Судскиот совет на денешната седница ги избра Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска, судии од Апелациониот суд Скопје, за кривични судии на Врховниот суд. Маја Маркова беше избрана за граѓански судија во истиот суд, додека тројца други кандидати не добија потребна поддршка.
Јетмир Ајдини Бошњаков и Наташа Савовска Димитровска од Апелациониот суд Скопје, како и Рафиз Идризи од Апелациониот суд Гостивар, не беа избрани поради, како што наведоа дел од членовите, „недостаток на интегритет и кредибилитет“.
Изборите следеа по огласот објавен во Службен весник за шест судиски позиции – три во кривична и три во граѓанска област. Според претседателот на Советот, Александар Камбовски, Комисијата при Советот доставила конечна ранг-листа на кандидатите.
Членката Весна Дамева побара изземање од изборот на кривичните судии, наведувајќи можен конфликт на интереси – двајцата избрани судии учествувале во предмет поврзан со нејзиниот сопруг. Таа исто така побара поништување на огласот за избор на судии во граѓанската област, сметајќи дека изборот не може да биде објективен под моменталните околности.
„Станува збор за унапредување на судии во највисокиот суд во државата. Јас нема да го дадам мојот глас во овој момент и овие околности за ниту еден кандидат“, изјави Дамева.
Претседателката на Комисијата, Павлина Црвенковска, оцени дека не постојат законски пречки за изборот. „Околностите за некои кандидати не можеме јавно да ги споделиме, но тоа не е пречка да се спроведе изборот,“ рече таа.
Предлогот на Дамева за поништување на огласот беше одбиен со 10 гласа „против“ и два „за“. По ова, изборот продолжи.
На истата седница, Советот избра судии за неколку основни судови низ државата. Наташа Андреева е избрана за судија во Основен суд Велес, а Дерим Полиси во Основен суд Струга. Во Основен граѓански суд Скопје се избрани: Емилија Борисавлевиќ Александровска, Јасна Ушковска, Звезда Илиеска, Елена Лукарева, Марко Кржаловски, Софче Китанова Проданов и Маја Гроздановска.
За судии во Основен кривичен суд Скопје се избрани: Александра Адеми, Берниса Рахиќ, Ирена Јаниќ, Роберт Митевски, Билјана Тодоровска, Сулејман Сулејмановски, Сибил Сефејдинова, Фатус Јусуфи и Фитим Лога.
Мирослав Георгиевски е избран за претседател на Основен суд Кратово со 12 гласа „за“.