Пишува: Џелал Незири
28 август 2014. Овој датум го одбележуваше 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна.
Поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, одлучи овој датум да го одбележи малку поинаку. Со тоа, таа отвори ново поглавје на надеж за земјите од Западен Балкан.
Една поинаква визија за Западен Балкан, која надминуваше историски недоразбирања и замките поради кои се познати државите од регионот. Оваа визија добиваше форма и импулси преку конкретна иницијатива, која денес е позната како „Берлински процес“.
Тоа исто така беше тежок период на геополитички план: Русија го анектираше Крим, ИСИС продолжуваше да освојува територии во Ирак и Сирија, а бегалската криза закануваше да создаде раздор во Европската Унија.
Во целата оваа слика на глобална и регионална несигурност, Меркел отвори ново поглавје на надеж за земјите од Западен Балкан. Резултатите не се поклопуваа со нетрпеливоста на балканските земји да станат дел од ЕУ. Очекувањата на Балканот беа поголеми отколку подготвеноста на Европа.
Со почетокот на пандемијата COVID-19, процесот на интеграција речиси беше ставен на страна. Во тој период, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама ја лансираа идејата за „Мини-Шенген“, кој подоцна го доби името „Отворен Балкан“. И овој проект, колку и да изгледаше конкурентен со Берлинскиот процес, беше резултат на истиот процес. Пред 2014 година немаше ниту една официјална посета помеѓу Тирана и Белград, додека само пет години по започнувањето на Берлинскиот процес имавме самостојна регионална иницијатива која, со сите нејзини недостатоци, го промовираше економскиот развој, соработката, мирот и безбедноста.
Десет години подоцна, Берлинскиот процес има зад себе серија резултати: конкретни инфраструктурни проекти кои ги олеснуваат врските во регионот, телефонски разговори без роаминг, дигитализација, признавање дипломи, интеграција на економиите во заедничкиот регионален пазар… Најважно од сето тоа е духот на соработка што е воспоставен на Балканот, без кој не може да се случи ниту помирување, ниту развој на овој регион.
Берлинскиот процес помогна и продолжува да им помага на земјите од регионот да се приближат кон целосната интеграција во ЕУ. Поттикнувањето и поддршката на аспирантските земји во спроведувањето на реформите во согласност со законите на ЕУ, борбата против корупцијата и организираниот криминал, функционирањето на правната држава и зачувувањето на основните демократски вредности, без сомнение се меѓу најзначајните резултати на Берлинскиот процес. Годишните самити на високо ниво, министерските состаноци и конференциите на невладините организации од шесте земји од регионот придонесоа денес отворено да се зборува за проблемите, да се размислува како да се решат и да се движиме напред кон посветла перспектива. Со една реченица, Берлинскиот процес го трансформираше Западен Балкан од сива зона, која беше позната како арена на постојани немири и конфликти, во регион обединет околу заедничка визија – онаа на европеизација.
Меркел сега ужива во својата заслужена пензија, но зад себе остави овој голем проект за мир. Vielen Dank, Frau Angela Merkel!