Крајот на четиригодишната војна во Украина ќе го означи почетокот на еден нов свет, но што ќе значи ова за Балканот…
Пишува: Џелал Незири
Два документи објавени од Соединетите Американски Држави (САД) на крајот на 2025 година се толкуваат од европски дипломати и аналитичари како сигнал за длабок пресврт во американската надворешна политика. Првиот е 28-точковниот план за завршување на војната меѓу Украина и Русија, а вториот – Американската стратегија за национална безбедност. Овие два документа не само што ја редефинираат американската надворешна политика, туку и го реорганизираат светскиот поредок што доминираше во меѓународните односи во изминатите 80 години, од крајот на Втората светска војна наваму.
КРАЈОТ НА НАЈКРВАВАТА ВОЈНА
Руската агресија врз Украина во февруари 2022 година ќе ја одбележи четвртата годишнина од својот почеток. Станува збор за интервенција на Москва врз суверена држава, со која не постојат суштински идентитетски разлики меѓу народите вклучени во овој конфликт. Според податоци на британските разузнавачки служби, повеќе од 1,1 милион руски војници биле убиени или ранети во овој период, додека од украинска страна над 400 илјади војници загинале или биле повредени во борбите. Околу 40 илјади украински цивили се ранети, 15 илјади се убиени, осум милиони се раселени во европските земји, шест милиони се внатрешно раселени, а материјалната штета изнесува околу 600 милијарди евра.
Пред почетокот на војната во 2022 година, Украина имаше 44 милиони жители, додека денес има околу 35 милиони. Според проценките на Светската банка, на Украина ќе ѝ бидат потребни најмалку 550 милијарди евра за да ја санира штетата од војната, преку обнова на уништената инфраструктура и населени места – што е еквивалент на три годишни буџети на ЕУ или околу 150 буџети на Косово.
Соочен со оваа реалност на терен, американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот мандат оваа година со радикални одлуки што вклучуваат и ставање крај на војните низ светот. Во листата на наводни успеси тој ги наведува запирањето или деескалацијата на конфликтите Индија – Пакистан, Ерменија – Азербејџан, Израел – Газа, ДР Конго – Руанда, Египет – Етиопија, Камбоџа – Тајланд и Косово – Србија.
Војната што вети дека ќе ја заврши за 24 часа, онаа меѓу Украина и Русија, се покажа како многу потежок предизвик. Сепак, со 28-точковниот план, тој изгледа решен да ја прекине и оваа војна, без да ги земе предвид реакциите на другите глобални актери и без поголема грижа за последиците што таквото решение може да ги има ширум светот.
Според американските и европските медиуми, планоткој беше пречекан со резерва во Европа, предвидува прекин на конфликтот, признавање на источните украински региони (Крим, Доњецк, Донбас, Луганск) како дел од Русија, повлекување на Украина од аспирациите за членство во НАТО, безбедносни гаранции за Украина на ниво слично на земја-членка на Алијансата, намалување на украинските вооружени сили на 600 илјади припадници и парламентарни избори во рок од 100 дена по потпишувањето на договорот.
Ова решение, диктирано од состојбите на теренот и од американските интереси за по секоја цена да се запре војната, е значително понеповолно за Украина од Истанбулскиот договор, подготвен неколку месеци по почетокот на агресијата и одбиен од Киев. Тој предвидуваше украинска неутралност и признавање автономија за источните региони со доминантно руско етничко население, во согласност со Договорите од Минск (2014, 2015). Погрешна проценка на украинското раководство што историски ќе ја чини земјата многу.
Европејците повторно останаа надвор од играта и изненадени од овој план, кој не двоумејќи се го оценија како наклонет кон Москва. Сепак, нивниот маневарски простор е ограничен и тие се принудени да се наредат зад Трамп со цел да го зачуваат кохезионото единство на таканаречениот глобален Запад.
ФИНСКАТА ФОРМУЛА – ТЕРИТОРИЈА ЗА МИР
Постои голема веројатност договорот да биде прифатен и од Москва и од Киев, поради зголемениот американски притисок. Додека Русија е ослабена од санкциите и го губи влијанието и средствата ширум светот, двете антикорупциски институции во Украина (НАБУ и САПО), основани со американска поддршка, веќе имаат оформено сериозно досие за наводни финансиски злоупотреби на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во ноември, украинската полиција изврши претрес во домот на шефот на неговиот кабинет, Андреј Јермак – најмоќната фигура во земјата и главен преговарач со Американците за 28-точковниот план.
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за меѓународните медиуми во септември 2025 година откри дека му ја понудил на Зеленски таканаречената финска формула за решавање на конфликтот. Таа се однесува на договорот од 1944 година со кој заврши војната меѓу Финска и Русија, познат како „територија за мир“. Финска ѝ отстапи на Русија 20 отсто од својата територија, вклучувајќи и град со речиси половина милион жители, и се обврза на неутралност – од која се повлече во април 2023 година со влезот во НАТО, како превенција од нова руска агресија по онаа во Украина.
И Украина се очекува да се откаже од околу 20 отсто од својата територија, која веќе подолго време е под руска окупација и еднострано е анектирана од Москва, како и да прифати наметната неутралност со откажување од членството во НАТО.
Постојат индикации дека овој договор има поширок опфат и не се однесува само на Украина. Директните средби Трамп – Путин, како и интензивните комуникации со Москва преку блиските луѓе на Трамп, бизнис-партнерот Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер, резултирале со поширок договор за поделба на сферите на влијание, слично на Јалтанскиот договор од 1945 година, веднаш по крајот на Втората светска војна.
За среќа, Балканот останува дел од западната хемисфера, момент што ќе означи интензивни процеси во 2026 година во насока на истиснување на руското и конеското присуство од регионот. Овие процеси може да бидат проследени и со дестабилизирачки тенденции, кои би имале значително влијание на регионит на Западен Балкан.

