28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Битка за Струмица: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во трка за бастионот на социјалдемократите

„СДСМ се враќа и ќе победи,“ порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на митингот во Струмица под мотото „Се бориме за нашиот дом“. Настанот се одржа во град кој повеќе од две децении важи за бастион на социјалдемократите, пишува Дојче Веле.

„Од тука тргнаа политичари кои ја менуваа државата. Од тука секогаш се раѓала надежта. Затоа, од овој плоштад, ја испраќаме најсилната порака – СДСМ се враќа,“ рече Филипче пред поддржувачите.

Тој порача дека Струмица останува симбол на отпорот. „Во Струмица не поминуваат лагите и манипулациите на власта,“ додаде тој.

Мицкоски: Струмица крева глава

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот одржан на 5 октомври, најави дека „Струмица се ослободува од стегите на фамилијата која го зароби градот“.

„Ќе победиме затоа што Струмица крева глава, се ослободува од стегите што ја држеа во место цели две децении,“ изјави Мицкоски.

За него, градот е симбол на борбата и достоинството. „Струмица не е ничија приватна сопственост,“ рече тој, додавајќи дека е време за промени.

На локалните избори закажани за 19 октомври, граѓаните на Струмица ќе избираат меѓу четворица кандидати:

  • Петар Јанков (ВМРО-ДПМНЕ)

  • Марјан Даскаловски (СДСМ)

  • Ристо Цасконоје (Единствена Македонија)

  • Драган Котуровиќ, независен кандидат

СДСМ реши да не го кандидира актуелниот градоначалник Костадин Костадинов, и покрај неговите тврдења дека водел во анкетите. Наместо тоа, партијата му ја довери трката на Даскаловски, претседател на Општинскиот совет и бизнисмен од приватниот сектор.

Дваесетгодишен бастион

Од 2005 година, Струмица е под раководство на СДСМ. Градоначалници беа Зоран Заев, Коста Јаневски и Костадин Костадинов.

ВМРО-ДПМНЕ има цел да го врати градот по две децении, што би било симболична победа на локалните избори.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека Струмица, заедно со скопските општини Карпош и Центар, ќе бидат најинтересни за следење во македонскиот политички блок.

„Појавувањето на поранешни функционери на СДСМ во кампањата покажува дека тие повеќе гледаат кон тоа што ќе се случува по изборите,“ изјави Арсовски.

Во албанскиот блок, додава тој, главната битка ќе се води во Тетово и Чаир, каде што се очекува неизвесна трка меѓу ДУИ и ВЛЕН.

Тетово и Чаир – тест за албанскиот политички кампус

Аналитичарите предвидуваат дека победите во Тетово и Чаир ќе ја дефинираат политичката тежина меѓу ДУИ и ВЛЕН.

„Ако ВЛЕН победи во овие две општини, ќе пропадне наративот на ДУИ дека ВЛЕН се делегитимирани,“ оценува Арсовски. „Но, ако ДУИ ја задржи контролата, тоа ќе создаде посериозни политички последици.“

Аналитичарот Џелал Незири вели дека урбаните општини како Скопје, Центар и Куманово се клучни за мерење на расположението на гласачите.

„Скопје е индикатор која партија има поддршка. Според анкетите, ВМРО-ДПМНЕ има предност, но не е сигурно дали победата ќе биде во првиот или вториот круг,“ рече Незири.

Тој додаде дека „битката за примат во опозицијата“ се води меѓу СДСМ и Левица. „СДСМ е во криза, Левица во подем – што може да доведе до ’пасокизација’ на социјалдемократите,“ вели тој.

Локални избори со национален влог

Според Незири, овие избори ќе покажат не само која партија ќе ја контролира локалната власт, туку и кој ќе го има политичкиот легитимитет на национално ниво.

„Резултатите ќе одговорат на прашањата дали ќе има предвремени избори, консензуална влада за ЕУ, и кој е вистинскиот претставник на Албанците во централната политика,“ додава Незири.

И двајцата аналитичари се согласуваат дека локалната власт останува зависна од централната.

„Потребни се длабоки реформи – редизајн на општините, вистинска децентрализација и финансиска автономија,“ вели Незири. „Без тоа, општините ќе останат административни продолженија на централната власт.“

Related posts

Сиљановска-Давкова: Можеби Мицкоски и Савески се пријатели

admin

Украински тим лета во САД на средба со Рубио и Кушнер по оставката на Ермак

admin

За учебници нема време, за лекција до родителите – има!

admin

ДУИ ја засилува реториката против „олигарсите“

admin

Курти не се појави во Специјалното обвинителство, ризикува казна или притвор

admin

Убедлива победа на Рама, освојува над 50% од пратениците

admin