Додека трговската војна меѓу Кина и САД ескалира, Пекинг воведе ограничувања за извоз на клучни редки земјени минерали и магнети, со што зададе значаен удар врз американската индустрија и истовремено го покажа степенот на зависност на Вашингтон од овие ресурси, јави Би-Би-Си.
Во обид да ја зајакне домашната индустрија, американскиот претседател Доналд Трамп неделава наложи на Министерството за трговија да подготви мерки за зголемување на производството на критични минерали и намалување на увозната зависност. Но, зошто ретките земји се толку важни и какво влијание можат да имаат врз трговската војна?
Што се ретки земји и зошто се важни?
Ретките земји се група од 17 хемиски слични елементи кои се од суштинско значење за производството на висока технологија — од магнети за звучници и компјутерски хард дискови, до мотори на електрични возила и авиони.
Иако тие не се толку ретки во природата, сложеноста на нивната преработка и ризиците од радиоактивност ги прават скапи и еколошки контроверзни за експлоатација.
„Сѐ што може да се вклучи или исклучи веројатно содржи ретки земји“, вели Томас Крумер, директор на Ginger International Trade and Investment.
Овие материјали се клучни и за медицински уреди, како ласерска хирургија и МРИ, но и за воена технологија.
Контролата на Кина
Кина држи скоро монопол и во експлоатацијата и во преработката на редките земји. Меѓународната агенција за енергија (IEA) проценува дека Кина учествува со околу 61% во глобалното производство и со 92% во преработката на овие материјали.
Процесот на преработка е скап и загадувачки, а присуството на радиоактивни елементи ги одвраќа земјите во ЕУ и други региони од сопствено производство.
„Кина ги градише своите капацитети со децении, често на сметка на животната средина и работничките права“, вели Гевин Харпер, истражувач на критични материјали од Универзитетот во Бирмингем.
Во 1992 година, поранешниот кинески лидер Денг Сјаопинг изјави: „Блискиот Исток има нафта, а Кина има ретки земји“, алудирајќи на геополитичкото значење на овие ресурси.
Нови ограничувања
Во одговор на американските тарифи, Пекинг овој месец воведе контроли за извоз на седум „тешки“ ретки земји — група на минерали кои се помалку застапени, потешки за преработка и особено важни за одбранбената индустрија.
Од 4 април, компаниите во Кина мора да обезбедат специјални дозволи за извоз на овие минерали и магнети. Како потписник на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, Кина има право да контролира трговија со производи со „двојна употреба“.
Според Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), САД се особено ранливи, бидејќи во моментов немаат капацитет за преработка на тешките ретки земји надвор од Кина.
Последици за САД
Извештај на Геолошкиот институт на САД покажува дека меѓу 2020 и 2023 година, САД се потпирале на Кина за 70% од увозот на редки земјени соединенија и метали.
Овие минерали се суштински за производство на ракети, радари и компоненти за борбени авиони, како F-35, но и беспилотни летала како Predator.
„Влијанието врз американската одбранбена индустрија ќе биде значајно“, вели Крумер.
Исто така, последиците ќе ги почувствува и цивилната индустрија. Производителите, особено во одбраната и високата технологија, може да се соочат со недостиг и одложувања во производството.
„Цените ќе скокнат, а трошоците за компоненти — од паметни телефони до воена опрема — ќе се зголемат“, вели Харпер, додавајќи дека ова може да резултира со забавување на производството во САД.
Ако ограничувањата продолжат, САД би можеле да се обидат да ги диверзифицираат синџирите на снабдување и да го зголемат домашното производство — но тоа бара значајни инвестиции, технолошки развој и повисоки трошоци од досегашната зависност од Кина.
Ова прашање веќе е на радарот на Трамп, кој нареди истрага за националната безбедност поврзана со зависноста од критични минерали.
„Претседателот Трамп препознава дека прекумерната зависност од странски критични минерали може да ги загрози одбранбените капацитети, инфраструктурниот развој и технолошките иновации на САД“, се наведува во наредбата.