Самостојна изложба на уметницата Љуљзиме Лека Муљаку, насловена „Метаморфоза II“, ќе биде отворена во Чифте амам во среда, на 2 април 2025 година, во 19:00 часот, соопштија од Националната галерија.
Лека Муљаку, која припаѓа на современата уметничка сцена и твори од 90-тите години, ќе се претстави со 50 слики во акрилна техника. Нејзиниот нов циклус „Метаморфоза II“ нуди реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности, а фигуративните композиции ја отсликуваат егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство, поврзувајќи се со присуството на жената во општеството.
Љуљзиме Лека-Муљаку е родена во Скопје во 1966 година. Дипломирала сликарство на Приштинскиот универзитет во 1985 година, а магистрирала во 2004 година со тезата „Жена за жената“. Докторирала во 2013 година и од 2004 година е редовен професор на Универзитетот во Тетово. Учествувала на повеќе од педесет групни изложби во земјата и странство, а имала и неколку самостојни изложби, меѓу кои и „Кој ја донесе Дорунтина“ и „Метаморфоза на меморијата“.
Изложбата ќе биде отворена до 13 април 2025 година, а куратор е Нарона Љума Весели.