Во Даут-пашиниот амам на 17 октомври ќе биде отворена изложбата „Континуитет како метафора 1967–2012 / 2012–2025“ на еден од најзначајните македонски скулптори, Васил Василев. Изложбата ја следи еволуцијата на неговиот творечки опус низ повеќе од пет децении работа, од раните фигуративни експерименти до современите минималистички структури.
Кураторката Викторија Васева Димеска оценува дека делата на Василев претставуваат „континуум на истрајни и инвентивни истражувања“, при што авторот низ годините ја задржува суштинската рамнотежа меѓу форма, материјал и симболика. Последниот циклус „Асоцијативни вертикали“ се опишува како резиме на неговото обликовно размислување – вертикални скулптури што комбинираат мазни и рапави, светли и темни површини, создавајќи динамична рамнотежа меѓу редот и хаосот.
Во овој циклус, Василев ги развива своите мотиви од седумдесеттите години, поедноставувајќи ја формата, но ја збогатува преку слоевита архитектоника и текстура. Неговата работа комбинира скулптура, релјеф и пиктурален пристап, при што линијата и светло-темните премини играат централна улога.
„Во најновите дела, авторот постигнува посебен вид ликовен израз што комуницира со неговите претходни фази, но со поголема густина и колористичка енергија,“ наведува Васева Димеска.
Изложбата ја организираат кураторките Маја Неделкоска Брзанова и Александра Зиновски Вилиќ, а ќе биде отворена за јавноста во наредните 30 дена.
Васил Василев е роден во 1938 година во Скопје. Студирал ликовни уметности во Љубљана и Белград, а член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1966 година. Има реализирано бројни студиски престои во Европа, Америка и Азија, а неговите дела се дел од јавни и приватни колекции во земјата и странство.


