Министерот за здравство Азир Алиу се сретна со делегација од Министерството за здравство на Црна Гора, предводена од министерот за здравје Војислав Шимун, при што двете страни ја потврдија заложбата за продлабочување на билатералната соработка, со фокус на европските интеграции.
Алиу изјави дека двете земји имаат традиционално добри односи и нагласи подготвеност за понатамошно унапредување на соработката во здравствениот сектор, вклучително и размена на искуства за усогласување на националното законодавство со правото на Европската унија.
„Имавме конструктивна размена на искуства поврзани со процесот на усогласување на законодавството и пристапните преговори, со посебен акцент на Поглавјето 28 за јавно здравје“, изјави Алиу.
На средбата беше истакнато и заедничкото учество во Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и значењето на регионалните центри во Подгорица и Скопје во справувањето со незаразни болести и јавното здравје.
Двете страни разговараа за можности за размена на експерти и медицински кадар, зајакнување на јавното здравство, како и за дигитализација на здравствените системи и користење на европски програми за поддршка на реформите.
Шимун го презентираше искуството на Црна Гора во пристапниот процес кон Европската унија, посочувајќи дека Поглавјето 28 е во напредна фаза на затворање. Тој информираше и за учеството на земјата во програмата EU4Health, изразувајќи подготвеност овие искуства да ги сподели, особено во делот на дигитализацијата и користењето на европските механизми.
Двете страни се согласија дека континуираната институционална соработка е клучна за спроведување одржливи реформи и подобрување на квалитетот на здравствената заштита, во согласност со европските стандарди.

