Генералниот секретар на НАТО, Мар Руте, пред неколку дена му стави јасно до знаење на рускиот претседател Владимир Путин дека „доколку се осмели да нападне некоја НАТО-држава, ќе се соочи со немилосрден одговор“. Затоа, влезот под овој голем безбедносен чадор се смета за инвестиција што се исплатела, особено за мала држава, како Северна Македонија, во регион со големи проблеми, каков што е Балканот.
Пишува: Џелал Незири
Република Северна Македонија (РСМ) денес го одбележува петгодишниот јубилеј од зачленувањето во Северноатлантската алијанса (НАТО) – воена и политичка структура која брои 32 земји-членки и ја претставува она што денес го нарекуваме Запад.
Ова членство денес се докажува како визионерски потег, земајќи ја предвид војната во Украина – која започна во 2022 година, кога Русија ја изврши нејзината целосна инвазија – војната на Израел против Хамас во Појасот Газа и отворените проблеми на Балканот. Со членството во НАТО, Северна Македонија го намали руското влијание и ја зацврсти својата стратешка ориентација кон Западот, кој се очекува да биде заокружен со членството во Европската Унија (ЕУ).
Фактот што Русија не успеа да ја задржи РСМ подалеку од интеграцијата во НАТО не значи дека руското влијание тука завршува. Поранешниот руски амбасадор во Скопје, Олег Шербак, во март 2018 година изјави дека, доколку земјата се интегрира во НАТО, тогаш ќе биде легитимна цел на Русија во случај на војна меѓу Истокот и Западот. И рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го предупреди Западот дека проширувањето на НАТО со членството на Македонија ќе се сфати како провокација за Русија. Во јуни 2017 година, НАТО го прими својот 29-ти член – Црна Гора, а по РСМ членки станаа и Шведска и Финска, две земји во близина на северната граница на Русија. Медиумите известија дека членството на Црна Гора било ризичен процес бидејќи Москва поддржала обид за државен удар.
Потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година беше пречекано со ентузијазам во Брисел, но со многу резерви и сомнежи во Скопје и Атина. Од почетокот на преговорите меѓу тогашните премиери на РСМ и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, беше јасно дека 27-годишниот спор меѓу двете соседни земји оди кон конечно решение. Колку повеќе се приближуваше моментот на постигнување на историскиот договор, толку повеќе се појавуваше овој ривалитет меѓу Западот и Русија во различни форми во РСМ и Грција. На 19 ноември, парламентарното мнозинство со голем напор успеа да „убеди“ осум опозициски пратеници да ја поддржат потребата од уставни измени, кои бараат двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници. Во јануари 2019 година, Парламентот ги усвои уставните измени, а на 30 март 2020 година беше завршен процесот на ратификација на протоколите во парламентите на 29 земји-членки, по што знамето на РСМ беше подигнато во седиштето на НАТО во Брисел.
Сега, пет години подоцна, се води дебата дали тоа вредело. Како Алијанса што не е само воена, туку и политичка, НАТО не само што ја гарантира безбедноста на своите членки, туку и поттикнува култивирање на демократските вредности, борбата против криминалот и корупцијата, независното функционирање на судството, финансиската стабилност, ефективноста на јавните трошоци, економскиот раст и странските директни инвестиции. Овие елементи го сочинуваат т.н. „НАТО-ефект“, кој го почувствуваа земјите од Источна Европа и Балканот, кои повеќе од една деценија се дел од Алијансата. Во 2009 година, Албанија стана членка на НАТО заедно со Хрватска. Од тогаш, странските инвестиции се зголемија тројно, а бројот на вработени порасна од 900 милиони на речиси 1,15 милијарди. Бугарија, пак, доживеа значителен економски подем од 2004 година, кога стана членка на НАТО. Пред членството, просечната плата во оваа земја беше околу 300 бугарски лева (околу 150 евра), додека во 2018 година достигна речиси 1.200 лева (околу 600 евра).
Во Северна Македонија, исто така, странските инвестиции се зголемија тројно. Додека во 2020 година изнесуваа само 226 милиони американски долари, една година по членството тие се двојно зголемија на 551 милион долари. Трендот на раст продолжи и во 2022 година, кога беа регистрирани 780 милиони, додека 2023 година заврши со 667 милиони американски долари. Стапката на невработеност во 2020 година изнесуваше 16,4 проценти, додека во 2024 година падна на само 13,1 процент.
Се разбира, НАТО не може магично да ги реши сите проблеми на новите земји-членки, но создава стабилна основа за развој. Овие придобивки од членството во овој стабилен воено-политички систем беа земени предвид уште во 1993 година, кога Парламентот го изгласа одлуката за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
Формирана во 1949 година како одговор на заканата од Советскиот Сојуз, оваа Алијанса одигра клучна улога во зачувувањето на мирот и безбедноста на демократските земји. Важноста на НАТО се разбира особено денес, кога Русија продолжува со својата инвазија врз Украина и се обидува да го поткопа стабилноста на демократските земји во Европа.
Дилемите околу посветеноста на САД кон Алијансата, кои се појавија по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, се неосновани сè додека американскиот претседател јасно стави до знаење дека ќе го почитува Членот 5 од Вашингтонскиот договор, кој ги обврзува членките на принципот „еден за сите, сите за еден“.