27.8 C
Скопје
21 април, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКАХРОНИКА

ТРАГЕДИЈА | Пожар во дискотека во Кочани: Најмалку 51 загинат, над 100 повредени

Најмалку 51 лице загинаа, а над 100 се хоспитализирани по катастрофалниот пожар што рано во неделата избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Пожарот, според Тошковски, бил предизвикан од искри од пиротехнички средства употребени за светлосни ефекти.

„Искрите најверојатно го запалиле таванот, кој бил од лесно запалив материјал. Огнот брзо се проширил, создавајќи густ чад“, објасни Тошковски.

Министерството за внатрешни работи информира дека сите лица поврзани со организацијата на настанот се приведени, додека истрагата за причините за трагедијата е во тек. Се вршат разговори со сведоци и одговорни лица.

„Со длабока тага ја известувам јавноста дека досега животот го загубија 51 лице, а повеќе од 100 се на болничко лекување. МВР презема сите потребни мерки за утврдување на одговорноста“, изјави Тошковски, најавувајќи редовни прес-конференции за информирање на јавноста за текот на истрагата.

Реакција на институциите

На лице место се министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, кои собираат информации пред да излезат со официјална изјава. Најавено е и пристигнувањето на премиерот Христијан Мицкоски.

Според Јавното обвинителство, сите надлежни служби се на терен, вклучително и обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани. Во тек се истражни дејствија за утврдување на бројот на жртвите и повредените, како и на причините за трагедијата.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и обвинителите од ОЈО Скопје и ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети за итно постапување“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Апели за помош 

Телевизија Телма пренесе дека голем број родители бараат информации за своите деца, при што повеќето повредени се пренесени во болниците во Кочани и Штип, а дел се префрлени во клиники во Скопје.

Роднините и пријателите на повредените објавуваат фотографии на социјалните мрежи, апелирајќи за информации за состојбата и локацијата на нивните најблиски. Истовремено, се шират повици за итна медицинска помош, поради недостиг од физиолошки раствори, кислородни боци и вода во кочанската болница. Пред болницата во Штип се собраа бројни граѓани, преплавени со солзи и неверување.

Премиерот Мицкоски изрази сочувство и најави поддршка

Премиерот Христијан Мицкоски изрази длабока жалост за трагедијата, нарекувајќи го денешниот ден „тежок и многу тажен за Македонија“.

„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија. Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, најблиските и пријателите е неизмерна“, изјави Мицкоски.

Тој ги повика сите надлежни институции — здравствените служби, полицијата и локалните власти — да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.

„Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна моќ барем малку да ја ублажат болката и да им помогнат на семејствата во овие најтешки мигови“, додаде Мицкоски.

Откажани патувања и самити

Поради трагедијата, премиерот Мицкоски го одложи патувањето за Подгорица, каде што требаше да учествува на самитот на Европската народна партија (ЕПП), закажан за утре. Неговиот кабинет соопшти дека тој ќе побара одложување и на самитот за Западен Балкан, кој беше планиран за среда и четврток.

Истражните органи продолжуваат со собирање докази, а јавноста со нетрпение ги очекува официјалните наоди за причините и одговорноста за оваа трагедија.

Related posts

САД ја снабдува Украина и со противпешадиски мини

admin

Масовен руски напад со ракети и дронови врз Украина: Жртви и огромни штети

admin

Коридор 8: Скопје бара со Софија заедничко пробивање тунел

admin

Уставни измени, стратешки инвестиции и пакет реформи во наследство на новото Собрание

admin

Глобален пад на слободата на Интернет: Растечки закани врз онлајн говорот и манипулација на избори

admin

Биден: Изборите во САД догодина се битка за „душата“ на државата

admin