Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разгледа договор за примирје со претседателот на САД Доналд Трамп, но одбива значајни територијални отстапки и инсистира Украина да се откаже од амбициите за членство во НАТО, според пет извори блиски до Кремљ, објави Reuters.
Московските сили контролираат околу 18% од Украина, вклучувајќи ја и Крим, и напредуваат со најбрзо темпо од почетокот на инвазијата во 2022 година. Кремљ е подготвен за замрзнување на конфликтот по тековните линии на фронтот, со можност за преговори за точната поделба на четирите региони: Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, велат извори.
Русија може да се повлече од малите територии што ги држи во Харков и Миколаив, но Крим останува неприкосновен дел од Русија, нагласуваат официјални лица.
Путин истакна дека каков било договор мора да ги одразува „реалностите на теренот“, додека предупредува против краткорочно примирје кое би ѝ овозможило на Запад да ја вооружи Украина. Москва, исто така, се спротивставува на присуството на НАТО сили во Украина, но е подготвена за дискусија за гаранции за безбедност за Киев.
Сепак, дозволата од администрацијата на Бајден за користење на американските ракети ATACMS за удари на руска територија може да го комплицира секој договор, велат извори, додавајќи дека тоа ја зајакнува позицијата на руските хардлајнери.
И додека Трамп вети дека ќе стави крај на војната, украинскиот претседател Володимир Зеленски останува цврст дека нема да има мир додека сите руски сили не се повлечат од територијата на Украина, според границите од 1991 година.
Според аналитичарите, постигнување договор за траен мир кој ги задоволува и руските и украинските безбедносни интереси ќе биде исклучително тешко.