ново, кога станува збор за Манчевски. Бројни статии низ годиниве сведочат дека тој секогаш кога една власт е во заминување, самиот се прогласува за политички дисидент, додека ја врти главата кон новата политичка гарнитура. Жалејќи се дека во Македонија е на „црна листа“ тој, всушност, секогаш е највисоко на листата кога треба да се добијат пари за филм, велат од ДФРМ.
Така, познато е дека од поддржувач на Никола Груевски од кого доби милионски суми за разни проекти и филмови, дури со одлука на тогашната влада со дискреционо право за „дополнителни средства“ (пред воопшто да се донесе одлука за финансирање на проектот за негов филм, конкретно за „Мајки“), тој изрази незадоволство и се „префрли“ кон шарените револуционери. А еве, пак се обидува да прави нови, сега „постизборни трансфери“, велат од ДФРМ.
Не беше задоволен ниту од тоа што владата на Груевски, односно претседателот Ѓорѓе Иванов го награди со национална пензија за доживотно да е корисник на месечни примања во висина од две просечни македонски плати, односно во моментов близу 80.000 денари.
Од сите влади лапа пари, а најмногу „укажува“ и „свирка“ против своите колеги од ДФРМ
Водечките луѓе на Друштвото на филмски работници на Македонија не штедат тешки думи кога е во прашање и најновата „ролја“ на Милчо Манчевски.
– Самопрогласениот „укажувач на корупција“ или „свиркач“ , практично манипулатор кој никогаш, независно кој бил на власт, не бил одбиен за ниту еден проект и добивал привилегирани хонорари и максимални буџети, со што ги цедел народните пари предвидени за филм, сега повторно ја применува тактиката „сончоглед“, кокетирајќи со новата влада и претставувајќи се како политичка жртва од минатата власт на СДСМ во чиј мандат доби 2,5 милиони евра за само 3 проекти! Исто како што се прогласуваше за дисидент и жртва на власта на Груевски, од која му беа исплатен фантастични 5 милиони евра!
Во неговото досие на новото хоби „свиркач манипулатор“, велат од ДФРМ, најголем дел од пријавите се кон колегите во Друштвото на филмските работници, кое со своите 150 членови, за сите свои месечни потреби (кирија, сметководство, стручна служба, членство во меѓународни здруженија и друго) има буџет приближно во висина колку неговата национална месечна пензија од 80.000 денари.
Институциите кои постапија по „свиркањето“ на Манчевски не најдоа неправилности во ДФРМ – нека ја завршат сега истрагата за „Банана филм“!
Манчевски во филмската фела е синоним и парадигма за неколегијално и коруптивно однесување, нагласуваат од ДФРМ. Човек кој 30 години не бил одбиен од ниту една власт и кому вртоглавите хонорари кои ги добива никогаш не му се доволни.
– Доказ дека тој делува коруптивно врз институциите е и последниот преседан направен во негова корист, кога со противправен потпис на директорот Владимир Ангелов, му е овозможено да користи средства за кои Вишиот управен суд има донесено одлука да бидат стопирани – велат од ДФРМ.
Инаку, увид во документацијата на ДФРМ, по пријавите на Манчевски, имале сите институции и притоа од ниту една не е констатирана никаква неправилност во работењето на Друштвото.
Во име на транспарентноста и вистината, филмаџиите се надеваат дека институциите кои водат истрага за финансиските малверзации на продукцијата „Банана филм“ сопственост на Милчо Манчевски, како што се ОЈО и Управата за финансиска полиција, брзо и правично ќе го обелоденат исходот.
Извор: Плусинфо