Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја нарече „срамна“ и „директна провокација“ одлуката на Владата да го именува Петар Богојески за раководител на Агенцијата за европски образовни фондови, оценувајќи дека тој не е соодветен за функција поврзана со европските вредности.
Во реакција до јавноста, ДУИ соопшти дека Богојески „целата своја јавна и политичка кариера ја изгради врз навреди и омаловажувања кон Албанците“, што, според нив, го дисквалификува за позиција која има мандат да ги приближува младите до ЕУ.
„Овој чин испраќа опасна порака – дека навредите кон Албанците не само што не се санкционираат, туку и се наградуваат со државни функции“, наведува партијата на Али Ахмети, барајќи Владата да ја повлече одлуката и да ја врати, како што велат, сериозноста во институциите поврзани со европската интеграција и соживотот.
ДУИ ја критикуваше и коалицијата ВЛЕН, посочувајќи дека претходно токму тие поднеле кривична пријава против Богојески, но сега го поддржуваат неговото именување.
„Доверувањето на европски фондови на човек кој упатувал навредливи пораки до Албанците и до самата Европска унија претставува понижување за европските партнери и даночните обврзници на ЕУ“, се наведува во соопштението.
Од ВЛЕН возвратија дека критиките на ДУИ се неосновани и потсетија на минатата соработка на оваа партија со личности со слични ставови.
„Јавноста го памети од поддржувач на СЈО, реформатор на ВМРО-ДПМНЕ, до македонски националист – ама на батерии“, соопштија од ВЛЕН, додавајќи дека ДУИ треба прво да објасни како Богојески бил државен советник во Министерството за одбрана додека Талат Џафери бил на чело на институцијата.
„За разлика од ова изгубено опозициско раководство, ние не кукаме кога е тешко, туку се бориме системски да ги исправиме грешките“, велат од ВЛЕН.
Петар Богојески е назначен на местото на Марко Ѓоргиевски, кој ја водеше агенцијата од ноември 2020 година.