НАТО нема да дозволи развој на безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина во сегашната криза, но политичките лидери мора да соработуваат за решавање на тензиите, изјави во понеделникот генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Тензиите се зголемија откако судот минатиот месец го осуди Милорад Додик, прорускиот претседател на српскиот ентитет во Босна, на една година затвор и му забрани политичко делување шест години поради непочитување на одлуките на меѓународниот мировен пратеник.
Додик ја отфрли пресудата, а парламентот на Република Српска забрани влез на државната полиција и судство на нејзина територија. Уставниот суд одговори со привремено суспендирање на сепаратистичките закони за кои рече дека го загрозуваат уставниот поредок и суверенитетот на Босна.
Руте изјави дека непочитувањето на мировниот договор, уставниот поредок и националните институции на Босна е „неприфатливо“.
Тој се повика на Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, кој стави крај на војната во Босна (1992-1995), во која загинаа 100.000 луѓе. Со договорот, Босна беше поделена на два автономни ентитета – Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска – поврзани со слаби централни институции.
Според договорот, НАТО првично распореди мировни сили во Босна, кои во 2004 година беа заменети со мисијата ЕУФОР на Европската Унија. НАТО останува во поддржувачка улога и може да се врати ако мирот биде загрозен.
Кризата ги продлабочи поделбите меѓу Западот и Русија, која заедно со Србија и Унгарија го поддржува Додик. Москва ја нарече пресудата на босанскиот суд „удар врз стабилноста на Балканот“.
„Ова не е 1992 година, и нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум“, изјави Руте по средбата со тричленото Претседателство на Босна, повикувајќи ги неговите членови да „преземат одговорност“.
„Оваа земја гледа во вас тројцата. Направете ја горда на ова претседателство и решете го овој проблем“, рече тој.
Критичарите долго време го обвинуваат Додик, кој се залага за отцепување на Република Српска и нејзино обединување со Србија, дека е дестабилизирачки фактор кој ги поттикнува етничките и политичките тензии што доведоа до крвавиот распад на Југославија во 1990-тите.