Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот, два водечки синдикални сојуза во Северна Македонија – Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) – се најдоа на спротивставени страни околу начините на застапување на работничките права и односот со Владата.
ССМ најави протест во Скопје за 1 мај, критикувајќи ги ниските плати и недостигот на вистински социјален дијалог. Наместо традиционален марш, синдикатот ќе протестира против, како што велат, најниските работнички примања во регионот.
„Нашите барања не започнуваат денес и нема да завршат утре. Протестот е начин да се покаже незадоволство од платите,“ изјави Дарко Трендафилов од ССМ.
КСС, пак, нема да учествува во протестот, наведувајќи дека води конструктивен дијалог со Владата, и покрај тоа што Економско-социјалниот совет не функционира. Од таму велат дека се очекува покачување на платите во јавниот сектор, но ја обвинуваат ССМ за блокирање на процесите.
„Постои подготвеност од Владата за зголемување на платите, но токму оние кои протестираат го попречуваат тоа,“ изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Судирите меѓу синдикатите кулминираа со меѓусебни обвинувања. ССМ тврди дека не постои вистински социјален дијалог и обвинува дел од синдикатите дека се претвораат во продолжена рака на Владата.
„Кога синдикати поддржуваат владини политики, тоа е на штета на работниците. Сега сме под притисок да прифатиме Општ колективен договор што ги укинува правата на 130.000 работници,“ рече Трендафилов.
Дополнително, ССМ најави дека ќе ги следи цените на основните прехранбени производи, по истекот на владината мерка за скалести маржи, и ќе побара државна интервенција доколку забележи покачувања.