Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Украина би можела да се приклучи кон Европската унија до 2030 година, доколку сегашната динамика на реформите и преговорите се одржи.
Во интервју за бугарската државна телевизија БНТ, Кос изјави дека „темпото е амбициозно, но остварливо“, додавајќи дека проширувањето кон Западен Балкан останува приоритет и покрај различниот геополитички контекст.
„Секоја држава има свои специфики, но важно е да постои заемна поддршка меѓу земјите-членки. Европската Унија не смее да дозволи нови линии на поделба“, рече Кос.
Изјавата доаѓа во период на зголемена дипломатска активност околу евроинтеграциите, во услови кога ЕУ се обидува да ја консолидира својата улога на Балканот и во Источна Европа по руската инвазија врз Украина.
Влошени трансатлантски односи
Кос ја коментираше и актуелната тензија во односите меѓу ЕУ и САД, посочувајќи дека, и покрај традиционално добрите врски, Европа мора да се подготви за „поголема самостојност“.
„Има трговски недоразбирања и различни пристапи во безбедносната политика. Верувам дека ќе продолжиме да соработуваме, но можеби на поинаков начин“, рече таа, додавајќи дека трансатлантската криза може да биде можност за редефинирање на приоритетите во европската економија.
Повик за реформи во методологијата на проширување
Кос истакна дека сегашната методологија за пристапни преговори е стара повеќе од 30 години и не одговара на денешната геополитичка реалност.
„Не е доволно само да ги почитуваме формалните критериуми. Треба да бидеме поагилни и пофлексибилни. Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан треба да имаат јасна перспектива“, нагласи таа.
Комесарката додаде дека Исланд исто така размислува за повторно активирање на својот пристапен процес.
Финансиска поддршка за Украина
Европската комисија веќе одобри финансиска програма од 50 милијарди евра за поддршка на украинската економија и институции во текот на пристапниот процес.
„Војната мора итно да заврши. Бројот на жртви оваа година е драматично зголемен. Мировните преговори остануваат во рацете на САД, Украина и Русија“, изјави Кос, додавајќи дека ЕУ останува отворена за улога на медијатор доколку се создадат услови за дијалог.