0.8 C
Скопје
18 јануари, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Со пари за меѓуетничка интеграција – приредба за УЧК

Училиштето „7 Март“ со години добивало грантови од МОН за меѓуетничка интеграција. Инспекторатот ќе проверува кој одобрил приредба на ученици во униформи на УЧК. ДУИ обинува за антиалбански политики.

„Редовно учество и добитник на грант од Министерството за образование за меѓуетничка интеграција во образованието”. Ова е една од придобивките со кои се фали Централното основно училиште „7 Март” од село Челопек, Општина Брвеница, на неговата официјалната веб страница.

Нема податок колку средства по таа основа досега се влеале во училиштето. Но, очигледно е дека поддршката траела повеќе години, бидејќи добиените грантови од МОН се наведени со други активности кои се одвивале „​осум години по ред“. И покрај тоа, резултатот од начинот на кој училиштето инвестирало во градење на меѓуетничката интеграција е повеќе од скандалозен.

Малолетни ученици во униформи на УЧК, со пластични пушки во рацете, кои во рамки на кореографијата (додека пее ученичка) час маршираат, час војнички отпоздравуваат или клекнуваат со пушки вперени „на готовс” – е еден од настапите на школската приредба одржана во ова училиште на 28-ми ноември.

Видеото од ваков настап предизвика голема загриженост за насоката во која се движи образованието, на што реагираше и ресорната министерка Весна Јаневска.

„Ваквиот чин, не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив (…) Наместо да се бориме за единство, за градење мирна и хармонична училишна средина, која патем треба да биде и основа за градење на мирно и хармонично општество и силна заедничка држава, во 21. век гледаме дека нечии размислувања и идеали се заглавени во некој минат век“, напиша Јаневска на Фејсбук.

Таа наведе дека добила информации оти слични активности имало и во други две училишта.

„Кога во училиштето ќе се појави некаква приредба во која се промовира милитантизам со униформи на нерегуларна војска со амблеми и со играчки пушки и пиштоли, не укажува на овие вредности. Затоа ќе испратиме Државен просветен инспекторат да провери дали се работи по план, дали е ваквата приредба пријавена, кој ја одобрил ваквата приредба и сè друго што значи соодветно работење на раководството, дали одговара на Законот за основно образование, каде се вели дека нема да има дискриминација“, најави вчера министерката за образование.

ДУИ: Јаневска веднаш да се повлече од заканите

Од опозициската ДУИ не гледаат никаков проблем во овој случај и обвинуваат дека „двојните стандарди и хипокризијата на оваа влада немаат крај”.

„Министерот за образование се заканува со санкции за едно училиште во Челопек, бидејќи децата Албанци на културен настан носеле униформи кои ја симболизираат историјата и гордоста на албанскиот народ. Ова е продолжение на антиалбанските политики што се спроведуваат во последните месеци, каде што секое изразување на албанскиот идентитет и историја се напаѓа и се третира како провокација“, се вели во соопштението на ДУИ.

Оттаму посочуваат пример (без детали за времето кога се случило и за карактерот на настанот (школски, воншколски) кога деца во училиште во Општина Аеродром носеле „униформи“ на навивачка група, приложувајќи фотографија од спортска сала.

„Кога во едно македонско училиште во Аеродром децата носеа униформи на Комитите и изведуваа воени поздрави, немаше никаква реакција. Тогаш, ДУИ не дозволи, како што нема да дозволи, ваквите активности да се злоупотребат за создавање меѓуетнички тензии или поделби во општеството (…) Но денес, оваа влада избра да ги напаѓа децата Албанци и нивниот идентитет, отворено демонстрирајќи дискриминација. Ако во минатото покажавме толеранција кон слични активности во духот на соживотот, тоа не ѝ дава право на оваа влада денес да ги казнува Албанците за исти или слични постапки“, велат од ДУИ.
Партијата бара министерката за образование „веднаш да се повлече од заканите против училиштето во Челопек и да престане со политизација на културните активности на децата”.

„Секој обид за создавање поделби и дискриминација нема да биде толериран. Албанците не се граѓани од втор ред и нема да дозволат нивниот идентитет и национална гордост да бидат омаловажувани. ДУИ секогаш ќе застане во одбрана на достоинството и правата на Албанците, докажувајќи дека нашиот идентитет не е провокација, туку заедничко богатство за целото наше општество“, се вели во партиското соопштение.

Јаневска: За генерации опремени со знаење, а не со оружје

Министерката за образование не испрати закани до никого. Таа апелираше до сите останати училишта „да се оградуваат од такви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да се заложат да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје”. „Генерации кои ќе ја сакаат земјата во која се родиле и растат и ќе ги почитуваат другите независно на етничката, верската или каква било друга разлика. Тоа е вистинската цел поради која се отвораат и постојат училиштата! И конечно, ајде заедно да ги славиме личностите и победите низ историјата, имаме кого и имаме што заедничко, а овие училишни приредби се идеално место за тоа. Многу Албанци дале придонес во создавањето на оваа заедничка држава, учествувале во народноослободителната борба, учествувале во понатамошниот развој, во науката, спортот, културата…Споменот за нив треба да нé обединува”, порача Јаневска.

Етички кодекс на хартија

Иако по објавеното видео од приредбата на 28-ми ноември, изгледа дека во „7 Март“ ниту постои ниту функционира етички кодекс, од училиштето во Годишната програма пишуваат дека го имаат.

„Училиштето има изготвено Кодекс на однесување за наставници, учениици и родители кои се истакнати во училиштето и ќе настојуваме истите да се почитуваат и повремено да се иновираат врз основа на ново настанати ситуации и потреби. Со овој кодекс сите се обврзуваат, со својата чест, дека ќе се придржуваат кон овие определби и норми како составен дел од својата професионална работа. Односите во училиштето се градат врз основа на достоинството и самодостоинството. Сите меѓусебно се почитуваат. Никој не навредува и не повредува друг. Во училиштето нема место за насилство, притисок и поткуп. Не е дозволена корупција, морално и сексуално злоставување. Туѓи ни се невоспитаноста, непристојноста и секој вид неморално и нечесно однесување – воопшто однесување кое е спротивно на граѓанските и етички и морални вредности“, се наведува во програмата на училиштето.

Како една од редовните активности на училиштето е посочена „Културно – уметничка манифестација по повод денот на знамето ’28-ми Ноември'”. Покрај добиените грантови од МОН за меѓуетничка интеграција во образованието, потенцираат дека „во рамките на меѓуетничките активности, Центарот за толеранција и доживотно учење (невладина организација – н.з.) со седиште во Скопје го избрало нивното училиште како единствено што ќе го претставува делот од Западна Македонија”.

Тим за училишна интеграција

Меѓуетничката интеграција се спомнува на повеќе места во Годишната програма на училиштето за учебната 2024/2025 година. Во делот „Мисија и визија”, се наведува дека училиштето „ја продолжува традицијата за воспитание и образование, затврднување на мултиетничката клима во училиштето”.

„Една од најблагородните професии на човештвото е учителствувањето. Така со слоганот: ‘Учам секој ден за да можам утре да подучувам’, ние тежнееме кон оспособување на учениците за самообразување и образување на други од нивна страна“, е наведено во програмата. Во делот „Унапредување на мултикултурализмот/интеркуртуларизмот и меѓуетничката интеграција”, пишува дека училиштето „е етнички мешана македонско-албанска средина и за да се развие и негува мултикултурализам се води грижа во реализацијата на сите активности да се вклучат и учениците од сите етнички групи со цел  меѓусебно запознавање, и почитување на различностите”.

Во програмата се вели и дека активностите од меѓуетничката интеграција во образованието се составен дел од планирањата на наставниците и стручните соработници, при што е наведен и составот на тимот за училишна интеграција, на чие чело е директорот на училиштето. / DW

Related posts

ПУТИН ЗАБРАНИ ИЗВОЗ НА РУСКА НАФТА ВО ЗЕМЈИТЕ КОИ ВОВЕДОА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ

ninja

Социјалните медиуми и медиумската „неписменост“ можност за манипулација со гласот на граѓаните

admin

Флорида ги брои трошоците за ураганот Милтон во услови на политичка бура

admin

Денес е 24 мај – Денот на сесловенските просветители

admin

Општетсвото да се бори повеќе за медиумската саморегулација

admin

На 88-годишна возраст почина писателот Исмаил Кадаре

admin