Се плашам дека ако погрешиме сега, мантрата „НАТО да нѐ брани, ЕУ да нѐ храни“ ризикуваме да се претвори во својата антитеза: ниту нахранети ниту одбранети.
Пишува: Петар Арсовски
Имам впечаток дека како што е Володимир Зеленски во непријатна ситуација помеѓу САД и Русија, одејќи по жица во обидот да направи договор кој ќе го задоволи Трамп, а притоа ќе овозможи минимални опции за Украина да зачува некаков привиден мир во земјата, така и ние сме заглавени помеѓу овој прикриен судир помеѓу САД и ЕУ, обидувајќи се да избереме страна која ќе ни обезбеди најдобро „запоседнување на теренот“, во подготовка за турбуленциите во светот, за кои постои релативно униформен консензус дека следуваат. Се плашам дали овој дипломатски маневар ќе ни донесе повеќе бенефит или повеќе зијан, ако ја погледнеме поголемата слика.
Во последново деноноќие, САД и Украина објавија дека постигнале договор за заедничко користење на суровинитe со кои располага Украина. Овој „дил“ беше објавен како триумфален потег на Трамп и Зеленски, означен како историски пресврт во војната. Сепак, се прашувам дали е така? Многу елементи од договорот остануваат нејасни, па со тоа и загрижувачки. Прво, сѐ уште постои дилемата дали е тоа договор само за суровини, или и договор за мир, зашто ниту една страна не потврдува дали составен дел од ваквата спогодба се и некакви гаранции за мирот и стабилноста во Украина, елемент кој за останатиот дел од светот, а особеноза ЕУ, е примарната причина за воопшто да се седне на маса. Без вакви безбедносни гаранции, се поставува прашањето дали тој договор воопшто ќе ги запре воените дејствија во Украина.
Потоа, не знаеме како ваквиот договор ќе се спроведе во пракса, особено имајќи предвид дека новата администрација во САД упорно тврди дека нема да поставува американски трупи во Украина, туку дека тоа би требало да биде мисија на ЕУ или на ООН. Проблемот со ова тврдење е што, ако се земе доктрината на реал-политиката, она кое Трамп упорно го заговара, се поставува логично прашање: како ќе се проектира политичка моќ без присуство на теренот? Горчливата лекција која во моментов ја учи ЕУ, дека без воена моќ нема ни политичка моќ, ќе важи и за САД. Се плашам дека на крајот, минералите и суровините во Украина, ќе им припаднат на оние кои имаат војска таму, без оглед на политичките договори. Ова е ситуација која најмногу му одговара… да, на Владимир Путин.
Понатаму, целиот маневар изгледа некако избрзан и нелогичен. Ако го анализираме со неговите составни делови, тој отприлика вели вака: ќе ни ги дадете вашите суровини, за да „имате право да се борите“, како да борбата за сопствената сувереност е нешто за кое е потребна дозвола од кого било. Понатаму, Путин и Трамп ќе се договорат за некакво кипарско сценарио за Украина, ќе си ги поделат суровините, а притоа, таа поделба би ја обезбедувале ЕУ и ООН, актери кои ниту имаат „ќар“ од „дилот“, ниту пак биле присутни на преговорите. Ми звучи премногу фантастично за да биде реално.
Ниту нахранети ниту одбранети?
Конечно, се поставува можеби најважното прашање: дали ваквата спогодба и преговори, ќе ја прекинат војната и во иднина ќе обезбедат мир во Украина, но, уште поважно, во Европа. Тука веќе влегуваме во зоната на логични претпоставки, но кои го следат здравиот разум. Ако претпоставиме дека целта на Путин е чисто трансакциска (територија во Украина и спречување на ширењето на НАТО), тогаш има реални шанси да се очекува дека примирјето за кое се зборува во последниот договор, ќе трае. Но, ако ја следиме логиката на досегашните потези на Путин, поважната дилема е дали нему всушност му е потребна војна заради војната, и дали каков било „дил“ во Украина би го спречил од понатамошни воени дејствија на територијата на Европа? Познавачите на доктрината на Путин велат дека тој е веќе во фаза во која војната му е потребна од домашни политички причини, за да остане на власт и да спречи да се открие лошата економска состојба во Русија. Овој фокус се потврдува со упорното барање на Русија да ѝ се тргнат меѓународните санкции. Ако е ова точно, и ако војната е веќе алатка за политичко преживување на елитата околу Путин, тогаш, без оглед на било каков договор за Украина, тој ќе мора да бара нови подрачја за конфликт, исто како што правеа Асад, Садам Хусеин, и сите авторитарни лидери кои ќе влезат во воена приказна – потоа таа станува самоодржлив организам сам по себе, кој веќе е неопходен за политички опстанок. Во тоа сценарио, ако Путин продолжи со активна конфронтација, постојат три клучни ризични точки – Молдавија (земја која нема воена моќ да се спротивстави на евентуална руска агресија), Естонија (како помала земја членка на НАТО, каде Путин може релативно безбедно да ја тестира решителноста на сојузниците во организацијата), и, се разбира, Западен Балкан (овде најмногу преку прокси актери – Додик, Вучиќ), но секако во обид за суштинска дестабилизација на оската Косово-Белград-Бања Лука. Во ова сценарио, ние секако сме на удар на регионалната дестабилизација, особено бидејќи европската иднина си ја блокиравме. Имајќи ја предвид новата „лабава“ интерпретација на САД за обврските за заедничка одбрана на земјите членки на НАТО, особено во Европа, се прашувам кој на таквата дестабилизација суштински воопшто би можел да се спротивстави?
На крајот, во оваа „игра по жица“ помеѓу САД, ЕУ, Русија, и локалните моќници, мислам дека нашите дипломатски потези треба сериозно да се размислат. Сигурен сум дека нашата судбина, во секое сценарио, ќе биде подобра што сме повеќе интегрирани во ЕУ, одошто ако си ја пробаме среќата изолирани. Дополнително, сигурен сум дека безбедносните гаранции за регионот сепак на крајот ќе ги очекуваме најмногу од ЕУ. Конечно, се плашам дека, ако погрешиме сега, мантрата „НАТО да нѐ брани, ЕУ да нѐ храни“ ризикуваме да се претвори во својата антитеза: ниту нахранети ниту одбранети. /DW