Алијанса за Албанците останува во ВЛЕН, но ќе оди на локалните избори со посебни листи за советници. Извесно е дека таа одлука ќе се одрази меѓу партнерите во коалицијата, кои се залагаа за обединет ВЛЕН.
Алијанса за Албанците ќе излезе со сопствена листа за советници за локалните избори во Северна Македонија, а од почетокот на мај почнува на терен да ги формира своите штабови. Ова е заклучокот на Централното претседателство на АА предводена од Арбен Таравари, од синоќешната седница одржана во Тетово.
На прашањето дали оваа одлука ќе влијае на односите во коалицијата ВЛЕН, партискиот претседател на АА образложи дека за посебни листи се залагале уште лани.
„Овој наш став е од јули минатата година, целиот период инсистиравме да одиме со посебна листа“, рече тој.
Заклучокот го опиша како чин за кој немало никакви дилеми.
„Невидено единство во Алијанса за Албанците, како никогаш порано“, оцени Таравари.
И покрај одлуката за изборна трка со посебни листи за советници, Таравари вели дека Алијанса за Албанците „ сѐ уште е во ВЛЕН”.
„Ние сме сѐ уште дел од ВЛЕН. Излегуваме со наша листа за советници. Ако тие одлучат поинаку, нормално, ние на тоа ќе донесеме наша одлука понатаму“, рече Таравари.
Според него, оваа одлука не значи ниту дека планираат да излезат од Владата.
„Не планираме, бидејќи во Владата има повеќе партии, а една од нив е и Алијанса за Албанците. Така што, не гледам дека ова е причина за излегување од Владата“, посочи тој.
Нема одлука за градоначалниците
За разлика од заклучокот за изборен настап со сопствена листата за советници, Таравари вели дека сѐ уште немаат одлука за кандидатите за градоначалници.
„Заклучокот на Централното претседателство, каде што беа присутни и претседатели на ограноци, е дека Алијанса за Албанците во овој период се обиде да побара алатка за избор на кандидатите на ВЛЕН за градоначалници – да биде со анкети, сондажи… Меѓутоа тоа беше одбиено“, обелодени тој.
Смета дека ако седнат четири-пет претседатели на партии или работни групи, и тие да избираат кој која општина ќе ја земе, тоа не е начин на изнаоѓање на решение за градоначалник, бидејќи на крајот сите губат. Наведе дека за нив не е прифатлив ултиматумот што им бил даден од другите партии во ВЛЕН – до денеска да одлучат и кажат како ќе настапат на изборите.
„Локалните избори се малку поинакви. Се бара поддршка без разлика од која партија е кандидатот. Некаде можеби треба кандидатот да биде непартиски. Така што за кандидатите за градоначалници ќе видиме, за тоа – потоа“, рече Таравари.
Но, сепак, некои имиња и претходно испливаа на површина. На почетокот на април кон крилото на Травари се приклучи Исен Шабани, кој беше потпретседател на Алијанса за Албанците, но во опонентското крило предводено од Зијадин Села. За Шабани, кој е и актуелен градоначалник на Општина Врапчиште во втор мандат, од редовите на Таравари стигнаа најави дека „најверојатно“ ќе биде кандидат за градоначалник на овие локални избори, но дека за тоа треба да реши партиското Собрание.
Според Таравари, на Алијанса за Албанците пред десетина дена од партнерите во ВЛЕН и биле понудени 35% од општините.
„За градоначалниците ќе видиме каде имаме интерес со ВЛЕН, каде имаме друга партија, каде ќе бараме можна поддршка од некој друг, но за советничките листи, ако не излеземе заедно со ВЛЕН, тогаш листите ќе бидат посебни“, навести Таравари пред десетина дена.
Меџити: Сами да разјаснат
За ваквите најави, по кои е нејасно од каде ќе биде „поддршката од друг“, првиот вицепремиер и еден од лидерите во ВЛЕН, Изет Меџити, рече дека очекува да се расчисти таа ситуација.
„Сами да разјаснат дали се дел од ВЛЕН или одат со ДУИ“, рече Изет Меџити.
„Ако сега некој ја анализира ситуацијата, единствена можност ДУИ да се врати во власта е поделба на ВЛЕН. За ваквата состојба придонесоа и кругови однадвор“, рече Меџити.
Потсетувајќи на минатите искуства, тој предупреди дека поделбата на Албанците во повеќе табори само го дефакторизира албанскиот глас. За ВЛЕН да остане обединета, од коалицијата на АА и понудиле максимум при поделба на општините.
„Ја фаворизиравме АА, за која господинот Таравари дури и во медиумите наведува дека му понудиле 35%. До денес не сме разговарале што ќе добие Демократското движење или другите партии, туку разговаравме само за фаворизирање на Алијансата, за ВЛЕН да остане обединет“, изјави Меџити.
Според него, не е реална опцијата што ја споменува Таравари, дека би можел сам да излезе на локални избори.
„Тие го знаат тоа, и ние го знаеме. Тоа е исто како јас да кажам дека утре сам ќе одам со Демократското движење, а нема да излезам сам освен ако немам прикриена поддршка“, рече тој.
„Ние ја сакаме Алијансата во ВЛЕН, но не Алијансата што ја има и ДУИ како опција. Тогаш се губи смислата на промената“, рече Меџити, со оценка дека коалицијата ВЛЕН ќе излезе поконсолидирана од целата оваа ситуација.
АА е за конструктивна соработка
Околу можноста за соработка и соединување со крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села, Таравари вчера одговори дека сите се добредојдени.
„Оваа куќа е отворена и голема. Знаете, Исен Шабани дојде пред 10 дена. Многу активисти се дојдени кои што биле во Алијанса, многу коишто апстинирале три-четири години се враќаат, куќата е голема и добредојдени се сите“, одговори тој.
Извесно е дека одлуката на АА ќе се одрази во односите со партнерите во ВЛЕН, со оглед дека од нив и претходно беа упатувани пораки за зачувување на единството. Лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами, неодамна оцени дека најголем губитник ќе биде оној што ќе ја напушти коалицијата, алудирајќи на Таравари.
„Народната поговорка вели – ‘тој што ќе се оддели од групата, ќе го изеде волкот’. Верувам дека таа логика ќе надвладее и дека ВЛЕН ќе остане обединет“, изјави Касами.
На прашањето околу таквите изјави од партнерите во ВЛЕН, Таравари вчера одговори дека од неговата партија не кажале ништо лошо за нив.
„Ние како партија, сите членови, повеќето да речам, не сме кажале ништо лошо за нив и ние така размислуваме политички. Секогаш треба да се оставаат врати за комуникација со сите. Меѓутоа од другата страна не беше баш така. Бевме нападнати и тоа грубо, знаете со нула, волкот, јагнето итн. Ние ќе продолжиме да бидеме конструктивни, да ги слушаме, да оставиме секогаш простор за соработка и ако може продолжување на соработката, меѓутоа ова се наши ставови за кои имаме дефинитивна одлука и нема враќање назад“, потенцираше Таравари. / DW