Парламентарни и локални избори ќе има кога треба да има, ДУИ не e фактор кој одлучува за тоа – ѝ порачаа на Мала Речица најголемите парламентарни партии.
Со локалните да има и претседателски избори, ВЛЕН да ја напушти Владата, а ако биде засегнат албанскиот јазик – ќе нема локални избори. Ова се пораките што претседателот на ДУИ Али Ахмети ги упатува по партиски собири, а заканата за бојкот на локалните избори временски ја темпираше во пресрет на подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците, закажана за втората половина од март.
„Нема локални избори и не може да се постават кутии за одржување на локалните избори ако се чепка Законот за јазиците. Законот за јазиците не е закон на ДУИ, туку е закон и на сите оние кои ќе се раѓаат додека изгрева сонцето. Затоа, секој Албанец треба да се бори за Законот за јазиците и да не го политизира и проблематизира“ порача Ахмети од Липково.
Претходно со слична порака се огласи и од партискиот собир во Чаир.
„Без двоумење, ќе продолжиме да ги браниме остварените права, албанскиот јазик и ќе се бориме против секој обид за поткопување на правата добиени со крв“, рече Ахмети, со порака дека нема пазарење со албанското прашање.
Во заложништво на Груби
За владејачката ВЛЕН, заканите на Ахмети за бојкот на изборите се само начин да го избегнат поразот и да провоцираат тензии на денот на гласањето. Оттаму ги прашаа интегративците – дали се заложници на Артан Груби.
„Ова е нивната последна карта, бидејќи знаат дека Албанците веќе не им веруваат. Самиот Али Ахмети призна од Липково дека ДУИ подготвува бојкот на локалните избори. Што покажува ова? Дека ДУИ нема ниту идеи, ниту програма, ниту нови луѓе, туку само страв од уцени. Оваа партија, која две децении ги држеше Албанците како заложници со лаги и политички манипулации, денес е заробена од една врхушка потопена во корупција и паника. ДУИ се командува со далечинско од бегалецот Артан Груби. Тие што некогаш се фалеа дека не се плашат ниту од бомбите од 2001 година, денес се сведени на тоа да им се тресат колената од политичките бомби на Артан Груби. Дали Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори? Со што Артан Груби го држи ова раководство на ДУИ во заложништво?“, прашаа од ВЛЕН.
„Не ДУИ, Албанците нема да дозволат“
Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ порачаа дека ДУИ не е фактор кој одлучува за што било во државата. Но, од ДУИ велат дека факторот што ќе одлучува не се тие, туку Албанците, а причината би била – политичка криза. На прашањето – како од опозиција ќе спречат одржување на локалните избори, Бујар Османи посочува како.
„Ќе се создаде длабока политичка криза, која што ќе оневозможи одржување на избори, без да седнеме уште еднаш“, изјави за ТВ 21.
Тригерот за кризата го лоцира во одлучувањето на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците.
„Не е во прашање ДУИ. Албанците не ќе дозволат. Ти не ќе дозволиш утре да дојдеш на работа како ништо да не се случило, бидејќи тоа е морална, национална и човечка обврска кон оние што дадоа живот за овој јазик. И дали ќе глумиме како да ништо не се случило? Претседателот на Уставниот суд одлучил – и утре ќе излеземе да пиеме кафе во град? И утре ќе правиме кампања за општините? Затоа кажувам – длабока политичка криза, којашто не може да продолжи на истиот начин, без да седнеме и дискутираме што ќе правиме со Охридскиот Договор. Без да го вратиме Балансерот, без да го вратиме Бадинтер, легитимитетот и без да го гарантираме јазикот, нема да има политика како обично“, изјави Османи.
Да се помират дека се опозиција
Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ претходно порачаа дека ДУИ не е фактор кој одлучува и оти треба да се помири дека е опозиција.
„Фокусирани сме на локалните избори“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„ДУИ може да повикува на што сака, меѓутоа ДУИ повеќе не е никаков фактор во оваа држава за да повикува на бојкот или на било што. Имаа можност 20 и повеќе години да направат многу работи за државата, коишто за жал не успеаја да ги направат“, изјави Петрушевски.
Сличен одговор даде и Сања Лукаревска од СДСМ.
„ДУИ треба да се помират конечно дека се опозиција и да делуваат како опозициска партија – да даваат свои ставови на клучни прашања и секако кога ќе дојде соодветно време ќе има и парламентарни избори. Во моментот тие не се во состојба да поставуваат било какви услови или да го диктираат темпото на политичкото делување во државата“, порача Лукаревска. /DW