Граѓаните се убедени дека со бојкотот ќе испратат силна порака против цените во маркетите, но не се сигурни дали таа порака ќе произведе и конкретни ефекти.
Не е автентичен активизам ни експеримент, туку лавина што стигна до Македонија, откако тоа го направија купувачите во Хрватска, по што се активираа и Словенците. Тие бојкотираат одредени продажни синџири и маркети до втори февруари, со повик до граѓаните да го продолжат бојкотот и од 3-ти до 9-ти февруари. Според податоците на Статистичкиот завод на Словенија, денес за храна Словенците плаќаат во просек 44% повеќе отколку пред десет години. Акции за бојкот се најавени во БиХ, Црна Гора и Србија.
Со минимална кошничка за едно четиричлено семејство која во Македонија надмина 1.000 евра, бојкотот на маркетите поради високите цени се оценува како оправдана граѓанска реакција. Но копјата се кршат по прашањето дали плафонот на цените може системски да се реши, наместо да се испраќа порака со еднодневна или еднонеделна акција на потрошувачите. Граѓаните се убедени дека ќе испратат силна порака, но не се сигурни дали таа ќе произведе и конкретни ефекти.
Најдолгиот месец во годината
Атмосферата во големите маркети пред бојкотот не открива некаква „вонредност“. Мала прошетка низ неколку од нив покажува дека нема голема посетеност и пред најавениот бојкот, па дури ни во најфреквентниот период од денот. Но, продавачи велат дека тоа не е резултат на некакво „загревање“ на атмосферата поради најавениот бојкот, туку само последица од испразнетите паричници во најдолгиот месец во годината.
„Секоја година на крајот од јануари има помал прилив на купувачи“, вели продавачка во еден од големите маркети.
„Сега некои мислат дека тоа има и предвремено влијание заради повиците на социјалните мрежи за бојкот во маркетите. Не е така. Јас сум продавач, но исто така сум и купувач. Од тоа двојно искуство ви кажувам – исто ќе беше и да немаше повици за бојкот. Јануари на сите им е ‘најдолгиот месец во годината‘, голем дел од приходите се потрошени уште за новогодишните и божикните празници, џебовите се празни. На крајот од јануари помалку се купува, повеќе се трошат домашните залихи“, уверува продавачката, повикувајќи се на искуствата од истиот период во минатите години.
Ја прашавме дали таа ќе се придружи на бојкотот.
„Видете, и јас купувам по цени кои не ми се допаѓаат. Дали ќе бојкотирам? Па додека да ми стигне платата – и да сакам, и да не сакам – принудена сум да ‘бојкотирам’. Сѐ е тоа поврзано со приходите. Сликата е речиси секаде иста. До средината на месеците повеќето луѓе пазаруваат со големи колички, кој со една, кој со две, а по 20-ти во месецот веќе почнуваат да пазарат со мала кошница“, ги отсликува таа навиките на потрошувачите во корелација со тенчењето на џебот.
Симболика и лицемерие
Во друг голем маркет во центарот на Скопје не се уверени оти бојкотот ќе има каков било ефект.
„Имаме купувачи кои велат – ‘денеска ќе си набавиме предвреме тоа што што ни треба, бидејќи во петок ќе ве бојкотираме’. Таквиот бојкот е само симболика. Ако направиле промет, што е важно дали го направиле во среда или во петок“, вели вработен во маркетот.
Тој укажува и на „естрадна“ страна на бојкотот.
„Вчераутро, само што отвориме, влезе млада девојка и гледам слика со телефонот. Ја прашувам – што слика, вели – не се секирајте, не го сликам името и логото на маркетот, ќе ви покажам да видите. Ми треба само фотографија од рафтовите додека меѓу нив се уште нема жива душа, за да ја објавам кога ќе биде бојкотот во петок. Истата потоа излезе со три полни кеси од маркетот, а утре ќе објавува неавтентична слика направена два дена пред бојкотот“, раскажува соговорникот.
Како колективна терапија
Меѓу пензионерите, кои најгласно ја критикуваат висината на цените, има поддршка за ваквиот активизам.
„Го поддржувам бојкотот. Дај Боже тоа да повлијае да ги намалат цените. Лично јас не пазарувам во големите маркети. Штом ја земам пензијата, веднаш правам набавка на основни продукти за цел месец, а во останатите денови купувам само леб и зеленчук, сето тоа од маалско дуќанче. Поддржувам да се крене гласот на граѓаните, ама мислам дека поважни се инспекторите. Тие треба да утврдат кој какви игри игра со цените“, вели пензионерка.
Нејзината пријателка не очекува ефекти од бојкотот.
„По петок, ќе дојде сабота, и пак ќе биде по старо“, смета таа.Акцијата ја доживува само како еден вид колективна терапија, повеќе колку да се покаже дека граѓаните имаат став и глас. / DW