12.8 C
Скопје
22 април, 2025
Inbox7.mk
КУЛТУРАНАСЛОВНА

Марио Варгас Љоса: Џинот на латиноамериканската литература со удар кој одекна

Марио Варгас Љоса, кој почина на 89-годишна возраст во родниот Перу, беше колосална фигура во латиноамериканската литература и култура, ретко избегнувајќи контроверзии, јавува Би-Би-Си.

Со над 50 дела зад себе, многу од нив преведени на десетици јазици, Варгас Љоса ја доби Нобеловата награда за литература во 2010 година, кога жирито го нарече „божјо надарен раскажувач“. Неговите прикажувања на авторитаризмот, насилството и мачизмот, исполнети со богатиот јазик и слики, го вклучија меѓу ѕвездите на „Бумот“ на латиноамериканската литература што му донесе глобално внимание на континентот.

Првично склон кон левичарски идеи, со текот на времето се разочара од револуционерните движења во Латинска Америка и во 1990 година неуспешно се кандидираше за претседател на Перу со централно-десничарската коалиција.

Роден е во 1936 година во средна класа во градот Арекипа, јужен Перу. По разделбата на неговите родители кога бил бебе, се преселил со прадедо и прабаба во Кочабамба, Боливија. Се вратил во Перу на 10 години, а на 16 ја напишал првата драма – „Бегството на Инките“. Дипломирал на Универзитетот во Лима, студирал во Шпанија, а потоа се преселил во Париз.

Првиот роман „Времето на јунакот“ (1962) бил остра критика на корупцијата и злоупотребите во перуанските воени училишта. Воени генерали во Перу го осудија делото, еден дури го нарече Варгас Љоса „дегенеративен ум“.

Романот се темелел на неговото лично искуство во Воената академија Леонсио Прадо, која ја опиша како „екстремно трауматично“. Училишната управа, според него, запалила 1.000 примероци од книгата.

Следниот роман „Зелената куќа“ (1966) опишуваше врски меѓу сводници, мисионери и војници околу еден бордел во пустината и џунглата на Перу. Овие дела беа клучни во основањето на „Латиноамериканскиот бум“ – книжевно движење од 1960-тите и 1970-тите, познато по експерименталноста и политичката експлицитност.

Еден од водечките автори на тој бум беше и Габриел Гарсија Маркес. Но, двајцата не разговараа со децении откако Варгас Љоса го удри со тупаница во лице Гарсија Маркес во едно кино во Мексико, 1976 година. Причините се различно толкувани – од љубовен триаголник до несогласувања за Куба и Фидел Кастро.

Се помирија во 2007 година. Во 2010 година, Варгас Љоса стана првиот јужноамерикански добитник на Нобелова награда за литература по Гарсија Маркес (1982).

Голем дел од неговата работа беше поврзан со нестабилноста и насилството во Латинска Америка во втората половина на 20 век. Во „Разговор во Катедралата“ (1969) ја раскрива диктатурата на Мануел Одрија (1948–1956), покажувајќи како ги разорува животите на обичните луѓе.

Иако првично го поддржувал Кастро, Варгас Љоса се оддалечи од комунистичкиот режим по случајот со поетот Ерберто Падилја, кој во 1971 година беше затворен за критики кон кубанската власт.

Во 1983 година, тој беше именуван за претседател на комисијата која го истражуваше масакрот во Учуракај, каде беа убиени осум новинари. Официјалната верзија винеше локални селани, но критичарите сметаа дека масакрот е извршен од антипартизанските сили на државата.

Во 1990 година, Варгас Љоса се кандидираше за претседател со неолиберална програма, но беше поразен од Алберто Фухимори, кој владееше десет години.

Сепак, тој продолжи да ја разобличува државната тиранија преку литературата. Романот „Гозбата на козата“ (2000), посветен на диктаторот на Доминиканската Република Рафаел Трухиљо, доби признанија од Нобеловиот комитет за прикажувањето на „структурите на моќ“ и индивидуалниот отпор и пораз.

Некои негови дела беа адаптирани за филм, како „Тетка Јулија и писателот на сценарија“, претворен во филмот „Tune in Tomorrow“ (1990).

Во подоцнежните години пишуваше и за историски личности како ирскиот националист Роџер Кејсмент („Сонот на келтот“, 2012).

Живееше во Перу и во Мадрид. По разводот од сопругата со која беше во брак 50 години, започна врска со шпанско-филипинската јавна личност Изабел Прејслер – мајката на пејачот Енрике Иглесијас.

Често беше критикуван поради контроверзни изјави. Во 2019 година беше осуден за тврдењето дека зголемувањето на убиства на новинари во Мексико е последица на „претерана слобода на медиумите“. Во 2018 година, во колумна за „El País“, го нарече феминизмот „најодлучен непријател на литературата“.

“Почина во Лима на 13 април, опкружен од семејството и во мир“, соопшти неговиот син Алваро Варгас Љоса.

Со неговата смрт, замина и последната голема ѕвезда на латиноамериканскиот книжевен бум.

 

 

Related posts

Ремонт на „балансерот“ за државно вработување или целосна замена?

admin

Тендери без критериуми во Државна лотарија во времето на Перпарим Бајрами

admin

Колку криминалци барани со потерница се шетаат низ земјата?

admin

ИНФОГРАФИК Мажите најкратко живеат, годините на КОВИД-19 со поголем број на умрени

admin

Северна Македонија одбележува пет години од членството во НАТО

admin

Јаневска: Откриени нерегуларности на универзитетите во Тетово, Струга, Охрид…

admin