Пишува: Џелал Незири
Премиерот на Косово и лидер на партијата Самоопределување, Албин Курти, забележа уште една изборна победа. Со пад кој не беше толку длабок како што се очекуваше, Курти најави дека ќе ја формира својата трета влада. Тој успеа да освои 42 проценти од гласовите, без да се вклучат гласовите од дијаспората, кои би можеле да ја зголемат оваа бројка на над 45 проценти. Со ова, тој ќе има околу 46-48 пратеници во 120-члениот парламент, што е недоволно за да формира влада без коалиција со друга партија.
На маса има три опции: првата е да ги вклучи во парламентарното мнозинство 10-те пратеници од малцинствата и 10-те српски пратеници, кои имаат загарантирани места според Уставот; втората – да направи коалиција со некоја од опозициските партии – ПДК, ЛДК или ААК/НИСМА; и третата – воопшто да не формира влада, оставајќи можност за техничка влада, која би ја водела земјата кон нови избори следната година.
Опцијата за коалиција со Српска листа, која освои најголем дел од загарантираните мандати, е малку веројатна. Вклучувањето на 10-те пратеници од другите малцинства не гарантира парламентарно мнозинство. Така што, Курти има пред себе само една реална опција – коалиција со една од трите опозициски партии. Бидејќи лидерот на ЛДК, Лумир Абдиџику, најави дека нема да влезе во преговори за учество во владата, изборот се сведува на ПДК на Мемли Красниќи и ААК/НИСМА на Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај. Имајќи ја предвид жестоката реторика пред изборите и јавното исклучување на постизборна коалиција, формирањето влада со двојката Харадинај-Лимај станува речиси невозможно.
Најверојатната коалиција што се гледа на хоризонтот е онаа со ПДК. Оваа партија во изборната трка го кандидираше 61-годишниот Бедри Хамза за премиер – истакната фигура со економска експертиза. Тој има имиџ на политичар со големи менаџерски способности, како резултат на двата мандати како министер за финансии (2011-2013, 2017-2019), гувернер на Народната банка (2013-2017) и последно како градоначалник на Митровица. За време на кампањата, Самоопределување и ПДК не користеа жестока реторика еден против друг, што би можело да го спречи создавањето на владина коалиција. Сепак, формирањето влада со ПДК би било удар за Курти, кој го изгради својот имиџ како политичар што се бори против „корумпираните“ лидери на оваа партија, Хашим Тачи и Кадри Весели, кои од 2020 година се во судење за воени злосторства во Хашкиот трибунал. Ако изборот се сведува меѓу Српска листа и ПДК, Курти има поголеми шанси да ја избере втората. Но, барањата на двете страни ќе бидат големи: ако Српска листа бара поголем пристап до државните институции и контрола врз клучни позиции, ПДК ќе ја бара премиерската функција.
Третата опција е најмалку веројатна, но и најризична за Косово. Ако се оди повторно на избори, тогаш земјата може да влезе во политичка криза слична на онаа во Бугарија, каде во последните пет години се одржаа седум предвремени парламентарни избори.
Изборниот резултат, но и исходот од формирањето на владата, се следат со големо внимание во Скопје, Белград, Тирана, Брисел и Вашингтон. Курти е кумот на коалицијата ВЛЕН, составена од четири албански политички субјекти, кои се дел од десничарската влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот пораз во Приштина би значел почеток на крајот на ВЛЕН во Скопје, што би му ги искомплицирало плановите на Мицкоски. Во Тирана, пак, тој се гледа повеќе како конкурент, отколку како соработник на албанскиот премиер Еди Рама, така што нов мандат за Курти значи уште поголемо дистанцирање од Албанија. Во Белград, Курти се портретира како тврдоглав, нефлексибилен соговорник, кој ѝ го усложнува патот на Србија кон ЕУ. Додека во Брисел, а особено во Вашингтон, неговата победа е сигнал дека проблемот Приштина-Белград нема да се реши ниту брзо, ниту лесно.
Сепак, волјата на мнозинството граѓани на Косово е она што е. Самоопределување и Курти сè уште се гледаат како најдостојни претставници на нивните интереси, иако опозициските партии забележаа значителен пораст во споредба со изборите во 2021 година.