Експерти од земјите на Западен Балкан во средата изразија загриженост за зголемениот прилив на штетни странски влијанија во регионот преку дезинформации, кои, како што велат, главно доаѓаат од Русија.
Нивните коментари беа дел од дискусиите на Самитот за дезинформации на Балканот, кој денеска се одржува во Приштина, организиран од платформата The Geopost, која веќе четири години работи на спречување на ширењето на неточни информации, пренесува Гласот на Америка (VOA).
Фестим Ризанај од платформата за проверка на факти „Хибрид“ изјави дека Русија во последниве години ги користи воените настани во Косово за да шири пропаганда на Балканот, во обид да го оправда својот напад врз Украина.
„Четирите главни наративи што Русија ги користи во однос на Косово вклучуваат: делегитимирање на неговата државност, каде што често се повикува на војната во Косово за историски ревизионизам, тврдејќи дека интервенцијата на НАТО го прекршила суверенитетот на една држава и била агресија врз Југославија. Вториот наратив е претставувањето на Косово како дестабилизирачки фактор во Балканот, наметнувајќи ја идејата дека Косово е ‘канцер’ во регионот. Третиот е дека Косово е нелегитимна држава“, изјави тој.
Учесниците на самитот нагласија дека руското влијание во Западен Балкан е во пораст и повикаа на зајакнување на евроатлантската ориентација на регионот, предупредувајќи дека во спротивно се создава простор за штетни странски влијанија.
„Во новиот парламентарен состав имаме околу 12 пратеници кои отворено го поддржуваат Русија, додека во претходниот состав имаше само двајца. Политичката моќ на овие структури расте, додека економската слабее. Ова, според мене, е резултат на т.н. верска дипломатија. Пред еден месец, на пример, Македонската православна црква одлучи да признае една проруска црква во Украина, која е забранета од украинскиот парламент, но сè уште се двоуми да ја признае официјалната црква на таа земја. Слично се однесуваат Србија, Босна и Албанија. Русија сè уште има контрола врз црквите во регионот“, изјави Џелал Незири од Северна Македонија.
„Ако се измери дали Русија троши пари за дезинформации во Босна, би рекол многу малку. Ако ме прашате дали има медиуми во Босна директно во руска сопственост, можеби еден или ниту еден. Но, ако прашате дали проруската пропаганда е широко распространета во Босна, одговорот е – да. Ова се случува затоа што сè што е на власт во Република Српска природно е проруско“, изјави Дарко Бркан од Босна и Херцеговина.
Експертите нагласија дека е неопходно продлабочување на регионалната соработка на Западен Балкан за справување со заедничките предизвици што ги носат дезинформациите и штетното странско влијание.