Околу 40% од извозот на Северна Македонија завршува на германскиот пазар, најчесто како делови за автомобилската индустрија. Сепак, стагнацијата на германската економија предизвикува неизвесност за околу 30.000 вработени во фабриките во слободните индустриски зони. Една компанија веќе најави затворање, додека други се соочуваат со намалување на производството. Во споредба со 2023 година, извозот минатата година се намалил за 6,5%.
Според анализата на РСЕ, германската економија, која важи за најголема во Европа, е во рецесија веќе две години по ред, што претставува најдолга стагнација во последниве две децении.
Според статистичките податоци, извозот кон Германија во 2023 година е намален за 568 милиони евра. Синдикатите предупредуваат дека најмногу се загрозени работниците во фабриките кои произведуваат делови за возила со внатрешно согорување. „Компаниите во металуршката индустрија работат со половина капацитет поради намалени нарачки,“ изјави Игор Герасов од Синдикатот за слободни економски зони.
Од друга страна, фабриките кои произведуваат делови за електрични возила се во подобра состојба.
„Аптив“ се сели во Полска и Португалија
Компанијата „Аптив“, која во Бунарџик произведува електрична и електронска опрема за возила, најави затворање на својата фабрика, со што околу 500 луѓе ќе останат без работа. Производството ќе се пресели во Полска и Португалија, а според Дирекцијата за технолошко-индустриски зони, ова е дел од глобално реструктурирање на компанијата.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата преговара со нови инвеститори. „Загрижен сум дали ќе имаме доволно работна сила за новите инвестиции кои се во процес на реализација,“ рече Мицкоски на 6 февруари.
Иако има најави за предизвици, германските инвеститори сè уште покажуваат интерес за Македонија, велат од ТИРЗ.
Долгорочни решенија за македонскиот извоз
Виктор Мизо, претседател на Советот за странски инвестиции, нагласува дека автомобилската индустрија учествува со над 50% во извозот кон Германија и Европа. „Неопходно е да се прошири структурата на извозот и да се привлечат компании од различни сектори за да се ублажат ризиците,“ додава Мизо.
Економистите предупредуваат дека рецесијата во Германија е резултат и на енергетската криза, војната во Украина, најавените американски царини и конкуренцијата од кинеските електрични возила.
Димитар Николовски, професор по економија, вели дека компаниите во Северна Македонија немаат многу простор за маневар, бидејќи се дел од германските синџири на производство. „Кинеските производители, со пониски трошоци и фокус на електрични возила, претставуваат сериозна конкуренција,“ додава тој.
Во Северна Македонија има повеќе од 200 компании со германски капитал во кои работат речиси 30.000 луѓе. Економистите очекуваат дека германската економија ќе се стабилизира до крајот на годината, додека македонските работници се надеваат дека ќе ги задржат своите работни места.