19 март, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Економско-политичките одлуки на претседателот Трамп што го предизвикуваат светот!

Геополитичките и геоекономските аспекти сè почесто се третираат со корпоративен пристап, наместо со дипломатски. Додека Илон Маск испраќа закани кон светот, сите ние се наоѓаме во период на сериозни геополитички и геоекономски предизвици. Потребно е внимателно следење на целиот процес и брзо дејствување со големо внимание.

Пишува: Академик Абдулменаф Беџети

Откако Доналд Трамп беше избран за претседател, во ноември минатата година, за да ја води најмоќната економска и политичка држава во светот, дури ни обожавателите на десницата во Соединетите американски држави (САД) и насекаде низ светот не мислеа дека за толку кратко време ќе преземе толку брзи и непредвидливи потези! Иако многу од неговите декрети што ги потпиша не значи дека ќе го поминат филтерот на Конгресот или на другите институции надлежни за потврдување на истите. Не знам зошто светот се изненади кога тој беше познат уште од претходниот мандат, пред четири години. Неговите постапки отидоа дотаму што ги повика, мотивира и поддржа своите милитанти дури и да го нападнат симболот на светската демократија и слобода – Конгресот на САД!

Нема сомнеж дека овие потези ќе имаат влијание врз светот. Несигурноста и непредвидливоста во економијата се најголемиот фактор што го одбива одржливиот економски развој. Не само што државите не можат да ги предвидат своите макроекономски политики, туку и (микро)економските агенти и оператори се двоумат да инвестираат и да преземат економски чекори во стратешки бизниси, пред се во масовните производствени сектори кои бараат поголеми пазари од националните. А таквите се многубројни!

Во периоди на непредвидливост, работата најмногу им се зголемува на институтите и агенциите за анализа и проценка на ризици!

Политичките аналитичари и добрите познавачи на американскиот политички систем, но и на менталитетот на американскиот гласач, оценија дека Доналд Трамп ги доби изборите врз три ветувања, ако не и програмски столба!

Првиот е економијата, која од крајот на 2021 година е во подем, покрај предизвиците на инфлацијата и високите долгови што најмногу самиот тој ги натовари! Реалниот економски раст на САД во првата година од администрацијата на Бајден (2021) достигна невидени нивоа од 6,1% како резултат на глобалното економско закрепнување по пандемијата, но продолжи со 2,5% во 2022 година, па дури и 2,9% во 2023 година!

Таквиот тренд на економски раст беше повисок од просечната стапка на реален економски раст на најразвиените земји на ОЕЦД и многу повисок од просекот на најразвиените економии на ЕУ (Германија, Франција, Италија… итн.)!

Во периодот на првиот мандат, администрацијата на Трамп го зголеми јавниот долг за околу 8,4 трилиони американски долари и сето тоа го оправда со кризата од Ковид-19, што делумно и е вистина! Просечно, ЕУ поради Ковид-19 го зголеми јавниот долг за околу 11-12% од БДП (или во апсолутна вредност од околу 500 милијарди евра), додека САД го зголеми за околу 21% од БДП (во апсолутна вредност од околу 7 трилиони американски долари)!

Од друга страна, ниската стапка на невработеност во САД за време на администрацијата на претседателот Бајден беше 4,1% (во јуни 2024 година) во споредба со 6,4% кога ја презеде власта во јануари 2021 година од администрацијата на Трамп!

Стапката на инфлација во САД во 2022 година, исто така поради војната во Украина, нарушувањето на глобалниот синџир на снабдување и глобалната енергетска криза, достигна 9,1% (како и насекаде во светот), но од јули 2024 година таа се намали на 2,9% (и оттогаш остана ниска на околу 2,5%).

Значи, претседателот Трамп ја остави власта со ниска инфлација, и со ниска инфлација повторно ја презеде!

Ова се три-четири клучни макроекономски индикатори за оценка на перформансите на една национална економија, кои беа меѓу најдобрите за време на администрацијата на претседателот Бајден, во споредба не само со претходната на претседателот Трамп, туку и со многу други!

Останува да видиме како ќе ги оправда овие контрадикторни потези!

Од ова што се елаборираше (многу кусо) произлегува дека економскиот столб не требаше да биде одлучувачки за неговата победа. Можеби силниот политички маркетинг и начинот на политичка измама, дури и кога фактите и бројките зборуваат поинаку, го дадоа својот конечен изборен ефект. Не е дека тоа не се случува и во други земји, па дури и демократски, но не толку и како во САД!

Чудо или магија!!!

Вториот столб беше емиграцијата!

Главната тема на Доналд Трамп во кампањата беше дека ќе се бори на најжесток можен начин против емиграцијата и дури ќе ги протера сите оние кои имаат некакво незаконско или криминално дело во нивните досиеја. Го разбирам можеби просечниот американски гласач, оној кој е втемелен во средната класа, но не ги разбирам високите слоеви или големите работодавачи (олигарсите) како го поддржаа во овој аспект, кога веќе алармираат дека нема кој да им работи на фармите, нема кој да им ги чисти улиците, а уште помалку кој да работи во градежништвото и тешката индустрија! Едноставно, САД веќе не е земја на еднакви можности (“land of equal opportunities”). Ова многу брзо, пред сè, може да ја предизвика самата САД, која не може да го издржи овој ритам на раст и развој само со локалното активно население!

Третиот столб на ветувањата беше прекинот на војните, едно благородно и хумано ветување. Првите што ги спомна беа војната во Украина и таа во Газа, но и насекаде!

Да се задржиме на овие две, кои беа главните програмски теми на Д.Трамп: Во појасот Газа, во Палестина, промовира модел, би рекол комичен ако не беше трагичен. Да се спречи враќањето на околу два милиони насилно раселени Палестинци, да се истераат Палестинците од нивните огништа за да се изгради синџир хотели и да се претвори најнаселеното и најсветото место во светот во туристичка дестинација! Додека пак на Украина, не само што и ги побара ретките минерали како компензација за воената помош што и е дадена, туку и му нареди на украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати некакво “мировно” решение со откажување од 20% од окупираните територии! Легитимирањето на окупаторскиот чин на Русија не само што би било преседан во меѓународното јавно право, туку би го мотивирало секој “силен” да окупира која било суверена и независна земја што воено може да ја совлада, а ова посебно е многу опасно за малите и кревки држави! Нешто сосема спротивно на повелбите и мировните резолуции на Обединетите нации од Втората светска војна наваму.

Со ова започнува крајот на светскиот поредок и почетокот на хаосот!

Сепак, надежта, велат, умира последна! Надежите остануваат во демократскиот систем на самите САД, но и во фактот дека таа, како научна, академска, медиумско-истражувачка и транспарентна сила, но и со силно граѓанско општество, нема лесно да дозволи да се направат економски, политички и стратешки авантури, како што започна уште од првите денови на мандатот администрацијата на претседателот Доналд Трамп!

Сенаторот Берни Сандерс, но и многу други сенатори и членови на Конгресот, и не само демократите, сè погласно се спротивставуваат со силни аргументи против постапките на претседателот Трамп, дури обвинувајќи го како најголемиот измамник во претседателската историја на САД до денес!

Проф. Роберт Рајх од познатиот Универзитет на Калифорнија, кој служел во три администрации — почнувајќи од онаа на претседателите Џералд Форд и Џими Картер, па сè до функцијата Секретар (Министер) за труд во првата администрација на претседателот Бил Клинтон (1993–1997) — и автор на многу бестселери, меѓу кои „Спасување на капитализмот“ и „Нееднаквост за сите“, овие денови објави блог на познат медиум, каде што ја анализира досегашната изведба на претседателот Трамп, нарекувајќи го „неуспешен“ во десетици свои бизниси низ целата негова кариера, иако самиот постојано се претставува како успешен бизнисмен.  Набројувајќи ги неговите неуспешни бизнис иницијативи, од ресторанот со познато стек мени, Трамповите игри, фудбалскиот тим, компанијата за недвижности, авиокомпанијата Трамп, универзитетот Трамп, казината Трамп,… и многу други од кои ниту еден не преживеа! Според проф. Рајх, единствениот “успешен бизнис” на Трамп била неговата “измама на луѓето”, и дека целата негова кариера ја градел на бизнис шоу, но никогаш на реален, одржлив бизнис.

Овие и многу други неоспорни факти го доведуваат во прашање неговиот успех што го промовира дури и со денешните настапи!

Покрај ова, треба да се гледаат двете страни на медалот. Од двомесечното владеење на претседателот Трамп, би издвоил две-три успешни иницијативи.

Првата, зголемувањето на придонесот на земјите-членки на НАТО на три, а подоцна и 5% од БДП на секоја држава.

Втората, зацврстувањето на концептот за семејството, како основна клетка на општеството составена од еден маж и една жена. Ова е за поздравување.

Третата, ревидирањето на распределбата и ефикасноста на фондовите на УСАИД (во 2023 година околу 40 милијарди американски долари) низ целиот свет беше повеќе од потребно кога стануваат очигледни злоупотребите и нетранспарентноста на нивните придонеси низ целиот свет, дури и во име на развојот, слободата и демократијата!

Геополитичките и геоекономските аспекти сè почесто се третираат со корпоративен пристап, наместо со дипломатски. Додека Илон Маск испраќа закани кон светот, сите ние се наоѓаме во период на сериозни геополитички и геоекономски предизвици. Потребно е внимателно следење на целиот процес и брзо дејствување со големо внимание. Ова важи особено за нас, „малите“!

 

Related posts

Трамп: Русија не е агресор

admin

ЕВРОПЕИЗАЦИЈАТА ДА ЗАПОЧНЕ ОД ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

admin

Од овој момент прекинува опаѓањето на Америка

admin

Враќањето на Трамп подгрева различни очекувања на Балканот

admin

ИСТОРИСКО РЕМЕК-ДЕЛО

admin

ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ЗА 5 ГОДИНИ

admin