Здружението на риболовни спортски клубови (ЗРСК) „Шаран“ од Македонска Каменица информира дека, по преземени мерки од надлежните институции и направени анализи, е утврдено дека поморот на рибите во Калиманско Езеро е предизвикан од акутен отров – цијанид. Анализите на водата и угинатите риби покажале и присуство на тешки метали, како што се жива, кадмиум, олово, арсен и цинк, кои се пронајдени во ткивата на рибите.
Дополнителните анализи на водата откриле и значително високи нивоа на манган (50 пати над дозволеното), амонијак (53 пати над дозволеното), нитрити, олово, бакар и други токсични супстанции.
ЗРСК „Шаран“ соопшти дека ќе преземе низа мерки за да се идентификува сторителот на ова загадување и да се бара најстрога санкција. Во овој контекст, ЗРСК „Шаран“ ќе го извести Градоначалникот и Советот на Општина Македонска Каменица, барајќи вклучување на релевантни институции за следење на водата во Каменичка Река и Калиманско Езеро заради утврдување на безбедноста за здравјето на луѓето и животните. Исто така, ќе се побара испитување на рибите за да се провери дали се безбедни за консумација.
Здружението ќе побара поддршка и од Владата на Република Македонија и од надлежните министерства, особено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед на тоа што водата од Калиманско Езеро се користи за наводнување на земјоделски површини. За инцидентот ќе бидат известени и Претседателот на Р. Македонија, Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, како и амбасадите на САД и Обединетото Кралство.
„Правдата ќе ја бараме до крај и, ако е потребно, ќе се обратиме и до меѓународните судови,“ изјавија од ЗРСК „Шаран“.