27.8 C
Скопје
21 април, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Предлог-измените на Законот за градење предизвикаа загриженост за можна приватизација на државни објекти

Предлогот на Владата за измени на Законот за градење предизвика реакции во јавноста поради можноста дел од државните објекти да преминат во приватна сопственост. Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, изјави дека со предложените измени не се предвидува приватен инвеститор да стане сопственик на државен објект, но експерти изразуваат сомнежи.

Според Николовски, измените имаат за цел да овозможат довршување на објекти како Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Факултетот за физичка култура (ФФК), новата зграда на Народна банка и спортската сала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој рече дека законот е насочен кон објекти што со години не се завршени, нарекувајќи ги „лоши споменици на претходни неуспешни обиди за изградба“.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски најави продолжување на дел од проектите од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Критики се однесуваат на член од предложените измени што предвидува државни институции и јавни претпријатија да може да го пренесат правото на градба на приватни субјекти преку тендери. Според предлог-законот, критериум за избор на изведувач ќе биде процентот од бруто развиената површина што ќе ѝ се врати на државата по изградбата.

Министерот Николовски тврди дека преносот се однесува исклучиво на изведувачи, не на инвеститори, и дека државата ќе остане сопственик на објектите.

„Изведувачот ќе наплати за извршените работи од државата. Не станува збор за пренос на сопственост,“ рече тој.

Архитект Мартин Пановски, поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, не се согласува со толкувањето на министерот. Според него, измените дозволуваат приватни фирми да добијат дел од објектите.

„Ако приватната фирма добие право на градба, таа може да задржи, на пример, 70% од објектот, а 30% ќе му припадне на државниот субјект,“ вели Пановски за РСЕ, предупредувајќи дека ваквата регулатива отвора простор за јавнo-приватни партнерства со нејасни критериуми и можни злоупотреби.

Тој смета дека промените се направени со конкретни објекти во предвид, како Универзална сала, и дека државата на тој начин признава дека нема капацитет да ги заврши проектите самостојно.

Во образложението на законот се наведува дека измените се потребни поради недоволна екипираност на институциите, административна неефикасност и нејасни законски одредби што го попречувале довршувањето на започнати градби.

„На пример, Министерството за образование треба да распише нов тендер и да обезбеди ново одобрение за изградба на ФИНКИ, бидејќи постојниот договор и дозволата истекоа,“ изјави Николовски.

Тој додаде дека новите одредби овозможуваат и пренос на носител на дозволата за градба меѓу институции, на пример, за проектот за жичарата на Водно, каде Министерството за транспорт ќе го пренесе правото на СОЗР.

Проектите ФИНКИ и ФФК досега ја чинеа државата над 20 милиони евра. Објектот на Народната банка, дел од проектот „Скопје 2014“, требаше да чини 23 милиони евра, а досега се исплатени 15 милиони евра за околу 60% завршени градежни работи.

Изградбата на браната „Коњско“ кај Гевгелија, започната во 2017 година, се очекува да биде завршена со новите законски измени. Првиот проект за браната датира од 1979 година, со вкупна инвестиција од 40 милиони евра.

 

Related posts

Меџити: Писмата на Ахмети – празни муабети

admin

ЦЕНИТЕ НА СТАНОВИТЕ РАСТАТ – ИНТЕРЕСОТ СТАГНИРА

ninja

Протест: „Собранието заседава – ве молиме за галама“

admin

Харис или Трамп – сите погледи вперени во САД

admin

САД ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ДА ВОВЕДУВААТ САНКЦИИ НА БАЛКАНОТ

ninja

Џо Бајден ќе го посети Израел

admin