12.8 C
Скопје
19 март, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Кој во иднина ќе владее во Германија?

Демохристијаните победија на изборите во Германија. Сепак, за формирање влада им треба коалициски партнер. Сметаат дека тоа ќе бидат социјалдемократите, кои досега беа на власт. Но, тие прво мора да го преболат поразот.

Пишува: Сабине Кинкарц

Социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц ја напушта власта онака како што владееше – трезвено и без видливи емоции. Тој рече дека му е „чест“ што ја имал одговорноста во овие „предизвикувачки времиња“. Тој оваа изјава ја даде на денот кога неговите социјалдемократи (СПД) претрпеа тежок пораз на изборите.

66-годишниот Шолц застана пред новинарите во седиштето на партијата во Берлин, и тоа во средина, меѓу партиските претседатели Ларс Клингбајл и Саскија Ескен, но веќе можеше да се види дека Шолц повеќе не игра главна улога.

Тој им се заблагодари на гласачите и на својата партија, а потоа изговори реченица што само Шолц можеше да ја каже на таков начин – тој до последен ден „уредно ќе си ја извршува работата“.

Што може да направи канцеларот до крајот на мандатот?

Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и веројатно иден канцелар Фридрих Мерц, има јасна идеја за тоа што треба да се направи пред предавањето на власта. Тој рече дека неговата партија веќе му испратила на канцеларот „меморандум за разбирање“ во кој бара Шолц „да не носи долгорочни одлуки без нивно учество“.

Меморандумот содржи точки „кои ги сметаме за важни за соработката во оваа преодна фаза“, истакна Мерц. А должината на периодот на транзиција зависи од тоа колку брзо демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) ќе најдат коалициски партнер. Ден по изборите (24 февруари), Мерц веќе се јавил кај лидерот на СПД, Клингбајл и кај канцеларот Шолц.

Преговори по покраинските избори во Хамбург

Мерц наведе три „приоритетни“ теми за кои сака да разговара со социјалдемократите како потенцијални партнери во идната влада. Тоа се надворешната и безбедносната политика, миграциската политика и зајакнувањето на економијата.

„Претпоставувам дека социјалдемократите, за разлика од Зелените, се многу заинтересирани за зачувување на работните места во индустријата во Германија“, нагласи Мерц. Тој додаде дека е „решен да има конструктивни, добри и брзи разговори со социјалдемократите“.

Мерц објасни дека коалициските преговори со Социјалдемократската партија на Германија ќе започнат веднаш по изборите во покраината Хамбург, во недела на 2 март.

Демохристијаните забрзуваат, социјалдемократите засега кочат

69-годишниот Мерц е полн со самодоверба, иако неговите демохристијани не ја постигнаа зацртаната изборна цел од најмалку 30 отсто освоени гласови. Тие победија на изборите освојувајќи 28,5 отсто од гласовите, што одговара на бројката од 208 пратеници. Социјалдемократите имаат 16,4 отсто или 120 пратеници. Заедно би имале мнозинство со 328 од 630 пратеници во германскиот парламент- Бундестагот, па Мерц рече дека црно-црвената владина коалиција (ЦДУ/ЦСУ и СПД) е секако можна. „И токму тоа го сакаме“, додаде тој.

Но, дали и Социјалдемократската партија го сака тоа? „Дали ќе се формира влада, дали СПД ќе влезе во владата – тоа не е решено“, вели претседателот на партијата Клингбајл. „Топката е прво кај Фридрих Мерц – да им пријде на социјалдемократите и да побара разговор. Да побара прелиминарни преговори и да покрене коалициски преговори. Тој додаде дека за тоа „тогаш ќе треба да одлучат членовите на СПД“.

Враќање кон „централно-левичарска народна партија“

Одлучувањето од страна на партиското членство е пречка која не треба да се потценува. СПД го има својот најлош изборен резултат од 1890 година – повеќе од девет отсто помалку освоени гласови во споредба со парламентарните избори во 2021 година Многу членови се прашуваат дали можеби не е подобро партијата да се обнови и да собере сила во опозиција.

Министри од СПД и во иднина?

Нов почеток сака и раководството на партијата. Ларс Клингбајл вели дека партијата мора да се модернизира и повторно да стане „народна партија на левиот центар“. Тој додаде дека затоа е неопходно да се обнови партијата и програмски, и организациски и кадровски. Клингбајл оцени дека исполнувањето на сите овие задачи, при истовремено учество во владата, би било тежок балансирачки чин, но оти е возможно.

Длабок јаз ги дели СПД и Демохристијаните

Се поставува прашањето како да се најдат компромисни линии меѓу овие две политички формации. Клингбајл е незадоволен од предизборната реторика на неговиот потенцијален коалициски партнер: „Ако ги погледнам изјавите на Фридрих Мерц во последните неколку недели, можеби дури и последните неколку дена – тие не го направија јазот меѓу нас поплиток, туку напротив – подлабок“.

Со ова Клингбајл мислеше на изјавата на Мерц дека левичарска политика во Германија со демохристијаните не е можна. Партиите на демохристијанската унија ЦДУ и ЦСУ дополнително ја иритираа СПД кога, на крајот на јануари, својот предлог за заострување на политиката за азил го наметнаа во Бундестагот со мнозинство гласови освоени со помош на делумно екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) .

Клингбајл вели дека една третина од населението во Германија со мигрантска семејна историја сега се чувствува несигурно: „Дали всушност сè уште има место за нив во оваа земја, дали се безбедни, дали тука е нивната иднина?“

Алтернатива за Германија посилна од кога било

Со 20,8 отсто од освени гласови на изборите во неделата, Алтернатива за Германија оствари точно двојно подобар резултат во однос на претходните парламентарни избори. Копретседателката на партијата Алис Вајдел веднаш по затворањето на гласачките места најави дека АфД ќе ги „лови“ Демохристијаните со цел да ја направи партијата уште посилна во следните четири години, за да може да дојде на власт.

Демохристијаните и Социјалдемократите се едногласни во оценката дека тоа мора да го спречат. Мерц рече дека изборниот резултат на АфД е „навистина последното предупредување до политичките партии од демократскиот центар во Германија да најдат заеднички решенија“.

Претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Зедер, исто така предупреди на можноста „Германија да сврти надесно“ и оти тоа мора да се спречи. „Тоа е последниот куршум на демократијата“, рече тој.

Лидерот на СПД, Клингбајл пак порача дека претстојат „тешки години“ и „тешка борба“. Но и дека гласачите им „дале наредба“ со изборните резултати. /DW

 

 

 

 

 

Related posts

Нема промена на Уставот под американски и европски диктат!

admin

Дали Курти ќе ги победи политичките партии на Албанците во Македонија?

admin

Адвокатот на Брејвик

admin

НОВИНАРИТЕ НЕ СЕ БОКСЕРСКА ВРЕЌА

admin

Како Бугарија ги спречува ОМО „Илинден“ и другите

admin

Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и меѓуетничките односи

admin