Министерот за здравство Арбен Таравари во вторникот ги отфрли шпекулациите за негова оставка, нагласувајќи дека останува посветен на своите обврски во Министерството за здравство.
„Утрово се разбудив со 50 пораки со прашања дали ќе поднесам оставка, но јас сум фокусиран на работата во Министерството за здравство“, изјави Таравари на прес-конференција.
Тој додаде дека односите меѓу коалициските партнери се „добри и стабилни“ и дека продолжува со извршувањето на својата функција.
„Повеќе сум фокусиран на работите кои се важни за пациентите. Пред сè и над сè, за мене како министер е важна добрата состојба на пациентите од Кочани, но и на сите пациенти во државата“, рече Таравари.
Според него, во однос на неодамнешните медиумски извештаи за неговата наводна средба со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, не станува збор за личен состанок, туку за комуникација меѓу партиите.
„За коалициски соработки има време да се разговара. Ништо не е итно. Оставка не планирам. Односите меѓу коалициските партнери се многу добри, така што продолжувам да ја извршувам својата должност како министер за здравство“, додаде Таравари.
Во меѓувреме, организацискиот секретар на Алијансата за Албанците (АА), Гадаф Узири, преку објава на социјалните мрежи порача дека „Алијансата за Албанците и Арбен Таравари секогаш се на вистинскиот пат и во согласност со барањата на Албанците“, без да појаснува за што конкретно станува збор.
Спекулациите за евентуално напуштање на владината коалиција добија на интензитет откако новинарот Зоран Божиновски на својот профил на Фејсбук објави дека Таравари ќе се повлече од функцијата на 2 април.