Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен го објави тимот кој ќе раководи со најмоќната европска институција во следните пет години. Фокусот ќе биде на климатските промени, војната во Украина и растот на Кина, јави ДВ.
По повеќенеделни политички превирања, претседателката на Европската комисија ги објави имињата на комесарите кои ќе ги предводат 27-те ресори.
Литванецот Андриус Кубилиус ќе биде прв комесар на ЕУ за одбрана. Новата улога е дизајнирана да ги зајакне европските одбранбени капацитети поради руската агресија врз Украина.
Шпанската министерка за енергетика и животна средина Тереза Рибера ќе биде нов антимонополски комесар, задолжена и за „чиста, праведна и конкурентна транзиција“.
„Таа ќе ја насочува работата кон тоа Европа да остане посветена кон целите поставени во Европскиот зелен договор. И дека во исто време ќе ја декарбонизираме и индустријализираме нашата економија“, рече Урсула Фон дер Лајен на прес-конференција. Климатските промени се една од најважните цели, дополни таа.
Секоја од 27-те земји членки ќе добие по една функција во Комисијата. Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне ќе биде задолжен за индустриска стратегија, Словакот Марош Шефцович ќе раководи со трговијата, додека Естонката Каја Калас ќе биде задолжена за надворешната политика. Буџетот на ЕУ ќе го надгледува Полјакот Пјотр Серафин.
Комесарка за проширување и соседска политика во новата ЕК, ќе биде словенечката политичарка Марта Кос. Изборот на Кос се уште би можел да биде доведен во прашање поради блокадата на конзервативната словенечка опозиција во тамошниот парламент.
Сите кандидати ќе треба да минат низ процес на одобрување во Европскиот парламент.
Се очекува новата Комисија да започне со работа до крајот на годинава, и една од првите задачи веројатно ќе и биде да се соочи со исходот од претседателските избори во САД во ноември.
Евентуално второ претседателство за Доналд Трамп би можело драматично да влијае на поддршката за Украина и на трговските односи меѓу ЕУ и САД.
Во тимот на Фон дер Лајен има 11 жени, далеку помалку од најавената родова рамнотежа која самата ја најави.
Европскиот парламент може да го блокира изборот на кандидатите за комесари. Проценките се дека најтежок пат ќе има унгарскиот кандидат Оливер Вархеји.