Албанското Министерство за Европа и надворешни работи ги отфрли како „невистинити“ и „фабрикувани“ наводите дека министерот за надворешни работи Ферит Хоџа користел навредлив јазик кон Албанците во Северна Македонија, откако опозициски пратеник објави наводни пораки од приватна комуникација.
Пратеникот на Демократската партија, Белинд Кељичи, претходно на социјалните мрежи објави, како што наведе, пораки од внатрешна комуникација во Министерството, тврдејќи дека тие ја откриваат „ароганцијата“ и навредливиот став на Хоџа кон Албанците во Северна Македонија. Кељичи побара министерот да понесе оставка.
„Начинот на кој се изразува е неприфатлив за еден дипломат од таков ранг“, напиша Кељичи, додавајќи дека ваквиот речник не може да биде оправдан дури ни во приватна комуникација.
Во објавената слика се гледа комуникација меѓу вработените во министерството, каде се информира Хоџа за пишувањата на медиумите во Северна Македонија. „А тие Албански идиоти таму што велат?“, наводно прашал министерот.
Во реакција за медиумите, Министерството соопшти дека објавените материјали „немаат никаква врска со реалноста“ и дека станува збор за измислени содржини кои се злоупотребуваат во политички цели.
„Комуникацијата претставена пред јавноста е невистинита и фабрикувана. Жално е што вакви тврдења се креираат и потоа се засилуваат од политички актери“, се наведува во соопштението.
Од Министерството додадоа дека ова не е првпат да се појавуваат, како што велат, неосновани обвинувања против претставници на надворешната служба.
Министерот Хоџа изразил доверба во професионалноста на дипломатската служба, нагласувајќи дека таа продолжува да ги извршува своите обврски без да биде под влијание на, како што се наведува, „намерно создадени медиумски шумови“.
Случајот предизвика политички реакции во Албанија, но засега нема официјална најава за институционална истрага.

