Рускиот претседател има малку мотив да прави компромиси во тековните мировни преговори, бидејќи сите околу него постојано го уверуваат дека Русија победува.
Пишува: Мери Иљушина
Генералите велат дека сите цели на војната ќе бидат постигнати. Економистите тврдат дека, и покрај притисокот, економијата ќе ја надживее украинската. Дури и претседателот Доналд Трамп вели дека Русија е многу посилна и дека Киев нема повеќе адути во војната.
Кога слуша само уверувања, не е чудо што претседателот Владимир Путин не гледа причина за вистински отстапки околу Украина. Од перспективата на Кремљ, војната се одвива според планот.
Не е јасно дали Путин ќе го прифати најновиот американски мировен план, кој повеќето аналитичари го оценуваат како наклонет кон Русија, бидејќи не ги остварува сите негови цели во војната. Бидејќи верува дека победува и смета дека економијата е силна, има малку причини за какви било отстапки.
Путин одамна е опкружен со хор на поддржувачки гласови, но во изминатите 25 години од неговото владеење, опсегот на ставови што стигнуваат до него драматично се стесни.
Борис Бондарев, руски дипломат кој поднесе оставка во 2022 година поради целосната инвазија, во есеј опиша како од прва рака го гледал вградувањето на ова стеснување на мислењата длабоко во државниот апарат.
„Една од централните лекции од инвазијата се однесуваше на нешто што го сведочев во претходните две децении: што се случува кога една влада постепено се искривува од сопствената пропаганда“, напиша Бондарев. „Војната е јасна демонстрација за тоа како одлуките донесени во ехо-комори можат да се вратат како бумеранг.“
Сепак, не било секогаш така.
Архивскиот Инстаграм-проект „Ахтопотв“ нуди погледи во тој поран период, повторно извлекувајќи моменти кога руската јавна дебата одразувала далеку поширок спектар на мислења отколку денес.
Еден од клиповите прикажува млад руски сенатор и историчар, Владимир Медински, во 2005 година како страсно се спротивставува на обновувањето на спомениците на Јосиф Сталин. Тој предупредуваше на опасностите од глорифицирање на систем изграден врз масовна репресија и жртвување на поединците за империјални амбиции.
Две децении подоцна, Медински е главниот руски преговарач во разговорите со Украина и еден од најистакнатите поборници на обидот на Путин да ги врати поранешните советски сателитски држави во орбитата на Москва. Ново бисте на Сталин се појави во московското метро оваа пролет.
Друго видео што го пронајде проектот го прикажува Путин во 2000 година, неговата прва година на власт, како вели дека независните медиуми и граѓанските слободи се неопходни за да се спречи Русија да „лизне во тоталитаризам“, и како тврди дека слободниот печат е од витално значење за иднината на земјата.
Во следните две децении, Путин се откажа од интересот за независни медиуми и граѓански слободи и го насочи фокусот кон обновување на сферата на влијание на поранешниот Советски Сојуз — а оние околу него се усогласија со тоа.
Можеби највпечатливата трансформација е онаа на Дмитриј Медведев, кој како премиер ја размени претседателската функција со Путин во периодот 2008–2012, а чиј мандат беше обележан со кратко либерално затоплување, попријателски однос кон Западот и љубов кон западни гаџети и социјални мрежи.
Сега, тој се реинвентираше како јастреб кој во своите блог-објави повеќепати посакуваше нуклеарно уништување на Западот. Аналитичарите ја припишуваат оваа трансформација на обид да избегне политичка маргинализација и да надомести за своите поранешни полиберални ставови.
Аналитичарите за Русија идентификуваа различни настани како пресвртници. За некои тоа е враќањето на Путин на власт во 2012 година по краткото затоплување на Медведев. Други ја посочуваат анексијата на Крим во 2014 година како точка без враќање. Андреј Солдатов и Ирина Бороган, руски истражувачки новинари што известуваат за специјалните служби, во својата книга „Нашите драги пријатели во Москва“ напишаа дека трансформацијата започнала многу порано, уште во првите мандати на Путин, опишувајќи како многу нивни колеги и познаници рано приватно го прифатиле гледиштето на Кремљ.
До моментот кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, стана незамисливо кој било висок функционер јавно да се спротивстави на која било одлука на Путин. За време на сега веќе озлогласениот состанок на рускиот Совет за безбедност, три дена пред целосната инвазија, многу од највисоките руски функционери изгледаа видливо изненадени кога Путин ги повика еден по еден да одржат говор, пред камери, и да ги поддржат неговите планови.
Зад сцената, сепак, имало барем еден исклучок. Дмитриј Козак, долгогодишен соработник кој работел со Путин од 1990-тите и служел како негов главен преговарач за Украина, бил човекот на кој се потпирал за некои од најчувствителните задачи. Наводно, тој бил единствениот висок функционер што изнел аргументи против воената акција на тој состанок.
Неговите наводни забелешки не се појавија во телевизиската верзија на состанокот и тој оттогаш не се појавил јавно. Неговите должности во Кремљ постепено преминале кај ривалски советник, сè до неговата оставка оваа есен.
Бондарев, поранешниот дипломат, опиша како со години дипломатите биле испраќани во странство со задача да ја повторуваат верзијата на Кремљ за настаните без да ја доведуваат во прашање. Потоа, во депеши и интерни извештаи, рече тој, од дипломатите постепено се очекувало да му соопштат на раководството дека руската нарација успеала и дека западната опозиција била неутрализирана.
„На крајот, целната публика за оваа пропаганда не беа само странските земји; тоа беше нашето сопствено раководство“, рече Бондарев. „Моите колеги во Кремљ повеќепати ми велеа дека Путин го сака својот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, затоа што е ‘удобен’ за работа — секогаш му вели ‘да’ на претседателот и му кажува она што сака да го слушне. Не е ни чудо, тогаш, што Путин мислеше дека без проблем ќе го порази Киев.“
Ваквите идеолошки пресврти не се невообичаени во политиката, и често е тешко да се разграничи јавната позиција од личното убедување, но нивните последици драматично ескалираат како што моќта се концентрира — што сега кулминира со тоа како би можела да заврши војната во Украина, додека и Москва и Вашингтон вршат притисок врз Киев да се откаже.
Русите и други набљудувачи забележаа сличен феномен и околу Трамп, со кабинет што еволуираше од вклучување на некои дисонантни гласови во неговиот прв мандат, во состав што сега е многу поеднообразен во поддршката на неговите политики.
Роман Баданин, главен уредник на егзилниот истражувачки медиум „Проект“, напиша оваа пролет дека новите брифинзи на Трамп со лојалистички блогери го потсетиле на годишните прес-маратони на Путин. „Секоја година, Кремљ собира илјадници лојални новинари за да му поставуваат на претседателот сервилни прашања“, напиша тој. „Неверојатно е колку се слични овие двајца.“
Она што најмногу вознемири многу Руси беше брзината со која моќни фигури во Вашингтон ги прилагодија своите позиции. Марко Рубио, кој сега служи како државен секретар, некогаш беше меѓу најгласните републикански гласови што тврдеа дека напуштањето на Украина ќе го разниша американскиот кредибилитет.
Главниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, беше критикуван дека ја советувал Русија како да преговара со Вашингтон за да добие подобар договор, вклучително и извлекување територијални отстапки од Украина. Бондарев напиша на X дека, иако слабостите на Виткоф се во тоа што „го гледа светот исклучиво низ призмата на Путин“ и дека неговиот пристап „ја влошува ситуацијата за Украина“, тој едноставно ги следи наредбите на Трамп.
„Непријатно е да се признае — тој ѝ не должи ништо [на Украина]“, напиша Бондарев. „Тој работи за САД, или, како што тој го разбира тоа, за претседателот на САД… Неговата цел е да му предаде на Трамп некакoв ‘мир’ овде и сега.“
Првата година од вториот мандат на Трамп стана предмет на шега меѓу руските анти-воени емигранти: Америка изгледаше како да „спидранира“ делови од поновата руска политичка историја.
„Тоа е вообичаена човечка особина — приспособливост, вклучително и политичка приспособливост“, рече Баданин. Но, особено во авторитарни земји како Русија, „секој што некогаш влегол во системот, дури и ако почнал со добри намери, со текот на времето станува или индиректен или директен соучесник во нешто лошо.“
Извор: The Washington Post

