Албанската опозициска коалиција ВЛЕН се соочува со сериозна политичка криза по одлуката на крилото предводено од Арбен Таравари да настапи самостојно на локалните избори, надвор од коалициските листи. Политичкиот аналитичар Џелал Незири ја оценува оваа поделба како штетна за албанскиот политички спектар во Северна Македонија.
„Не е добра вест за Албанците што една коалиција како ВЛЕН се распаѓа на ваков начин. Крилото на Алијансата за Албанците, водено од Таравари, донесе политичка рамнотежа меѓу албанските партии. Неговото излегување од коалицијата ја нарушува оваа рамнотежа и го слабее политичкото дејствување и застапување на Албанците,“ изјави Незири за МТВ2.
Тој предупреди дека внатрешните судири во опозицискиот албански блок може негативно да влијаат врз заложбите за унапредување на правата и позицијата на Албанците во институциите.
Поприродно е обединување со Села отколку соработка со ДУИ
Незири смета дека, по раздвојувањето од ВЛЕН, можното политичко обединување меѓу Таравари и Зиадин Села би било поконзистентно отколку коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ), со која ВЛЕН имаше долгорочен политички судир.
„Обединување меѓу Таравари и Села би било поприродно и логично од политички аспект. Соработката со ДУИ е речиси невозможна и би била вештачка, со оглед на долгогодишниот конфликт меѓу нив. Таков сојуз е замислив само во одредени општини и тоа во вториот круг на локалните избори,“ рече Незири.
Можно преструктуирање на Владата поради кризата во ВЛЕН
Незири исто така оцени дека политичката криза во ВЛЕН може да доведе до промени и во владината структура. Според него, пред локалните избори може да има реконструкција на Владата, не само поради нејасната позиција на Алијансата за Албанците, туку и поради слабите резултати на одредени министри од коалициските партнери.
Политичката тензија во ВЛЕН ескалираше откако Алијансата за Албанците најави дека ќе настапи самостојно на локалните избори. Лидерите на останатите коалициски партии – Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши – оценија дека со овој чекор Таравари се самоисклучил од коалицијата и најавија дека ќе бараат неговото повлекување од Владата.
Од своја страна, Таравари негираше дека ја напуштил коалицијата ВЛЕН и истакна дека останува отворен за соработка и на локалните избори. Тој појасни дека преговорите за учество во Владата ги водел директно со мандатарот и дека нема намера да се повлече од извршната власт.