28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Фон дер Лајен до Мицкоски: „Топката е во вашиот двор“ – ЕУ чека уставни измени за да ги отвори преговорите

Европската унија е подготвена да ги почне пристапните преговори со Северна Македонија, но последниот чекор останува на земјата – усвојувањето на уставните измени, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје, при крајот на нејзината турнеја низ Западен Балкан.

„Целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен – направете ја договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Фон дер Лајен на платформата Икс (поранешен Твитер) по средбата со премиерот Христијан Мицкоски.

Средбата во Владата помина без изјави за медиумите, а по неа Владата соопшти дека било разговарано за европската перспектива, реформските процеси, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.

Мицкоски, кој дојде на власт со евроинтеграцијата како дел од својата агенда, истакна дека Владата останува посветена на реформите и на исполнување на европските стандарди. Тој, сепак, побара „јасна и конкретна посветеност од Унијата“ како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните што со децении остануваат приврзани кон европските вредности.

Посетата на Фон дер Лајен се случува во чувствителен момент за земјата, која повеќе од две години го одложува процесот на уставни измени – чекор што треба да овозможи внесување на бугарското малцинство во преамбулата, услов што Софија го постави за отворање на преговорите. Владата во Скопје се соочува со внатрешни поделби и силен отпор во парламентот, каде што за уставните измени се потребни двотретинско мнозинство.

Покрај политичките пораки, Фон дер Лајен најави и нови економски иницијативи во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Таа потврди дека Скопје ќе стане дел од Единствената платежна зона на Европа и дека земјата ќе добие 16 милиони евра како награда за спроведените реформи.

„Во меѓувреме, ја приближуваме вашата земја до нас. Отвораме фабрика за вештачка интелигенција во Скопје, ве вклучуваме во европската платежна зона и исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“, напиша Фон дер Лајен.

Новата фабрика за вештачка интелигенција, под името „Везилка“, ќе биде национален центар за ВИ развој и истражување. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, го нарече проектот „капитален и со историско значење“ за дигиталната иднина на земјата.

Проектот, вреден околу шест милиони евра, се реализира со поддршка од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата „ЕуроХПЦ“, а е кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Центарот ќе функционира како придружна единица на европската фабрика „Фарос“ со седиште во Грција, што ќе им овозможи на македонските истражувачи и стартапи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.

Фон дер Лајен во Скопје се сретна и со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието Африм Гаши. Таа ја заврши својата регионална турнеја во Македонија, по посетите на Албанија, Црна Гора, Србија, Косово и Босна и Херцеговина.

 

Related posts

Помалите партии ја тресат власта, премиерот уверува дека има мнозинство

admin

Што договараат Ким и Си? Светот внимателно ја следи ретката посета на Пјонгјанг

admin

Германската економија продолжува да тоне

admin

Околу 200 илјади луѓе ни работат, ни бараат работа

ninja

Алијансата испраќа сигнал до Москва со BALTOPS 2026

admin

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла тврдењата на СДСМ за фаворизирање и прекумерни трошоци во Министерството за култура

admin