Албанската влада во четврток одлучи да ја суспендира платформата за споделување видеа TikTok на 12 месеци, обвинувајќи ја за поттикнување насилство и малтретирање, особено меѓу децата, пренесува Инбокс7.
Министерката за образование Огета Манастирлиу изјави дека властите се во контакт со TikTok за воведување филтри како што се родителска контрола, верификација на возраста и вклучување на албанскиот јазик во апликацијата.
Според неа, властите одржале 1.300 состаноци со околу 65.000 родители, кои „препорачаа и беа за укинување или ограничување на платформата TikTok“.
Владата ја иницираше оваа мерка минатата година, откако тинејџер усмрти друг тинејџер со нож во ноември по расправија која започнала на TikTok.
TikTok сè уште не одговорил на барањето за коментар.
Премиерот Еди Рама изјави во декември дека владата има намера да ја забрани платформата, по што TikTok побара „итно појаснување“ од албанската влада за случајот со убиениот тинејџер.
Во четвртокот, Рама рече дека се води „позитивен дијалог со компанијата“ и дека претставници на TikTok наскоро ќе ја посетат Албанија за да предложат „мерки за зголемување на безбедноста на децата“.
Компанијата соопшти дека „не нашла докази дека напаѓачот или жртвата имале TikTok профили“ и дека повеќе извештаи потврдиле дека видеата поврзани со инцидентот биле објавени на друга платформа, а не на TikTok.
Според истражувањата, децата се најголемата група корисници на TikTok во Албанија. Загриженоста кај родителите порасна по извештаите дека деца носат ножеви во училиштата инспирирани од содржини на социјалните мрежи, како и поради случаи на врсничко насилство поттикнато од видеа на платформата.
Властите го зголемија полициското присуство во некои училишта и воведоа дополнителни мерки, вклучувајќи обуки за наставници, ученици и нивните родители.
Опозицијата се спротивстави на одлуката за укинување на TikTok и најави протест на 15 март, оценувајќи ја забраната како „чин на нетолеранција, страв и притисок врз слободното размислување и изразување“.
TikTok, во сопственост на кинеската технолошка компанија ByteDance, се соочува со ограничувања во повеќе земји. Апликацијата неодамна беше привремено суспендирана во САД за да се усогласи со закон што бара ByteDance да ја продаде апликацијата или да се соочи со забрана.
Британскиот регулатор за заштита на податоци оваа недела започна истрага за тоа како TikTok ги користи личните податоци на малолетници за да им препорачува содржини, поради зголемената загриженост за потенцијалната изложеност на штетни или несоодветни видеа.
Одлуката на Албанската влада, предводена од Социјалдемократската партија на Еди Рама, доаѓа само два месеци пред редовните парламентарни избори, закажани за 11 мај.