12.8 C
Скопје
22 април, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Тарифите на претседателот Трамп – без нужна корист дури ни за САД!

Удирајќи по ЕУ, индиректно најмногу ќе нè погоди и нас (како РСМ), затоа што нашиот извоз е главно концентриран кон ЕУ (Германија) и во автомобилската индустрија, која значително ќе се намали поради намалувањето на нивниот извоз во САД.

Пишува: Академик Абдулменаф Беџети

На 2 април, во 16:00 часот, според локално време во Вашингтон, американскиот претседател Доналд Трамп одржа јавно обраќање за оправдување на царинските бариери, со посебен акцент на трговските тарифи во монетарни вредности. Не случајно, беше избрано времето 16:00 часот, токму по затворањето на берзите за да не се потресе капиталниот пазар во неколку минути! Да се остави една ноќ со мирен сон за барем да се смират вознемирените души на капиталистите (дивите), кои живеат со и за пари дури и во текот на денот! Главното оправдување на Претседателот се базираше на филозофијата на противење на неправедните трговски практики надвор од САД кои „наметнуваат“ потреба за реципрочна трговска заштита. Ова е едно многу чудно оправдување, барем за нас економистите!

Во основните лекции од (макро)економијата уште во првата година од студии, кога ја објаснуваме потребата за заштита на домашните економии преку царински бариери и немонетарни заштитни мерки (строги критериуми за квалитет, здравствени и еколошки стандарди), една од главните причини е дека малите и слаби или „бебешки“ економии, како што често ги нарекуваме, не можат да конкурираат на евтините увози и имаат потреба од привремена заштита додека малку се зајакнат. Во случајот на САД, зборуваме за бариери од најсилната економија во светот против остатокот од светот!

Значи, неосновано како причина!

Во поддршка на ова, повеќе од 200 години постои и функционира Теоријата за компаративна предност (Дејвид Рикардо, 1817) за апсолутната и релативната предност на производите и стоките на една земја во однос на други земји. Исто така, поради тоа што од слободната трговија добиваат двете страни. Еве зошто, на пример, Канада ќе произведува поевтина и подобра пченица за да ја разменува со производството на ориз од Кина, бидејќи двете страни, во овој случај, ќе добијат ако се специјализираат и ги искористат своите природни и човечки предности. Од размената и слободната трговија на двете земји, Канада со пченицата и Кина со оризот, ќе имаат корист потрошувачите од двете држави поради повисоката продуктивност на пченицата во Канада и оризот во Кина.

Дебатите околу „наддавањето“ за висината на тарифите зошто кон некои држави се определуваат минимални тарифи од 10%, – како на пример Велика Британија, Албанија или Косово, – воопшто не се новина, туку статуси определени многу порано за т.н. држави со преференцијални економски и трговски односи. Околу половина од државите во светот го имаат овој статус, иако во нашите регионални социјални мрежи тоа се промовира со еуфорија како ние да сме единствените миленици на Трамп!

Во дебати од ваков вид има и ирационални оптимисти кои мислат дека Конгресот на САД би можел да ги поништи овие одлуки на Претседателот. Членот еден и секцијата осум од Уставот на САД му даваат на Претседателот посилни овластувања да ја заштити домашната економија во вонредни, итни околности или во ситуации кога трговските практики надвор од земјата се оценуваат како неправедни кон земјата. Во овој случај тоа и се случува – администрацијата на Трамп смета дека кон САД постојат неправедни трговски практики од други земји, па затоа Конгресот тешко може да ги поништи мерките на Претседателот.

Но, на што ја базира администрацијата на Трамп својата проценка за неправедни трговски практики на земјите извознички кон увозот во САД?

Постојат неколку причини:

Прво, чудно, кај даноците на додадена вредност (ДДВ)! Бидејќи самите САД се една од ретките земји во светот која не го применува системот на ДДВ (околу 165 земји во светот применуваат ДДВ како повеќестепен данок на потрошувачка), туку применуваат данок на крајна продажба (како што го имаа и нашите земји до почетокот на 2000-тите). Значи, концептот на данокот на потрошувачка, било едностепен (како САД, на последната карика на продажба) или повеќестепен (како речиси сите други земји на секоја карика од продажбата врз додадената вредност), ефектот е ист, бидејќи крајниот потрошувач го плаќа кумулативниот данок во цената на крајната продажба. Во овој процес, од земја до земја може да се разликуваат стапките и даночните основи, но не и конечниот ефект од едностепениот или повеќестепениот систем!

Администрацијата на Претседателот Трамп смета дека преку системот на ДДВ земјите извознички во САД го „субвенционираат“ својот извоз и ги нарушуваат пазарите, и тоа поради фактот дека извозот на стоки и услуги е безусловно ослободен од ДДВ, додека сите увози се оданочуваат со ДДВ. Дури и како истражувач на фискалните политики, со акцент и на даночните, не ми е јасно каде се заснова судењето и логиката на нарушување на пазарите кога данокот на потрошувачка (едностепен или повеќестепен) го плаќа само и само домашниот потрошувач. Дури и фискалната теорија го смета овој вид данок за најмалку нарушувачки во споредба со другите директни даноци. Ослободувањето на секој извоз од ДДВ се базира на логиката дека не можете да го оданочите однапред со потрошувачка увозникот и потрошувачот на земјата каде што ќе се консумира стоката или услугата. Навистина е зачудувачки како е можно во земја како САД со најдобрите универзитети во светот (од Топ 10, најмалку 6 или 7 се од САД), да се оправдуваат бариерите со оваа логика? Секој ден учиме од нивните книги и студираме со упатување на нивните истражувања, а кога денес читам (види пошироко: Институт Питерсон за Меѓународна Економија – Вашингтон) дека токму тие се изненадени и ни објаснуваат каде се засноваат оправдувањата на администрацијата на Трамп, не можам да сфатам како може да се случи вакво нешто!?

Второ, повторно кај даночните политики! Овојпат кај минималниот корпоративен данок (на добивка) од 15%, кој го воведе токму поранешниот претседател Бајден и мнозинството развиени земји, вклучително и оние во развој, како што е нашиот случај (РСМ, од јануари оваа година), а кој веднаш го поништи администрацијата на Трамп.

Концептот на овој данок, под услов на ниво на годишен консолидиран промет на корпоративно ниво над 750 милиони американски долари, на таканаречените неданочени добивки на мултинационалните корпорации, се заснова на поголема глобална даночна правичност. Мултинационалните корпорации што оперираат во земјите во развој, каде што стапката на данок на добивка е пониска од 15% (како што е случајот со многу земји од Југоисточна Европа), се обврзани да платат минимална даночна стапка од најмалку 15%. Ако во нивната матична земја стапката е повисока, таму ќе ја платат разликата. За подобро разбирање, на пример, корпорацијата McDonalds која работи насекаде (во над 150 земји во светот), па и во Македонија, наместо да плаќа 10%, колку што е законската стапка кај нас, ќе треба да плати минималната глобална даночна стапка од 15%. Со тоа, помала разлика ќе ѝ остане за плаќање во својата матична земја – во овој случај, САД. Најмалку што може е администрацијата на Трамп да не се грижи за ова, бидејќи тие самите можат да ја утврдат даночната стапка на добивките врз основа на нивниот фискален суверенитет на ниво што го сметаат за корисен и неопходен за нивната земја.

Каде е тука причината за неправедни политики на другите земји кон САД, кога даночните стапки на добивка се пониски отколку таму?!

Трето, кај дигиталните даноци, исто како и кај ДДВ-то, даночниот товар (tax incidence) го носат домашните потрошувачи и не создаваат нарушување на пазарната рамнотежа. Зошто САД треба да ги напаѓаат странските даноци што ги погодуваат странските потрошувачи?

Ја разбирам загриженоста за најмоќните американски технолошки компании, но нивната неспоредлива сила не е под ризик од дигиталните даноци што ги плаќаат домашните потрошувачи, бидејќи дигитализацијата нема алтернатива – дури и најсиромашните земји имаат потреба од тоа и прашање е на време! Токму овие аспекти ги оспорува и нивниот погореспоменат Институт од Вашингтон.

Значи, ни оваа основа не е логична, а уште помалку одржлива!

Четврто и најважно, надворешнотрговските бариери, кои на прв поглед изгледаат сосема логично, бидејќи се базираат на високиот трговски дефицит на САД, не значи дека економски ќе ѝ помогнат на САД. Царините, освен некоја краткорочна монетарна добивка и ублажување на фискалниот дефицит, најмногу ќе ги погодат американските потрошувачи и ќе ја искриват (дисторзираат) американската економија која главно се базира на потрошувачка. Изгледа администрацијата на Трамп смета дека царините ќе ги вратат американските производители со нивните производствени капацитети од странство назад во САД (од Кина, Мексико или друго место), но тоа тешко дека ќе се случи, и тоа поради значително повисоките трошоци за труд и даноци на доход во САД во споредба, да речеме, со Кина и Мексико.

И, за да не должиме, царините на администрацијата Трамп, кои главно се оправдуваат со неправедните трговски политики на другите земји кон САД, не се одржливи и поради фактот дека ги погодуваат земјите што главно практикуваат многу ниски трговски тарифи на увозните стоки од САД. На пример, ЕУ, според извештаите на Светската трговска организација (СТО), практикува просечна царинска стапка од околу 3% за увозите од САД, додека САД возвраќаат со десеткратно повисоки тарифи. Удирајќи по ЕУ, индиректно најмногу ќе нè погоди и нас (како РСМ), затоа што нашиот извоз е главно концентриран кон ЕУ (Германија) и во автомобилската индустрија, која значително ќе се намали поради намалувањето на нивниот извоз во САД. Од самиот факт дека ние произведуваме делови за автомобилската индустрија, и на пример, секој петти автомобил на BMW и секој шести на Mercedes се извезуваат во САД, со новите царини тие ќе се зголемат за околу 14.000 – 15.000 американски долари над досегашната цена, што секако значително ќе ја намали побарувачката. Можно е овие производствени капацитети во ЕУ да почнат да се пренасочуваат кон производство на оружје (на пример воени возила и тенкови), а ние тешко дека ќе можеме брзо да се приспособиме на тие нови можности.

Сепак, тоа се размислувања што треба да се следат за да се види какви ќе бидат ефектите, но сите горенаведени оправдувања ми изгледаат нелогични, а уште помалку типични дури и за најекстремните десничари. Дури и поранешниот претседател Роналд Реган, еден од најистакнатите Републиканци во последните четириесет години, бил жесток противник на царините и не знам што ги снашло денешните Републиканци со оваа логика на мотото „Америка прва“! Зошто треба да се бара нешто што веќе постои повеќе од еден век, освен ако не е тоа уште една голема измама на недоволно информираните маси, бидејќи, рака на срце, навистина звучи убаво!

Related posts

Со Западот или против него, уште еднаш

admin

ВИСТИНСКО ВРЕМЕ ЗА ПРЕБРОЈУВАЊЕ И ИЗЈАСНУВАЊЕ?

admin

Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и меѓуетничките односи

admin

„Остен“ и бедата и мизеријата во нас

admin

Коруптивен хаос

admin

ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО 2023 ГОДИНА?

admin