Не вреди да се остане во влада или да се одржува владата подолго, а притоа да бидеме оштетени, вели за “360 степени” претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за коалицијата со ДУИ во периодот 2022-2024 година.
Претседателот на опозицискиот СДСМ рече дека една од научените лекции по падот од власта е дека не треба да се одржува владата на штета на позициите на СДСМ.
Ова Филипче го кажа потврдувајќи го својот веќе јавно искажан став – „бевме сервилни кон нашите коалициски партнери, а тие ја злоупотребија нашата широчина“, потврдувајќи дека коментарот се однесувал на ДУИ.
„И притоа јасно е, и тоа е еден од постулатите во програмата, дека секоја една коалиција ќе ја градиме врз основа на вредносните политики и дека не вреди да се остане во влада или да се одржи владата некој период подолго, а притоа сериозно да биде оштетена нашата позиција. Впрочем, тоа се случи во последните години од владеењето од 2022 до 2024 година. Така што во тој контекст беше изјавата“, рече Филипче.
Филипче се согласува дека ДУИ, на некој начин, ја трошеше и во еден значаен дел ја потроши СДСМ како дел од власта.
„Да. И тоа не е само моја констатација. Тоа е дел од една многу сериозна анализа што ја направивме и тоа е таа научена лекција што ја спомнав“, додаде Филипче.
Но, СДСМ и како опозициска партија е соочена со коалициски предизвици. Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, која на изборите настапи на листата на коалицијата предводена од СДСМ, најави дека ќе настапува независно.
Зајкова од ЛДП не гледа што е неморално во независниот настап во Собранието и вртењето грб на СДСМ
Филипче вели дека разговарал со Зајкова и дека таа нема намера да ја напушти пратеничката група.
„Не гледам причина зошто би го направила тоа. Што е тоа, која е таа политика во овој момент којашто на власта ѝ е потребна и навистина носи некаков бенефит за граѓаните и за државата, за којашто им е потребно двотретинското мнозинство?“, смета Филипче.
Моника Зајкова кажа дека би дала свој глас за одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство и тоа – за евентуални уставни измени со одложено дејство во врска со внесувањето на Бугарите во Уставот, како и за избор на новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Поддршката, сепак, ја стави во определен контекст. За уставните измени, ако тоа помогне во односите со Бугарија. За нов Совет на АВМУ, во зависност од кадрите кои ќе бидат предложени за членови.
Па, Филипче беше прашан – дали е можно зад овие позиции да се крие друга намера или внатрешни прегрупирања во партијата пред евентуални разговори со ВМРО-ДПМНЕ.
„Суштинското прашање е кои ќе бидат предлозите за членови на АВМУ. Сметаме дека се случува една навистина брутална партизација во државата на сите нивоа. Се менуваат закони да се спојат комисии, второстепените комисии се сега споени. Тоа е комисија којашто ја бира Собранието и во којашто поранешните членови имаа мандат. ВМРО-ДПМНЕ не знаеше како освен да смени закон и тие да се укинат и да се формира ново тело. Понатаму, брутална партизација се случува во структурите на безбедноста, во МВР се бркаат луѓе од работа, се поставуваат партиски луѓе на раководни функции, во Агенцијата за национална безбедност видете каква брутална партизација се случува. Излезе некоја информација дека дури и факултетската диплома на новоназначениот директор Христовски не е соодветна, значи е можно тој да не ги исполнува условите да биде на таа позиција. Невладината комисија за граѓански надзор на следењето на комуникациите во Собранието сега како предлог ја сочинуваат луѓе со партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, замислете, до кој степен оди таа партизација. Мислам дека станува збор за еден многу сериозен процес на воведување на режим, дури и побрутален од тој којшто го правеше Никола Груевски. Гледате каков е ставот на премиерот, гледате каков му е ставот кон судството. Единствен премиер во демократска држава којшто се заканува и мавта со лисици од собраниска говорница е Христијан Мицкоски. Тоа го нема во ниту една развиена земја. И сега што ќе поддржи Моника Зајкова? Ваква една брутална партизација во којшто исто и членовите на АВМУ ќе бидат блиски до ВМРО-ДПМНЕ? Тоа нема никаква логика освен ако не станува збор за некој личен или теснопартиски интерес“, смета Филипче.