Политичките партии во Косово ја продолжуваат кампањата за парламентарните избори на 9 февруари, во услови на интензивни дебати за наследените проблеми и длабоките поделби околу клучни прашања од внатрешната и надворешната политика.
Аналитичарите предупредуваат дека идната влада ќе се соочи со значително потешки предизвици во се понепредвидливиот глобален контекст.
Енѓелуше Морина од Европскиот совет за меѓународни односи за „Гласот на Америка“ изјави дека неодамнешните избори во Европа и САД го променија геостратегискиот контекст, што ќе има сериозни последици врз Косово.
„Секоја влада што ќе произлезе од овие избори ќе мора да се фокусира на позицијата на Косово во регионот на Балканот и на неговите евроатлантски интеграции, кои се под знак прашање поради политиките на новата американска администрација, која се залага за намалување на американското влијание во Европа, особено во безбедносниот сектор“, изјави Морина.
Бесар Грџи од Групата за правни и политички студии истакна дека идната влада ќе мора или да смекне ставот кон северниот сосед или да вложи повеќе во дипломатијата и комуникацијата со сојузниците за да избегне недоразбирања.
Од јуни 2023 година, Косово е под санкции од Европската унија поради неговите активности на северот на земјата, каде што доминира српското население. Американски функционери од администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, исто така, предупредуваа за влошување на односите меѓу Вашингтон и Приштина поради некоординираните потези на косовската влада.
Опозициските партии во Косово тврдат дека земјата никогаш не била во понеповолна позиција со своите меѓународни партнери од прогласувањето на независноста. Тие најавуваат дека ќе работат на обновување и зајакнување на односите со САД, што го сметаат за клучен фактор за иднината на Косово.
„Независно и суверено Косово, членка на НАТО и Европската унија, со трајно пријателство со САД, останува наша главна политичка мисија“, изјави лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Лумир Абдиџику.
Лидерот на Демократската партија на Косово, Бедри Хамза, истакна дека неговата партија ќе работи на зајакнување на сојузништвото со Вашингтон, Брисел и другите демократски држави.
„Мораме да го смениме досегашниот курс затоа што сакаме целосна и трајна безбедност. Потребно ни е членство во НАТО, затоа што само така можеме да ја осигураме иднината“, додаде Рамуш Харадинај, лидер на Алијансата за иднината на Косово.
Актуелниот премиер и кандидат на Движењето Самоопределување, Албин Курти, за време на кампањата вети дека ќе ги зајакне стратешките односи на Косово со неговите меѓународни партнери. Сепак, тој повтори дека нема да го формира Заедницата на српски општини – барање што западните дипломати постојано го истакнуваат.
„Република Косово, предводена од нашата влада, никогаш нема да прифати ‘Зајдница’, но ќе поддржи Асоцијација на косовски општини, вклучувајќи ја и северната Митровица“, рече Курти.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Ричард Гренел, изјави дека владата предводена од Курти не е доверлив партнер. Во објава на социјалните мрежи, тој напиша: „Курти сега тврди дека има блиски односи со САД, но тоа е апсолутно невистинито. Не дозволувајте да бидете изманипулирани“.
„Гласот на Америка“ побара коментар од кабинетот на премиерот Курти за изјавата на Гренел, но не доби одговор до моментот на објавувањето на овој извештај.
„Ова е необична изјава од висок американски функционер во предизборен период. Можно е да има обид за директно влијание врз изборите во Косово, што е загрижувачки, имајќи предвид дека Гренел е официјално именуван како специјален претставник на американската влада“, изјави Бесар Грџи.
„Се надевам дека администрацијата на претседателот Трамп ја разбира стратешката важност на Балканот и неговото значење за евроатлантските односи. Би било подобро официјалните коментари од Вашингтон да дојдат по изборите во Косово“, додаде Енѓелуше Морина.
Гренел, кој во 2020 година беше специјален пратеник на Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, претходно го критикуваше Курти. Тој беше архитект на економскиот договор за нормализација на односите меѓу двете земји, постигнат во Белата куќа во септември 2020 година. Курти тогаш тврдеше дека Гренел бил вмешан во соборувањето на неговата влада во март 2020 година, што американскиот дипломат го негираше.