Европската комисија ќе се придвижи кон укинување на плановите за фактичка забрана на продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, изјави во петокот висок европратеник, што би претставувало значајна победа за Германија, која притиска за заштита на својата автомобилска индустрија.
Манфред Вебер, претседател на најголемата политичка група во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕПП) – посочи дека ќе биде понудена алтернативна мерка, со задолжително намалување од 90% на емисиите на CO₂ за возните паркови на производителите од 2035 година.
Планираната забрана беше клучен дел од стратегијата на ЕУ за декарбонизација и забрзување на развојот на електричните возила. Но Брисел се соочи со интензивно лобирање, особено од Германија и нејзините производители на автомобили, кои предупредуваат дека се под силен конкурентски притисок од Кина.
Акциите на европските автомобилски компании пораснаа по веста. Индексот STOXX Europe 600 Automobiles and Parts се зголеми за 0,8% во петокот, при што акциите на Renault, Porsche, Stellantis и Volkswagen пораснаа меѓу 1,3% и 3% до 14:56 часот по Гринич.
„Следниот вторник Европската комисија ќе излезе со јасен предлог за укинување на забраната за мотори со внатрешно согорување“, изјави Вебер на прес-конференција во Хајделберг. Тој додаде дека пазарот и потрошувачите треба да одлучат како ќе се постигнат климатските цели.
Таквиот став се поклопува со аргументите на Mercedes-Benz и BMW, но е во спротивност со позициите на Volvo Cars и други компании кои велат дека веќе вложиле значителни средства во транзицијата кон електрични возила и дека секое повлекување од забраната би претставувало „предавство“.
Комерцијалниот директор на Volvo Cars, Ерик Северинсон, изјави за Ројтерс дека евентуалната промена на курсот би ја нарушила довербата во идните регулативи и дека компанијата е „подготвена“ со целосно електрични алтернативи.
Европската комисија, која треба да ги објави плановите на 16 декември, одби да коментира предвреме. Вебер не изнесе дополнителни детали, но изјави дека според новите планови нема да има цел од 100% намалување на емисиите по 2040 година.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој присуствуваше на прес-конференцијата, изјави дека електричните возила остануваат главниот пат кон јаглеродна неутралност, но дека постојат и други технологии, како синтетичките горива.
„Тоа е токму она што го подразбираме под технолошка отвореност. Ова ѝ дава на индустријата вистинска сигурност за планирање“, рече Мерц.
Германија интензивно лобираше за укинување на забраната, загрижена дека нејзините производители ќе се соочат со уште поголем притисок, додека азиските конкуренти го зголемуваат присуството во Европа, а американските увозни царини дополнително ја погодија индустријата.
Минатиот месец, Мерц во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека автомобилската индустрија има потреба од поголема флексибилност, откако побарувачката за електрични возила не ги исполни очекувањата.
„Големи делови од автомобилската индустрија во Европа, вклучително и во Германија, а особено добавувачите, се во исклучително тешка економска состојба, поради што мораме што е можно побрзо да ги коригираме рамковните услови во Европа за оваа индустрија да има иднина“, напиша тој.

