Полицијата веќе собира контакт податоци од возачите за испраќање на казните за сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрираат камерите. Системот треба да профункционира до крајот на 2025, првично во три града. Од МВР велат дека тој ќе „лови“ брзо возење, поминување на црвено и погрешно паркирање.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР), поставувањето на системот со камери за казнување на сообраќајни прекршоци треба да се заврши во текот на 2025 година, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ова е дел од одговорот што го доби РСЕ од МВР за подготовките за ставање во функција на системот „Безбеден град“, преку кој ќе се изрекуваат казни за несовесните возачи.
Проектот се најавува со години, а револт поради доцнењето беше изразен на протестите по трагичната сообраќајка на 29 јануари, кога на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова.
Паралелно, трагедијата ги поттикна пратениците во Собранието да организираат јавна расправа за законски измени за поголема безбедност во сообраќајот. Таа е закажана за 7 февруари и доби поддршка од сите пратенички групи.
Измени во законската регулатива ќе се направат за да може да се користат камерите од „Безбеден град“. Од МВР велат дека новите одредби ќе се однесуваат на сопствениците на возилата и корисниците, на кои ќе им се доставуваат податоци за прекршоците.
„Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со технички средства, а сопственикот на возилото ќе добие соодветен поднесок за прекршокот“, информираат од Министерството.
Освен ова, се планира и дерегулација на постапките за заштита на личните податоци.
Камерите ќе регистрираат прекршоци како минување на црвено, пречекорување на брзина и непрописно паркирање.
Како дел од подготовките, полицијата веќе собира контакт податоци од возачите при регистрација на возилата. Граѓани сведочат дека при процесот на регистрација им се бара телефонски број и електронска пошта, а податоците се потврдуваат преку електронска комуникација од „МВР возила“.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека новиот систем ќе овозможи известување на прекршителите преку СМС, е-пошта и пошта. Во иднина, ќе се воведе и мобилна апликација за следење на казните и други услуги од МВР.
Системот за регистрирање прекршоци преку „Безбеден град“ првично ќе се имплементира во Скопје, Куманово и Тетово. Тест периодот ќе вклучи испраќање известувања без изрекување казни.
Минатогодишното тестирање покажа дека во рок од 24 часа, само 20% од камерите регистрирале 2.000 прекршоци, што според министерот укажува на можноста за дури 20.000 прекршоци дневно со целосно функционирање на системот.
Во меѓувреме, пратениците во Собранието ќе дебатираат за построги казни. На 3 февруари, собраниската Комисија за политички систем одобри јавна расправа за 7 февруари, со поддршка од сите парламентарни партии.
„Време е за сериозни чекори и системски решенија. Безбедноста на граѓаните мора да ни биде приоритет“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави два предлога: воведување полицаец пред секое училиште за време на наставата и заострување на казните, вклучително и можност за одземање на возилата.
Протестен марш „Стоп за сообраќајното насилство“ е закажан за 10 февруари во Неготино, родниот град на Фросина Кулакова. Претходно, во Скопје се одржаа два масовни протести, на кои граѓаните побараа правда и построги мерки за безбедност во сообраќајот.