Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во гостување во емисијата Клан Дебат на телевизијата Клан ги негираше тврдењата на Арбен Таравари од коалицијата ВЛЕН дека Алијансата за Албанците ќе се стопи во ДУИ.
„Арбен Таравари е политички отпадник. Тој самиот предизвика провокација со изјавата дека Али Ахмети треба да поднесе оставка. Кој е тој да бара оставка од Ахмети? Дали е член на ДУИ? Не. Тоа беше намерна провокација, за да се повика на реакциите по загубата на партиските печати и да го прикаже тоа како причина зошто ДУИ се радуваше што Алијансата за Албанците ги загуби. Јас му порачувам дека никогаш не сум бил, ниту ќе се стопиме во ДУИ. Јас не бев дел од ДУИ, но Таравари беше. Нека каже од кого ја купи куќата во Скопје, за што беше обвинет и од коалициските партнери. Таравари само ги рециклира своите лаги и им додава рок на траење“, изјави Села.
Неговата реакција следува по обвинувањата на Таравари, кој во неодамнешно интервју за Радио Слободна Европа рече дека „Села побргу ќе стане дел од ДУИ отколку да му се приклучи на владиниот коалициски блок“.
Во однос на правниот спор за партиските печати, што Основниот суд во Тетово го реши во корист на Села, тој го оцени како праведен исход.
„Кога ја создадов Алијансата за Албанците, дадов сè – време, труд и посветеност, за Албанците да се чувствуваат порамноправни. Не вреди да се троши време на изјавите од таборот на Таравари. Тој до неодамна тврдеше дека нема никаков судски притисок, а сега го менува ставот. Таравари побегна како кукавица од соочувањето со членството и Собранието на партијата. Според вредностите и доблестите, јасно е каде се вистинските основачи на Алијансата“, нагласи Села.
Тој исто така оцени дека со последните политички потези на Арбен Таравари, некои политички фактори во земјата се обидуваат да ги потиснат Албанците.
Села упати остри критики и кон другите лидери на ВЛЕН, нарекувајќи ги луѓе без принципи, чии единствени амбиции се поврзани со задржување на власта.